Филигран: Вештина која се учи од стари мајстори

Дизајнерката на накит Ана Фидановска успешно ги открива тајните на филигранскиот занает.

Ана Фидановска

Ана Фидановска

Дизајнерското студио „Фил Ана“ постои помалку од една година и на 1 јули ќе ја прослави својата прва годишнина, но веќе има солидна продукција на накит со одлична изработка. Дизајнерката Ана Фидановска е дипломиран архитект, но за себе вели дека е човек со многи интереси. Еден од нив е филигранот, на кој активно му се посветила во текот на претходнава година од нејзиниот живот.

05 Ana Fil dizajn3

Бидејќи филигранот е вештина која најдобро се учи од стари мајстори, таа вели дека имала двајца учители – Аднан и Александар.

04 Ana Fil dizajn2

„Мајстор Аднан повеќе од дваесет години се занимава со филигран. Тој е ангажиран да ги одржува и курсевите во Домот на занаетчии, а има и приватна школа/работилница, каде може да се научи занаетот и да се продолжи со работа во истата. Александар, исто така, има учено кај Аднан. Благодарна сум им и на двајцата за знаењето кое го споделија со мене и среќна сум што ги имам за пријатели“, објасни Фидановска.

Во нејзината биографија стои дека учела во „Корчагин“, па завршила Архитектонски факултет. Необичен е моментот од каде се појавил интересот за изработка на филигран.

03 Ana Fil dizajn1

„Интересот, пред сѐ, е за дизајнот, предизвик кој овозможува самоизразување и бескрајно експериментирање со форми, материјали и изведба. Мојата наобразба, во голема мера, вклучува математичка прецизност, логика и техничко-уметнички начин на размислување. Сето тоа придонесува филигранот да го гледам не само како едноставна декорација на некоја личност, или во просторот, туку повеќе како производ што ќе биде естетски, функционално и технички добро изведен“, вели Фидановска.

Од формите на накит што ги изработува вели дека и е тешко да издвои само една, но сепак, од накитот, ги истакнува прстените, кои, според неа, се голем предизвик за експериментирање. Како покомплицирано, но многу интересно, го нагласува изведувањето на тридимензионалните форми. Во однос на материјалите, сѐ уште работи со сребро и полудраги камења, но во иднина планира да прави комбинација од повеќе материјали.

06 Ana Fil dizajn4

„Среброто е навистина многу убав и интересен материјал кој дозволува да се „игра“ со него. Може да се постигнуваат најразлични форми, нијанси и ефекти, буквално му дава живот на производот“, потенцира Фидановска.

Соодветно на вештината што ја изучила, работилницата на Ана Фидановска се наоѓа во Старата скопска чаршија, каде може да се најдат сите нејзини филигрански изработки.

Т.Д.

x

Check Also

Тајните ерогени зони на хороскопските знаци

Секој хороскопски знак има најмалку една или две скриени ерогени зони на ...