Фениксот Галијано и првото интервју што го дава во трезна состојба

Со денови знаел да биде целосно опиен, опкружен од петмина коишто би му помогнале да извади цигара, да ја запали, да наточи алкохол, да извади пари од банкомат…А сега се враќа, на голема врата, но внимателно со чекори на едногодишно детенце.

 

galijano 0Модата е таква. Ако доволно длабоко сте навлегле во неа создава зависност, а ако зависноста станала толку значајна за сиот свет, па и тој станал зависен од неа, таа знае да создаде бездна за оној што лежи во нејзиниот корен. Генијалецот.

Изгледа таму западнал Џон Галијано во периодот што  му претходеше на ноторниот настан од февруари 2011 година, кога во познатото париско бистро „Перла“ Џон упати низа навреди на сметка на Евреите. Секое чудо би можело да биде за три дена, освен ако ова чудо не било снимено со мобилен телефон и не го обиколи светот додека да трепнеш. Оттогаш молк. Галијано е засрамен и се лечи во клиника за одвикнување од зависности со автобиографската книга „Живот“ на Кит Ричардс под рака, а после и без неа, сосема соголен, зашто му треба да си ја прочисти свеста, да погледне во себе, да го детектира проблемот и да се фрли на неговото лечење.  Ова се неговите сведоштва што Џон ги доверува за јулскиот број на американското издание на „Венити фер“ и тоа во интервју што е вредно да биде дел од колекцијата на секој моден познавач што држи до себе зашто, како што вели и самиот Галијано, станува збор за првото интервју што го дава во трезна состојба.

Од неколкуте извадоци што ни се достапни додека да излезе интервјуто во целост може да заклучиме дека Џон е променет. Односно повторно роден. Од фотографијата на Ани Лајбовиц на која позира во гумени чизми со водопад во позадина, Џон се обидува да ни ја понуди неговата дивина, состојбата во која се наоѓал со години, поточно со децении. Сето она што започнало како поттик за самоизразување, за кратко време се претворило во маска. Со денови знаел да биде целосно опиен, опкружен од петмина коишто би му помагале да извади цигара, да ја запали, да наточи алкохол, да извади пари од банкомат. Ништо од тоа не можел да направи сам. А кога за момент ќе се разбудел од бунилото, набавувал книги за самопомагање, се фрлал на вежбање и ја менувал исхраната.

Но тоа не траело долго. Замислете си само една типично галијановска сцена на драматична глума кога во еден од многуте наврати директорот на ЛВМХ (компанијата-мајка на Диор), Сидни Толедано, и самиот Евреин патем речено, го однел на ручек и се обидел да му укаже на Џон дека ако продолжи како што почнал нема да живее уште долго. На тоа Галијано станал, ја раскинал кошулата и извикал: „дали ова личи на тело на алкохоличар?“

galijano 2

Пост-фестум, кога во рок од неколку часа го отпуштија од Диор и му ја одзедоа неговата епонимска марка како таа никогаш и да не била негова, Џон останал сосема сам. Поточно, сам во друштво на неколкуте вистински пријатели чиј чин ни дава утеха дека светот на модата е далеку од површен. Линда Еванџелиста е првиот посетител во Центарот за рехабилитација во Аризона каде што се лечи, а Кејт Мос му доверува да ѝ ја креира венчаницата. На венчаницата има навезено златца во форма на феникс, најверојатно затоа што го симболизираат повторното раѓање на Галијано. Назад кај ѕвездите, но сега со внимателни чекори на едногодишно детенце.

За да не ви прераскажуваме, а и за да ја видите драматичната фотографија со гејзерскиот карактер на Галијано, го споделуваме линкот од Венити Фер.

Лина Данова

 

x

Check Also

Тага во модниот свет: дизајнерот Кензо Такада почина од коронавирус, ќе го паметиме по моќта на цветниот принт

Јапонскиот дизајнер Кензо Такада почина на 81-годишна возраст од компликации на коронавирусот. ...