Дотерајте ги вашите дечиња за посебни пригоди со колекцијата Gjorgievа Olgica KIDS

Модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева лансираше колекција на облека за деца на возраст од 1 до 6 години.

Модните парчиња од колекцијата се свечени и наменети се за посебни пригоди како родендени, прослави, крштевки, свадби и слични важни мигови. Дизајнерката ни објасни дека оваа линија ја планира од поодамна, но сега се создале услови да ја реализира.

„Станува збор за еден интересен концептуален проект, затоа што станува збор за дизајнерска детска облека, која е наменета за одредени прилики како што се родендени, крштевки, свадби и слично. Родителите за вакви пригоди секогаш бараат нешто убаво, необично, посебно за своите деца. Ваквите моменти секогаш се овековечени, па така во исто време решавам и проблем на некој начин.

Боите за оваа сезона се пастелни, прилагодени на пригодите и сезоната, а исто и типот на материјалот го прилагодувавме според настанот, бидејќи сепак станува збор за свечени парчиња. Моделите се за момчиња и девојчиња. Во моментов се наменети за возраст од 1-6 години, меѓутоа како ќе диктира пазарот, така ќе се прилагодуваме“, објаснува модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева.

За неколку дена ќе излезе и електронски каталог на кој ќе биде детално објаснет целиот процес на работа.

„Работа со деца и за деца е една сосема поинаква приказна, сосема поинаква енергија и еден сосема поинаков предизвик кој остава едно широко поле за креативност. Со голема љубов ја сработив оваа колекција и му се радувам на секое наредно парче што ќе излезе“, додава креаторката.

Фотосесијата ја изработија фотографите Ани и Дими, а фотографиите се направени во коњаничкиот клуб во новиот објект Cherry orchard.

x

Check Also

Тренд на неделата: Кардигани од MANGO

Толку се нежни што кога ќе ги облечете ќе имате чувство дека ...