Џузепе Верди и Рихард Вагнер – 200 години од раѓањето

Родени се со неколку месеци разлика во 1813 година. Рихард Вагнер на 22 мај, а Џузепе Верди на 9 октомври. И двајцата станаа најголеми оперски композитори на сите времиња.

вагнер 2

Музички, овие два великана биле потполно различни, а сепак нивните животни и професионални патишта имале паралелен тек.  Обајцата претставувале две силни култури, а и Италија и Германија во текот на 19 век минувале низ искуството на национално будење, секоја на свој начин. И Вагнер и Верди биле тесно поврзани со политичкиот и културен живот на својата земја.

Од самото раѓање, овие двајца композитори имале различен животен пат. Верди од најмали нозе го покажувал својот музички талент, а добил и солидно музичко образование. Вагнер, од друга страна, не покажувал посебен интерес за музиката се до својата 15 година, кога првпат дошол во допир со музиката на Бетовен, а главно бил самоук.

Џузепе Верди

Џузепе Верди

Џузепе Фортунино Франческо Верди е роден во селото Ронколе, Парма. Бидејќи таа област била под Франција, поточно под управата на Наполеон, детето во општинските книги е запишано како француски државјанин, а Италијанците главно биле против Наполеоновата анексија.  Семејството на Верди се вклопувало во тоа милје.

Рихард Вагнер

Рихард Вагнер

Вилхелм Рихард Вагнер е роден во Лајпциг само неколку месеци пред Наполеон да биде поразен во битката која се случила во близина на родното место на Вагнер и која довела до тоа Наполеон да биде протеран на островот Елба. Вагнер многу рано го покажал својот политички темперамент. На 18 години, во екот на полското востание (1830),  ја напишал увертирата „Полонија“. Две години подоцна ја пишува Симфонија во Ц-дур, која ќе  му овозможи работа на диригент.  Својата прва комплетна опера Вили ја пишува во 1833 година во Вирзбург, каде со помош на својот брат добива место – водач на хорот. Комичната опера „Забранета љубов“,  базирана на делото на Шекспир, Вагнер ја компонира во 1836 година, ја поставува во Магдебург,  но операта е симната од репертоарот пред второто изведување, оставајќи го Вагнер во финансиски проблеми. По овој неуспех Вагнер одлучува да се ожени со глумицата Кристина Вилхелмин, наречена Мина, со која веќе две години бил во емотивна врска. Овој брак, полн со скандали и разделби, довел до потолно отуѓување на сопружниците, но сепак издржал три децении, се до смртта на Мина.

Вагнер и Мина во јуни 1837 година заминуваат во Рига, тогаш во Русија, каде Вагнер е поставен за директор на локалната опера. Тука веќе започнуваат брачните проблеми, несогласувањата, разделбите и смирувањата. Двете години минати во Рига на двојката и носат големи долгови и во 1839 година мораат да побегнат во Лондон. Оваа заморна и олујна пловидба на Вагнер подоцна ќе му послужи како инспирација за операта Летечкиот Холанѓанец. Од Лондон веднаш заминуваат за Париз, каде тој заработува пишувајќи написи за опери. Сепак, животот во Париз нема да го задржи и во автобиографските белешки се чувствува извесна радост поради напуштањето на Париз и враќањето во Дрезден.

Вагнер пишува „ Кога првпат ја видов Рајна со жешки солзи во очите, јас, кутриот уметник, се заколнав на вечна верност на својата германска татковина“.

 

Верди

Верди

Џузепе Верди веќе на 11 години свирел на оргуљи во локалната црква. Неговиот талент го забележал еден трговец и љубител на музиката на Антонио Баречи, кој го примил во својот дуќан и почнал да му помага во секоја смисла. Со негова помош, во 1832 година Верди заминува во Милано да ги продолжи студиите по  музика. Зема и приватни часови, присуствува на концерти и оперски претстави, најмногу се интересира за германската музика. На Конзерваториумот не е примен, зашто наводно бил постар од тоа што го дозволува статутот, но поверојатно е дека самиот управник не верувал во талентот на Верди. По враќањето во Бусето, Верди на повик на својот мецена Бареци, во неговата куќа го имал првиот јавен настап. Бареци го ангажирал како учител по музика за својата ќерка Маргарита и двајцата набргу се вљубиле. Се венчале во мај 1836 година, но среќата на овој пар не траела долго. Двете деца им умреле во детството кога Верди работел на својата прва опера Оберто, а набрзо и Маргарита (во 1840 година) подлегнала на болеста. Верди кој ги обожувал својата жена и деца останал сам и скршен од болка.

