Веќе 12 години „Оф-фест“ во Скопје ги носи различните звучни амбиенти, а на тој начин не’ запознава не само со музиката, туку и со традициите на народите во светот.
Музиката на светот, како доминантна карактеристика на фестивалот „Оф-фест“, покрај звучниот амбиент што го носи со себе овозможува и директен поглед и допир со традициите и различните култури во светот.
Годинашното издание на фестивалот помина во фантастична атмосфера и на сцената и меѓу публиката. Концертите на Анушка Шанкар, „Биоскопија“, „Таксим трио“, Брина, Азиз Самауи со „Универзитетот на гнава“, „Ондатропика“, „Тори ансамбл“ и Кимо Похјонен предизвикуваа радост и овации, фасцинираа и поттикнуваа медитативни моменти.
Ако музиката на ѕвездите кои настапија на „Оф-фест“ ги открива нивните таленти и мотивацијата да се искажат во категоријата Музика на светот (World music), тогаш облеката во која настапија на сцената повеќе зборува за нивната личност и за традицијата на која и припаѓаат.
Прекрасната Анушка Шанкар веќе со првата нумера ја освои публиката. На сцената се појави босонога. Нејзината скромност, како дел од карактерот, се забележа и во едноставниот, но внимателно избран, стил на облекување. Во комбинација со необичниот инструмент (ситар) и одличниот спој на индиската музичка традиција и шпанското фламенко, Анушка блескаше на сцената.
Вокалистката на „Биоскопија“, Елена Христова, имаше многу сложена музичка задача. Репертоарот на групата е составен од архаични, традиционални, лирски и обредни македонски песни кои содржат голем спектар на емоции и расположенија. Нејзината појава на сцената на моменти изгледаше надреално, а нејзиниот прекрасен глас како да се појавуваше од небото. На настапот се појави во долг повеќеслоен фустан од лесни материјали. Миговите на трансценденција многу впечатливо ги доловуваше низ танц со црвена марама.
За разлика од Елена, словенечката џез-вокалистка Брина се одлучи за постегнат и позатворен стил на облекување за настапот на фестивалот. Очигледно е дека нејзиниот сценски изглед има поддршка со дизајнерски потпис.
Традициите на поднебјето од кое доаѓаат најуверливо ги пренесоа групите „Ондатропика“ од Колумбија и „Тори ансамбл“ од Јужна Кореја. Ритмичната и весела музика на „Ондатропика“ свој израз добива и со богатиот колорит на нивната облека. Цветни фустани, кошули со необични дезени, шарени модни додатоци се дел од визуелниот имиџ на колумбиската група која, според музичкиот израз, многумина ја споредуваат со кубанската „Буена виста соушл клаб“. Вистински театар од далечниот исток во форма на музички концерт приредија „Тори ансамбл“. Мистичноста на јужнокорејската музичка традиција верно беше пренесена и со изгледот на членовите на групата. Нивните костими не се дел од личниот вкус или избор, туку визуелна претстава на необичната (за нас), а традиционална музика што ја донесоа од Јужна Кореја.
Финскиот панкер Кимо Похјонен остави најсилен музички впечаток на 12-тото издание на „Оф-фест“. Познат како иноватор, авантурист и вистински мајстор во свирењето на хармоника, Кимо посветува внимание и на својот изглед на сцената.
Ако се обидеме да ја дефинираме визуелната страна на неговите настапи, тогаш најсоодветно би било да го наречеме панк-монах.
Тони Димков