Икона на стилот: Џон Реблинг, генијалниот градител на еден од најпознатите мостови во светот

Бруклинскиот мост спаѓа во еден од најголемите инженерски подвизи на 19 век, а и денес е еден од омилените симболи на Њујорк. Овој мост, кој може да се мине и пеш привлекува милиони посетители секоја година.

rebling 5

Џон Аугустус Реблинг е роден во Милхаузен во Прусија во 1806, како најмладо од четири деца. Крстен е во протестантска црква како Јохан Аугуст. Како дете свирел кларинет и покажувал исклучителен талент за цртање и сликање. Неговиот татко бил сопственик на мала продавница за тутун што не можела да ги задоволи сите семејни потреби. Најстариот брат се подготвувал да го преземе семејниот бизнис, а сестра му се омажила.

По гимназијата во Милхаузен, Јохан (Џон) со помош на мајка му, која го препознавала неговиот талент, заминал во Ерфурт на студии по математика и природни науки. По една година се вратил дома и поминал неколку семестри во Берлин, каде што студирал архитектура и изградба на мостови. Во исто време посетува и предавања по филозофија, кои ги држел прочуениот филозоф Хегел. Тогаш веќе се заинтересирал и за природната филозофија и многу години подоцна работи на својот трактат од 1.000 страници во кој го изнесува сопствениот концепт за универзумот.

rebling 3

Првата работа ја добил во 1825, на изградба на воен пат, на кој работел четири години. Во тој период веќе прави скици за висечки мостови. Истовремено се подготвува за вториот инженерски завршен испит на кој од непознати причини никогаш не се појавил.

Во Прусија во тоа време немало работа за инженери, а војните на Наполеон донеле општа криза. Реблинг ја напушта Прусија во 1831, и со братот Карл се сели во САД. Три години работи во американската железница и живее во Пенсилванија, каде што се обидува на купената земја да основа германска колонија, се посветува на земјоделство и други работи, но таа колонија никогаш не заживува. Тука се жени и набргу умира брат му. По смртта на брат му ѝ се враќа на инженерската работа.

rebling 4

Првата работа била изградба на еден канал во Пенсилванија, но умот му се окупира со идејата за висечки мостови. Почнал во својата колонија да прави упредени кабли, на кои им нашол повеќекратна намена во своите следни проекти поврзани со каналите и изградба на мостови. Еден од важните проекти на кои работел е железничкиот мост што се издигнувал над реката Нијагара до Канада. Мостот со должина од 250 метри го зајакнувале четирите упредени кабли и имал два нивоа, еден за сообраќај, а друг за железницата. Додека овој мост бил во изградба, Реблинг започнал проект за мост на реката Кентаки, а потоа и мост во Питсбург.

Американската граѓанска војна привремено ја запрела Реблинговата работа на мостови. По војната, во 1867, го почнува својот најголем проект – Бруклинскиот мост, на Ист Ривер во Њујорк. овој мост денес е еден од најпознатите во светот, граден е 13 години, и пуштен во сообраќај на 24 мај 1883, а цената на изградбата изнесувала тогашни 15 милиони долари. Од вкупно 600 работници, во текот на изградбата загинале дури 20 работници, но ни славниот конструктор не го дочекал завршувањето на изградбата на своето ремек-дело. Еден ден во 1869 година, додека стоел на работ (на пристаништето) и ја проценувал локацијата каде што мостот треба да „лежи“, ферито што се приближувало до пристаништето му ја приклештило ногата. Повредените прсти му се ампутирани, но Реблинг го одбил понатамошното лекување сметајќи дека за неговата нога е добра „водената терапија“, која се состоела од тоа преку раната постојано да се истура жешка вода. Состојбата му се влошувала за на крајот, 24 дена по несреќата, да умре од тетанус, на 22 јули 1869 година.

rebling 2

Едно од неговите осум деца, синот Вашингтон Реблинг, ја продолжил работата на проектот за мостот, кој бил неверојатно добро конструиран и засилен со мрежата од кабли што го чуваат од рушење. На денот на свеченото отворање преку мостот поминале дури 150.000 луѓе. Многу њујорчани се сомневале во стабилноста на ваквиот до тогаш невиден мост и за да се докаже неговата стабилност, преку мостот во 1884 година поминал цел карван на животни од циркус вклучувајќи и стадо слонови.

Бруклинскиот мост спаѓа во еден од најголемите инженерски подвизи на 19 век, а и денес е еден од омилените симболи на Њујорк, кој се простира на 1,8 км, додека должината меѓу големите кули изнесува 486 метри. Овој мост, кој може да се мине и пеш привлекува милиони посетители секоја година.

Сузана Спасиќ

 

x

Check Also

Топ 5 видеа за оригами, одлична забава и за децата во изолација

Барате креативна забава во периодот на домашна изолација? Или забава за вашите ...