Се посветил на работата, ја компонирал и втората опера која не постигнала значаен успех, а дури со третата опера Набуко, која е изведена во Скала (1842) почнува една од најубавите и најголемите уметнички кариери која ќе трае 50 години. Верди со Набуко станува идол на Италијанците, синоним на нивните тежнеења за обединување. Новите нарачки се нижеле и набргу во „девет години на робија“, како сам ги нарекувал, Верди ќе напише 12 дела со различен квалитет. Од сите најзначајна е Магбет од 1847 година во која Верди ги урнува нормите на 19 век, создавајќи опера без љубовна приказна.

Кога во 1848/1849 Европа почнува да „гори“ од низа револуции и буни, Верди се вратил од Париз во Милано како национален херој.  Вагнер ја немал таа среќа. Поради својата вмешаност во револуцијата, морал од Германија да замине во Цирих. Во прогонство поминал 12 години.

Вагнер

Вагнер

Вагнер и Верди никогаш не се сретнале, но ривалство постоело меѓу нив. Вагнер ја презирал модерната опера, особено ако имала и комерцијален успех, како што било случај со делата на Верди. Од друга страна, иако операта на Верди „Аида“ настанала под влијание на Вагнер, Верди полудувал кога критиката тоа ќе го спомнела, а операта на Вагнер „Тристан и Изолда“  ја нарекол „најголемо остварување на човечкиот дух“. И карактерно биле многу различни. Верди бил вистински деловен човек,  внимателен во трошење на пари, а дарежлив кога било потребно. Вагнер пак, понекогаш бил и бескрупулозен. Зајмел пари од пријателите и не им ги враќал, постојано бил во долгови, се до доаѓањето на Лудвиг Втори кој го презел престолот, и кој набргу ќе му стане мецена негувајќи страст кон неговите дела. Кралот ќе го земе Вагнер во заштита, ќе му ги исплати сите долгови и ќе му даде работа на дворот. Операта Тристан и Изолда била првата премиера после 15 години и изведена е во 1865.

Диригент на операта бил човекот чија сопруга Козима таа година го раѓа детето со име Изолда,  а чиј татко бил токму Вагнер. И сама Козима била вонбрачна ќерка на пријателот на Вагнер, Франц Лист, кој не ја одобрувал врската меѓу својата ќерка и Вагнер. Аферата ќе го скандализира цел Минхен, толку многу што дури и кралот ќе морал да го замоли Вагнер да го напушти градот. Кралот ќе му обезбеди вила на езерото Луцерн. Но, Козима и Вагнер најпосле ќе се земат во 1870 година и ќе  добијат уште две деца.

Втората сопруга на Верди, Џузепина Стрепони, била многу талентиран сопран.  Со своето пеење  ќе ги прослави оперите на Верди.  Нивниот заеднички живот пред  бракот е сметан за непримерен во некои места каде што живееле. Скандалите ги прекинале со венчавање во 1859 година. Додека со Џузепина живеел во Бусет, Верди купил и еден имот во близина на местото, каде неговите родители живееле до смртта на мајката на Верди. Тогаш Џузепина и Верди се преселиле во таа вила, денес позната како Вила Верди, и тука останува до крајот на животот.

Една од познатите карактеристики на Верди била неговата толерантност. Од друга страна, Вагнеровата нетолеранција и посебност биле легендарни. Последните години ги минал промовирајќи ја германската култура како супериорна во однос на француската. Верди пак, последните години од животот бил голем филантроп кој се занимавал со хуманитарни проекти за помош на музичарите. Кога се прочуло дека починал цела Италија жалела за него, а неговиот погреб ќе остане запаметен како најголем јавен собир во историјата на Италија.

Погребот на Џузепе Верди, 27. февруари,  1901.

Погребот на Џузепе Верди, 27. февруари, 1901.

Вагнер починал од срцева болест, а смртта ја дочекал речиси без ниеден пријател, опкружен со следбеници и оние кои го искористувале. Пријателите сам си ги потрошил во текот на годините полни со лаги, долгови и егоизам.

Сузана Сапасиќ

 

x

Check Also

Новогодишна колеција на H&M

Моделките Хана Фергусон и Андреа Џакону, шефот Маркус Самуелсон и неговата сопруга ...