Во мода: елитисти со рурален дух

А бидејќи нивната лична потреба е, бездруго, да ја следат модата, на нашите елитисти веќе уште денес им требаат повеќе пари отколку што им требаа вчера.
slika 1Вака пишуваше Ева Дуарте, кога сиромашните веќе ја викаа Евита: „Се сеќавам јасно на бескрајната тага која ме обзеде откривајќи дека на светот не постојат само богати, туку и сиромашни. Но, чудното беше во тоа што не ме растажуваше толку постоењето на сиромашните, колку фактот дека истовремено постојат и тие раскалашно богати луѓе“. И ништо не е променето од оние денови и белешки на Ева Дуарте, напротив, нејзината тага за многумина денес е совршена патетика. Како никогаш до сега, општетсвената дезинтеграција е целосна и потполна во социјалната група, во меѓучовечките односи, во „пријателствата“, во компаниите и институциите, а особено во семејствата во кои едниот има.

Колку и да одбиваме дека „парите не го прават човекот“, кога-тогаш ќе не растрезни фактот дека, и тоа како, тие го менуваат човекот. И се’ понатаму се сведува на ладни, административни односи. Принципите на солидарност и взаемна помош исчезнуваата, на нивно место дојдоа платените односи. По урнекот на Европа и европските (богати) граѓани, македонските новокомпонирани парајлии денес се дел од аморфната и апатична група на, можеби, механички збиени, а всушност длабоко осамени и себични единки. Изникнати како резултат на „либералниот капитализам“, арогантно успеваат да ги уништат сите природни меѓучовечки релации и видови на заедници, тргнувајќи од семејството па до нацијата. Од таа издвоена група на саможивници кои живеат само за својот опстанок, не може да се очекува ни да разберат, па камоли да сфатат, колку Заедницата (им) е загрозена, ниту пак ние од  нив може да очекуваме било каква подготвеност да (ни) ја одбранат. Освен, можеби, ако брановите на загрозеност не дојдат и до прагот на нивната сосема лична приватност.

елита
Групата на припадност е се’ помалку Заедница, а се’ повеќе збир на личности кои се „мирисаат“ и поврзуваат преку дигитроните, акциите, имотите и воопшто парите, како спасоносен инструмент или некој вид на волшебно стапче за достигнување на среќата. Личности, апсолутно неспособни за природни задоволства, освен ако сурогатот од тие задоволства не си го „приуштат“ себеси и на својот каприц – се разбира, плаќајќи за тоа! А бидејќи нивната лична потреба е, бездруго, да ја следат модата, на нашите елитисти веќе уште денес им требаат повеќе пари отколку што им требаа вчера.

Устоличувајќи ги парите како највисока скала на вредност, сите други човечки вредности не важат, зашто или ги вреднуваат со пари или ги сведуваат на пари. Уметноста, литературата, поезијата, музиката, а особено љубовта, елитистичката новокомпонирана група може да си ги „приушти“ со купување, знаејќи ја цената на се’, а вредноста ама баш на ништо. Прегратката е сепак, смртоносна. А целта е веќе постигната: внатрешна хумана пустина, онаа во срцето, која се проширува како куга. И сите древни, традиционални доблести паѓаат во вода. Се уриваат. А волшебното стапче за среќа, еднаш престанува да делува.

Ама, се’ е толку добро спакувано, дизајнирано и маркетиншки поткрепено (па, и толку забавно), што многумина нема да си го забележат ни сопстевното исчезнување. А камоли да видат дека ѓаволот навистина си дошол по своeто.

Ј.К

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...