Италијанскиот тост се нарекува брускета, а нам ни е најпозната онаа која се прави со печено лепче, свежи домати и кашкавал. Но, Италијанците брускетата ја прават на десетици различни начини, служејќи се со различни намирници, а овие 10 се навистина извонредно вкусни.
Брускета со пршут и смокви
Ставете неколку парчиња леб сечен на кришки во рерна на 200 степени да се потпече, а врз него претходно ставете рендано тврдо сирење (за сите лепчиња доволни се 200 грама сирење). Врз сирењето додадете малку сол и црн пипер, а преку секое лепче (врз сирењето) ставете по една кришка пршута, над неа – две до три сечкани смокви кои претходно сте ги наросиле со мед. Печете ги лепчињата се додека сирењето не се стопи.
Брускета со модар патлиџан
Пресечете неколку парчиња леб и врз него ставете исечкан и излупен црн патлиџан кој претходно сте го свариле да омекне. На патлиџанот додадете малку ситно сечкано лукче, сол, босилек и неколку капки маслиново масло. Испечете го таквиот леб во рерна и послужете со дополнително неколку капки маслиново масло и малку пармезан.
Брускета со горгонзола (меко сирење), мед и ореви
Врз лепчињата ставете меко сирење, врз него малку сечкани ореви а врз нив мед. Печете ги во рерна додека сирењето омекне.
Брускета со моцарела и домати
Исечкајте моцарела и домати, сечканите ситни парченца измешајте ги и наредете ги врз кришките леб. Врз нив наросете маслиново масло, сол и црн пипер. Печете ги во рерна додека моцарелата не се стопи. Декорирајте со босилек.
Брускета со печурки и димен кашкавал
Исечкајте ги печурките доколку не се сечкани, и малку пропржете ги со маслиново масло, лукче и сол. Во меѓувреме наредете по парче димен кашкавал на секоја кришка леб, па врз него ставете ги пропржените печурки. Лепчињата печете ги во рерна неколку минути и послужете ги врели.
Брускета со лук и маслиново масло
Се што ви е потребно е лукче, малку сол и маслиново масло. Прво потпечете го лебот без намирници над него, потоа истријте го убаво лукот врз лебот, па наросете сол и маслиново масло.
Брускета со колбаси и кашкавал
Исечкајте ги колбасите и кашкавалот на многу ситни парченца и одлично би било ако ги изблендирате заедно. Потоа во смесата додадете ситно сечкан лук, магдонос и сол. Премачкајте ја ваквата смеса над секое лепче и ставете ги во рерна да се печат околу 15 минути.
Брускета со домати и босилек
Ова е многу едноставен рецепт и многу популарен. Пресечете парченца леб, прво испечете ги, па потоа врз него наредете ситно сечкан свеж домат, малку босилек, маслиново масло и сол.
Брускета со сушени домати и пекорино (сирење)
Пресечете ги на парченца сушените домати, во меѓувремеи пекориното сирење (може и рикота), додека лепчињата ставете ги малку да се потпечат во рерна. Потоа премачкајте ги со лук (истријте лук над секое лепче) па додадете ги сушените домати и пекориното. Вратете ги повторно во рерна уште неколку минути.
Брускета со пиперки
Прво испечете ги пиперките и излупете ги, пресечете ги на тенки ленти. Потоа ставете ги врз посебно препечените кришки леб, врз нив ставете маслиново масло и сечкан лук, босилек, сол и црн пипер.