Даските на Слива, скулптури за вистински гурмани

Ја сакаме уметноста во сите нејзини форми. Кога уметноста ќе се сретне со практичноста и секојдневното живеење нашите животи стануваат поубави.


„Made with LOVE – Filled with JOY – Served by your CHOICE“ e слоганот и пораката на „Даските на Слива”. Рачно изработени уникатни даски за сервирање од масивно дрво кои изнудуваат насмевка и радост создадени од Ива, неверојатно креативна дама која прави чуда во нејзината работилница.

– Сакам да ги радувам луѓето со рачни изработки и така ја пронајдов совршената „кариера”, создавање на посебни креации за посебни луѓе инспирирани од природата и поврзаноста со неа, вели Ива.

– Мојата креативна нишка многу години се движеше во многу насоки. Ме привлекуваат предмети на кои многу луѓе не им посветуваат внимание, а јас се загледувам во нив како во необработени дијаманти и ме прелеваат креативни идеи…

– Слободното време ми е често поминато во недопрена природа (диво кампување, турно скијање, планинарење… ) каде пронаоѓам интимна магија и порака која ме прати и понатаму. Таа може да доаѓа од диви цвеќиња, црцор на птици, ветре со мирис на планински чај, шум на дрва, сончев одсјај, снежна шумска покривка …

– За време на моите животни патешествија и патувања во светот, до ден денес во сеќавање ми се суптилните декорации и детали на ентериерите и екстериерите (од фатка, плочка, текстура ..) кои го издвојуваа мебелот и му даваа своја приказна. Тоа кај мене будеше приврзаност кон нив и уживање.

– Од последните инспиративни дестинации се планинските региони во Македонија и во Европа. И токму тука се зароди желбата кон дрвото и неговата рустичност и мистичност. Моето размислување беше во полн ек веднаш. Од тој момент, ниту едно дрво не беше „безбедно“ од мене. Се уште знам да соберам гранки – дрвени отпадоци од плажите и планините. Тоа се моите „магнети” за спомен од патувањата!

– Тие неопределени форми веднаш ми се најдоа на трпезата со омилена закуска и со огромно уживање и радост беа споделени со секој гостин.

– Оттука започна идејата за персонализирање и цртање. Драги мигови, спомени, мотиви од природа со високи планински врвови или спонтани креации се насликуваа на даските на Слива. Ми се допаѓаат и уметнички мандали, тотеми, а и смешните стрипови имаат свој шарм.

– Ми причинува радост и задoволство при креирањето. Се започнува со сечење, па шмирглање, шмирглање и шмирглање.. за на крај лакирање, како момент на вистината… цртање и повторно лакирање. Процесот е долг, но и за се што е добро треба време!

– За на крај кога ќе ги погледнам ми изнудуваат насмевка и радост.  Но, тука не завршува приказната, вели Ива.

-Им овозможувам на потрошувачите да учествуваат во креирањето на сопствената „Sliva’s board. Драго ми е и кога некој конкретно ја искажува својата желба или креација. Ова е одлична идеја да подарите со внимание и да го потсетува на вас при секое користење.

– Исто така, постои можност и за персонализирање на дрвени маси на пример со мандали или на било каков дрвен елемент.


По долгата онлајн дружба со Ива, таа повторно не изненади со нешто ново кое ќе внесе посебна убавина и уживање  во нашите домови.

Дрвените мозаици на Слива се одличен избор да ја внесете природата во вашиот дом. Даваат некоја неверојатна топлина на домот, вистинска уметност која ќе го освежи вашиот дневен простор, вашата спална соба… едноставно оставаме на вас да го одберете соодветното место за овие убавини.

Сите убавини на Sliva’s boards можете да ги пронајдете на Фејсбук или Инстаграм .

x

Check Also

Топ 8 модели на кожени панталони од популарните модни марки

Еден од најголемите хитови на оваа есен/зима се панталоните од кожа или ...