Чоловиќ Лешоска: Репрогласувањето на НП Маврово е клучно за опстанокот на Балканскиот рис

Балканскиот рис е критично загрозен затоа под итно треба да се преземат мерки за да се заштити доколку сакаме да опстои во Република Северна Македонија. Тој се наоѓа на “црвената листа“ и според последните истражувања иако има мал пораст на неговата популација, ризиците за неговото преживување остануваат големи.

– Иако се смета за национален симбол и се наоѓа на монетите, балканскиот рис освен декларативно, всушност не се штити од страна на државата. За да постигнеме заштита, потребно е да се заштитат подрачјата во кои живее, се движи и размножува, со фокус на националниот парк Маврово. Препораките на Бернската конвенција ја препознаваат важноста и итноста за поголема легална заштита на Балканскиот рис. За жал, националниот парк Маврово сè уште не е репрогласен и нема закон, а со тоа нема ни мерки за заштита и план за управување. Дополнително, државата нема усвоено стратегија за заштита на балканскиот рис која била подготвена пред повеќе години, но за нејзиното спроведување се неопходни финансиски средства кои не се доделуваат. Фактот што државата не двои финансии за нашите заштитени подрачја при што истите се приморани приходите да ги остваруваат со сеча на шумата е алармантно и неприфатливо,   потенцираше Ана Чоловиќ Лешоска, координаторка за политики во WWF и извршна директорка на Еко-свест.

Според “црвената листа“ балканскиот рис е распространет во западните делови на земјата, по границата со Албанија. Опсегот на распространување му се движи од Шар Планина, на северозапад, па сè до Националниот парк „Галичица“, на југозапад. Живеалиштата се во листопадни и фрагментирани шуми, како и шибјаци. Во летниот период повремено се движи и по високопланинските пасишта. Тој се храни најмногу со срни, поретко со диви зајаци, дивокози, куни и лисици, а понекогаш и со диви свињи.

Леглото на рисот може да има од едно до пет мачиња, во просек од две до три мачиња. Новороденче рис тежи околу 300 грама. На три месеци, мачињата почнуваат да ја следат мајката надвор од дувлото за да јадат месо од нејзиниот улов. На десет месеци, обично околу март или април, мачињата ги оставаат своите мајки и започнуваат независен живот.

– Со самото тоа што популацијата на Балканскиот рис се проценува на 32 зрели единки, постои огромна закана за истребување на ова критично загрозено, но харизматично животно. Освен прогласување на заштитени подрачја, потребна е константна едукација на локалното население, но и истражување и мониторинг на балканскиот рис со цел да се утврдат бројноста, трендот, појавата во нови подрачја и да се врши следење со телеметрија. Македонското еколошко друштво има направено извонредни напори и постигнато големи успеси во мониторингот на балканскиот рис. Токму овие напори треба да се поддржат од државата и да се надоградат со системска и интегрирана заштита на овој значаен вид, додаде Чоловиќ Лешоска.

Заканите за рисот се бројни, а вклучуваат криволов, вознемирување од страна на луѓето, изградба на голема инфраструктура и туристички центри, загуба на живеалиштата поради прекумерна и непланска сеча на шумите и фрагментација на истите, како и загуба на пленот на рисот, како последица на горенаведените појави.

Светскиот фонд за природа (WWF Adria) го одбележува светскиот ден на заштита на рисот 11-ти јуни, и ги поканува сите љубители на дивото животно – рис да донираат за негова заштита со симболично „посвојување“ на рисот.

 

x

Check Also

ВИКЕНД: МИКА АРГАНАРАЗ ја претставува деним есенската колекција на Massimo Dutti

Модната марка „Масимо Дути„ се фокусира на Париз, Франција, во тренд-водичот за ...