Д ФИЕСТА ова лето:  Djaikovski feat. Lion D, Captain Hook, Tom Novy, Црнила Ремикс, РИБ и Sidi Wacho на Д ФЕСТИВАЛ!

Д Фестивал, најголемата фестивалска авантура кај нас спакувана во тридневно изобилство на случувања кои ја обединуваат музичката, уметничката и креативната сцена, и ова лето гарантира моќно, деветто по ред, издание кое од 12-ти до 14-ти јули ќе се одржува во Дојран. Покрај рекордниот интерес забележан со најбрзото досега распродавање на супер-промо билетите, последната потврда дека единствениот open-air музички фестивал во Македонија со секое ново издание станува сѐ посилен и помагичен, пристигнува и со новите имиња кои ја засилуваат атрактивната музичка програма на Фестивалот.

Првото засилување доаѓа од самиот врв на современата домашна сцена! Кирил Џајковски, брилијантниот македонски продуцент и композитор кој важи за еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот, се враќа на Д Фестивал не само да потврди зошто неговите настапи се секогаш најпосетените, туку oвојпат со live настап да ни го претстави новиот член на неговиот концертен бенд, вокалистот Lion D! Несомнено еден од најпочитуваните и најдокажани музички уметници од Балкан е познат по уникатната синергија која ја постигнува, вклопувајќи балкански етно влијанија и традиционален призвук со модерна електронска музика, а особено ценета е и неговата работа на филмска и театарска музика. Неодамна, по подолга дискографска пауза Џајковски се врати на сцената објавувајќи го одличниот сингл „Reminder“, за кој најави дека е само прв во низата нови синглови, што ни потврдува дека публиката на Д Фестивал ќе има привилегија премиерно да чуе дел од новата музика во живо на неговиот настап како хедлајнер на главната бина на Фестивалот.

Lake Awake бината пак, го најавува својот најсилен лајнап досега, а првото име кое потврди дека ќе ја затресе оваа бина на Д Фестивал e Captain Hook (Кептан Хук), еден од најдобрите псајтранс и прогресив транс диџеи и продуценти на сцената, кој ќе ја предводи посадата во петок, на 12-ти јули! Својата кариера тој ја започнува со настапи на андерграунд забави, а во 2003 година стана диџеј на Домо Рекордс. Истата година го започнува проектот „Quantize“ заедно со Ади Ашкенази. Дуото објавува музика за повеќе издавачки куќи, а нивниот деби албум „Time“ излегува во 2009 година за Ибога Рекордс. Во 2010 Captain Hook започнува соло кариера, а кон крајот на минатата година го објави албумот „Origin“. Сега, по настапите на најрелевантните светски фестивали за транс музика како Озора, Универсо Паралело, Бурнинг Мен, Дримстејт и многу други, Captain Hook конечно го носи својот уникатен и експериментален звук и пред македонската публика, на Д Фестивал во Дојран.

Веќе следниот ден, саботната вечер на Lake Awake, од песоците на Ибица доаѓа Tom Novy (Том Нови), еден од најуспешните германски хаус диџеи и продуценти присутен на сцената повеќе од 20 години, чија музичка кариера започна во 90-тите! Со неговите синглови „Your Body“, „I House U“, „Superstar“ и други тој се искачи на топ 10 диџеј листите ширум светот, а низ годините настапувал во „најжешките“ клубови и најголемите фестивали на светот. Цели 14 години беше резидент диџеј во Space Club, а четири години беше и домаќин на наградуваниот серијал настани TIMELESS во LIO клубот на Pacha Group.

Ново засилување пристигнува и на Mosquito сцената. Од три различни континенти ни доаѓаат Sidi Wacho (Сиди Вачо), музичка авантура на шест музичари од Чиле, Алжир, Перу и Франција. Нивните таленти и диви ритмови, како и комбинацијата на кумбија и хип хоп, се придружени од текстови на француски, арапски, шпански и португалски. Преку својата музика, Sidi Wacho ги потенцираат социјалните проблеми како класно општество, расизам и империјализам, истовремено кревајќи глас за соединување и бунтовност.

Исклучително несекојдневен настап кој доаѓа на Mosquito е и првата  хип хоп театарска претстава, „Црнила Ремикс“. Соработката меѓу „Зад Аголот“, режисерот Јордан Симонов и младата актерска трупа, претставува поинакво видување на класичната драма напишана од Коле Чашуле, сместено во контекстот на урбан хип хоп албум. Овој перформанс е сублиминален – меѓу класична театарска драма и хип хоп супкултурата. Ова е првиот и засега единствен хип хоп перформанс во регионот.

Триото РИБ неодамна го објави својот трет, истоимен албум и сè уште ужива во позитивните коментари. Албумот беше одлично пречекан и од публиката, и од критичарите. Домашните и регионалните музички магазини не беа скромни со пофалби за триото, а српскиот магазин Before After за него рече дека „води на патување низ секакви меридијани, минати и идни времиња, различни емотивни состојби“.

Настрана од новиот бран најавени изведувачи, својот настап на Д Фестивал претходно веќе го потврдија и Noisia (Ноизиа), Ofenbach (Офенбах), Napalm Death (Напалм Дет), Војко В и Страјк. 

И ова е далеку од сѐ, затоа што наскоро нѐ очекуваат уште многу новости од програмата за ова лето во чии рамки Д Фестивал ќе биде домаќин на повеќе од 80 музички изведувачи и уште повеќе специјални гости, уметници, креативци, активисти и изложувачи во дополнителната програма која секоја година се одвива во ПЛОШТАРТ зоната на фестивалот.

Во моментов актуелна е промо-цената на влезниците за Д Фестивал 2019 која изнесува 800 денари (три дена без кампување) и 850 денари (три дена со кампување), а за оние кои доаѓаат на Д Фестивал со своето друштво, сè уште трае и Најдругарската Д акција за групно купување на билетите, а со која за 4 купени влезници онлајн, петтата ја добивате на подарок. Поради огромниот интерес за Фестивалот, покрај фестивалските т.е. тридневните влезници, веќе се пуштени во продажба и еднодневните влезници кои исто така се достапни со промотивна цена: 400 денари. Билетите се достапни во продажната мрежа на МкТикетс и онлајн на dfestival.mk/bileti.

 

x

Check Also

Во сабота започнува првиот фестивал на улична храна “Вкусот на Скопје”!

Викендов започнува долгоочекуваниот фестивал на улична храна “Вкусот на Скопје”, во организација ...