Џузепе Моденезе, министер на италијанската елеганција

Има полни 86 години, сеуште го „тресе“ Милано со својот стил  и што е најважно, планира нови модни предизвици. Бепе Моденезе деновиве ја претстави својата биографија „Министер на елеганцијата“.

џузепе 3

Во 1983 година од неколку здружени списанија беше прогласен за Италијански премиер на модата, 30 години подоцна, претседателот на Италијанското здружение за мода го нарече Министер за елеганција. Џузепе се заблагодари, љубезно, и им возврати на сите со една книга. Книгата Министер на елеганцијата на Моденезе само за една недела го потресе европскиот моден свет. И смени многу погледи.

Целиот свој живот го посвети на модното новинарство, на модните критики, не штедејќи го пенкалото ниту јазикот, беше единствен кој работеше без (само) цензура, не подлегнуваше на додворувањата на најголемите италијански имиња, одбиваше подароци, пишуваше објективно, реално, понекогаш знаеше и да заболи.

џузепе 2

Кариерата ја започна на националниот телевизиски канал, а потоа се сокри зад камерите – го презеде местото директор за односи со јавноста. На многумина им помогна да го изградат своето име, на многумина и својата марка, онаа која во светот денес е синоним за најдоброто, најелегантното, најлускузното, најбараното. Ќе бидеме љубезни, и доволно воздржани како Бепе, па ќе ги прескокнеме имињата.

50-години Моденезе беше амбасадор на италијанскиот стил низ светот.

„Не знам дали ги заслужувам сите ваши љубезни зборови на оваа промоција. Но знам дека бев навистина среќен човек – да се биде во вистинско време на вистинско место, тоа е се. Верувам во случајностите, а животот многу ме даруваше. Уште една важна работа во животот е да имаш добри, вистински, неколку пријатели кои ги сакаш. А јас ги имав. Најмногу од се, верувам дека оваа книга која ја раскажува мојата приказна ќе им помогне на младите да разберат колку е важно да се вложиш целосно во работата. Јас целосно се вложив себеси во работата“, рече Џузепе Моденезе на промоцијата пред стотината присутни гости, славни имиња од светот на модата, политиката и уметноста.

Ако случајно ви дојде при рака оваа книга, оваа модна библија, од срце ви ја препорачувам. Ќе ве симне малку на земја. Ќе ве отрезни.

Марчела Бенети

 

x

Check Also

#IStayHomeFor апел на социјалните мрежи од ѕвездите во борба со коронавирусот

Од Дејвид Бекам до Ема Вотсон, од Натали Портман до Шерон Стоун: ...