Детска програма на Скопје Креатива 2019

Во рамки на осмото издание на „Скопје Креатива 2019“ што ќе се случува во МКЦ и Кино Култура од 31 мај до 2 јуни, предвидена е детска програма која исто како и фестивалот, ќе биде спроведена под мотото “Зелено Скопје“.

Во сабота, на 1 јуни со почеток во 10:00 часот во МКЦ децата ќе имаат можност да учествуваат во работилница за деца со јавна презентација за невербален сценски израз со отелотворување на емоциите што децата ги чувствуваат во секојдневието во градот во кој живеат. Дали гледаат отпад? Кој го создава? Дали имаат доволно места за слободна игра?

Работилницата насловена како „Млади и зелени“ ќе ја спроведува „Колектив Ветерница“организација која веќе 6 години активно работи во полето на социјално ангажиран театар преку редовни часови за танцов театар за деца и млади, креативни работилници и различни граѓански иницијативи.

Во оваа дводневна работилница преку практична работа во група децата ќе се запознаат со телото како инструмент на израз преку користење техники од глума и театар, но и со изработка на костими и маски од рециклирани материјали. Преку вежби за мотивација на личен израз, основа на сценски техники за користење простор и движење во група, како и симболика на невербалниот израз ќе биде создадено заедничко дело (претстава) кое ќе зборува за квалитетот на живот на современите деца во Скопје. 

Во 13:00 часот, исто така во сабота во МКЦ ќе се случува и уште една креативна работилница, заедно со Билјана Црвенковска, за деца од 6 до 9 години, која поттикнува креација и имагинација кај децата на една многу важна тема – се разбира, “Зелено Скопје“. Работилницата е наречена „Пишуваме, цртаме, патуваме: Сакаме зелено Скопје“ а децата ќе имаат можност на оваа тема да пишуваат приказни и песнички, да цртаат цртежи во неколку техники, да прават колажи… Креативно пишување, цртање, сликање, читање и многу смеа и радост. Веднаш по завршувањето на работилницата сите творби ќе бидат изложени во просториите на Детскиот креативен центар во МКЦ.

Билјана Црвенковска е писателка, сценарист и преведувач, магистер по филозофски науки.

Дечињата ќе имаат можност да изберат да се приклучат и на работилницата “Изгубениот Пердуф“ со почеток во 11:00 часот во МКЦ, каде низ истоимената приказна преточена во мултифункционална боенка ќе ја читаат приказни, ќе научат факти за специфични животни, ќе решаваат загатки, поставуваат и одговараат на прашања, ќе креираат 3Д-форми и други креативни работи. Од приказната ќе се издвојат карактери за развој на мемориска игра и сложувалка. Приказната продолжува во „реалност“, односно децата ќе имаат можност да влезат во волшебниот свет на приказната „Изгубениот пердув“ преку игра во специјално изработениот простор – капсула, со дизајниран ентериер со елементи од приказната.

Во рамките на презентацијата на фестивалот, замислена како интерактивна игра, ќе биде издвоен првичен тираж на боенки, сложувалки и мемориски игри кои ќе може да ги набават посетителите. Собраните средства ќе му се донираат на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле со цел преку овој проект, освен забава и едукација, да украдеме вистински насмевки од оние на кои сме им најпотребни.

x

Check Also

Робо Академија ја развива креативноста на децата и ги подготвува за дигиталниот свет

Децата од 6 до 13 години можат да ја развиваат и поттикнуваат ...