д-р Гуржанова: Во Њуборн клиниката не се штеди за нова метода, техника или апарат за поуспешна работа

„Нашите ембриолози веќе беа на обука за биопсија на клетки од ембрион за генетско испитување на ембрионите со цел да се враќа само здрав ембрион, со тоа ќе се намалат обидите на ин витро, како и бројот на трансферирани ембриони. Најпосле, ќе се намалат и трошоците на пациентите“ – вели д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист, во Центарот за плодност „Newborn Clinic“.

Млада, амбициозна и успешна докторка, сепак, ја оставивте зад вас кариерата која ја градевте на Клиниката за гинекологија за да влезете во голем предизвик – го основавте Центарот за плодност „Newborn Clinic“. Каква идеја стоеше зад овој смел чекор?

 – Клиниката за гинекологија и акушерство беше мојот дом, таму го научив занаетот, таму стекнав работна етика и кон моите пациенти и кон моите колеги, односно и едните и другите научив да ги доживувам како мое семејство, моја мисија пред која имам огромна одговорност. Во еден момент се видов себе си како стојам подолго време на професионално плато, немаше напред, тапкав во место и се одлучив на многу ризичен чекор, да дадам отказ од работното место и да се посветам комплетно на нешто ново, иако тоа ново сѐ уште немаше јасен облик. Беше многу збунувачки и за домашните, како и за моите колеги, зошто го направив тој чекор, но сметав дека за да се постигне успех мора комплетно да се предадеш на тој зададен проект. Во исто време, се обучував за субспецијалност од областа на хуманата репродукција и ја нострифицирав лиценцата за работа како гинеколог акушер за УАЕ, себе си се доживував како гинеколог во Дубаи и во двете работи успеав.

Како го одбравте и одбирате вашиот тим, некои од нив, исто така, доктори со голем работен стаж на Клиниката, лесно ли е да се убедат во вашата идеја?

– Тимот некако сам се оформи, се почувствувавме дека можеме да направиме нешто добро, ново и успешно заедно. Мислам дека и тајната на успехот на Њуборн клиниката е тимот. Тој е составен од млади, амбициозни, интелигентни луѓе со исклучителна смисла за хумор, висока етичност, емпатија и одговорност пред пациентите. Секој ден ми е радост кога одам на работа, а не секогаш има убави и успешни приказни. Секое утро, кога одам на работа, се чувствувам како да одам дома. Восхитена сум од мојот тим, од секој поединечен член на тимот.

Што го прави Центарот за плодност „Newborn Clinic“ единствен кај нас? Какви третмани нудите?

– Повторно ќе нагласам – тимот, единството во дејствувањето, мислата и визијата. Тоа е тајната на успехот. Се вложуваме максимално. Единствено е дека имаме индивидуален пристап кон пациентите, не ни може да има поинаков ако сакаме да очекуваме успех. Ги следиме сите трендови во областа од хуманата репродукција, во контакт и соработка сме со повеќе светски центри каде редовно, дури и по неколку пати годишно, ембриолозите и докторите одат на стручно усовршување или обука за одредена техника. Во Њуборн не се штеди за нова метода, техника или апарат со која очекуваме поголем успех во работата.

Кои се слабостите денес на „државното“ ин-витро, наспроти предностите на приватното?

– Во Њуборн Клиника нема разлика во третманот на пациентка која прави ин витро преку ФЗОМ и пациентка која е на сопствен трошок, ниту во терапијата ниту во методите кои се применуваат за да се дојде успех. Ќе нагласам дека Македонија е една од земјите со најлиберални закони за можност за ин витро постапки, дури и за самохрани родители, истите на товар на Фондот за здравство за македонските државјани.

Колку се имплементираат кај нас, во гинекологијата, трендовите во европската, па и во светската медицина? Колку е можно да се имплементираат, мислејќи и на медицинската технологија, како и на свесноста, некогаш и конзервативноста, на пациентите?

– Во областа на биопотпомогнатото оплодување мора да се следат и да се имплементираат новитетите во медицината и во технички и во професионален аспект, инаку не можеме да очекуваме успех. Проблемот е што техниките и обуките ги плаќаме по светските стандарди, а во нашата држава ги наплатуваме по македонските стандарди, но секако, работиме за успехот на нашите пациенти. Вложуваме многу во едукација на нашите пациенти, за да одлучат правилно и да дојдат побрзо до посакуваниот успех, односно, до успешна бременост.

Неодамна се стекнавте и со диплома од престижниот Универзитет Валенсија, станувајќи мастер по биотехнологија и хумана асистирана репродукција. Што значи оваа титула за вашиот професионален развој?

– Самиот сертификат ме прави да бидам препознаена на светско ниво од областа на асистирана хумана репродукција, но во текот на едукацијата научив многу што вроди со плод и успех за нашите пациенти.

Какви новости планирате да воведете во претстојниот период?

– Нашите ембриолози веќе беа на обука за биопсија на клетки од ембрион за генетско испитување на ембрионите со цел да се враќа само здрав ембрион, со тоа ќе се намалат обидите на ин витро, како и бројот на трансферирани ембриони, најпосле, ќе се намалат и трошоците на пациентите. Исто така, ќе започнеме и со ЕРА тест, односно, испитување на рецептивност на еднометриумот на матката за точно одредување на денот за враќање на ембриони. Сето ова би требало да доведе до зголемен процент на здрава и доносена бременост после ин витро постапката, т.е. зголемен број на среќни семејства. Со овие две методи, како и досегашните техники за БПО постапки што ги применуваме во Њуборн Клиник, стануваме еднакви во процедурите и техниките на светските водечки центри од оваа област.

x

Check Also

Крем од банана против упорна кашлица и бронхитис

Неговото дејство е тестирано во третманот на постојана кашлица и бронхитис. Особено ...