Финесите на модниот бизнис

Мартин Робертс, светски признат моден експерт и директор на „Фешн скаут Лондон“, одржа предавање во рамките на осмото издание на Моден викенд Скопје

Martin Roberts prezentacija2

Предавањето на тема „Моден бизнис и промоција“, кое Мартин Робертс го одржа во хотелот „Арка“, беше исклучителна можност македонските дизајнери да сознаат искуства за функционирањето на светската модна сцена. На предавањето присуствуваа голем број модни дизајнери, студенти по моден дизајн, новинари, модни блогери и професионалци од модната индустрија.

Martin Roberts prezentacija

Своето долгогодишното искуство Мартин Робертс многу прецизно, концизно и едноставно го претстави пред слушателите на предавањето. Конципирано во шест тематски точки, на најдиректен начин Робертс зборуваше за првите чекори во модниот бизнис, планирањето, креирањето на колекциите, продажбата, презентацијата и комуникацијата со медиумите и со јавноста. Тематските точки беа јасно образложени и носеа прецизни совети и заклучоци кои произлегуваат од искуството на Робертс.

Првиот совет што беше упатен до слушателите беше дека модата не е едноставен бизнис и дека секој што планира да се зафати со креација на модни дизајни треба сериозно да и се посвети. Во однос на првите чекори Робертс нагласи дека е неопходно внимателно да се одбере во кој сегмент од модата дизајнерот се гледа себеси и врз таа основа да го создаде брендот, да направи соодветно лого и да изработи сопствена веб-страница, која ќе ги дава сите неопходни информации за неговите производи. Тука потенцираше дека сите ја прават истата постапка, но ако тоа го направат на свој начин, тогаш нивниот бренд ќе се разликува од другите.

Martin Roberts konsultacii

Планирањето на модниот бизнис е следниот сегмент во кој внимание треба да се посвети на општите движења на пазарот и пронаоѓањето опции за продажба на колекциите. Оттука, Робертс советува дека треба да се направи сериозно истражување на пазарот и неговите потреби, но и да се дефинираат потенцијалните  муштерии и продавачи на продуктите на брендот. Во оваа фаза е потребно да се создаде и модно студио во кое дизајнерот ќе ги создава колекциите.

Креирањето на колекциите е специфичен процес во кој особено внимание однапред треба да се посвети на цената на изработените модели, големината на колекцијата и да се направи пресметка на профитот. Советот што Робертс го упати до дизајнерите е да создаваат мали, но моќни, колекции со своја приказна која ќе биде раскажана на модната писта.

Martin Roberts prezentacija3

Продажбата на креираните модни парчиња и на колекциите во прв ред ќе зависи од претходно направеното истражување на пазарот, но и од комуникацијата со продавачите и со купувачите. Професионалниот однос, почитувањето на роковите за изработка на колекциите, создавањето на договорената квота, договорот со бутиците и со продавачите за цената на производите, дури и кратките пријателски разговори со продавачите на модните парчиња од брендот на дизајнерот, се најзначајните финеси во овој сегмент на модниот бизнис.

Во однос на претставувањето на колекциите, Робертс потенцираше дека никој не ја знае колекцијата подобро од самиот дизајнер. Претставувањето може да биде во форма на изложба, презентација и на модна ревија. На изложба се претставуваат само продуктите на колекцијата, со презентација колекцијата ја носат манекени/ки и тоа е можност публиката одблиску да се запознае со изработените модели. Ако претставувањето е со модна ревија, тогаш посебно внимание треба да се посвети на шминката, музиката и на приказната, која се раскажува пред публиката. Во секој случај, за секое претставување, најважна е – колекцијата! За модните ревии Робертс потенцираше дека главно се наменети за женските колекции, бидејќи на тој начин најдобро може да се видат емоциите што ги носи одредена колекција.

Односите со медиумите и со јавноста заземаат значајно место во успехот на дизајнерите и во претставувањето и продажбата на нивните колекции. Основен совет до дизајнерите е дека секогаш треба да имаат приказна која ќе ја раскажат во медиумите. Исто така, треба постојано да произведуваат „вести“ кои сакаат да бидат пренесени во јавноста. Тоа се новитети или детали кои ги содржат нивните нови колекции. Во комуникацијата со медиумите потребно е дизајнерите на многу едноставен начин да објаснат што работат, да остават можност за контакт со нив и максимално да ги користат платформите на социјалните мрежи за претставување на своите колекции. Во време кога луѓето масовно комуницираат на Интернет, неопходно е да се изработи сопствена веб-страница на која со лесно пребарување низ содржините, буквално, целиот свет може да дознае за работата на одреден дизајнер. Таа придобивка треба максимално да се искористи, советува Робертс.

Martin Roberts konsultacii1

Отворен во комуникацијата и искрен во пренесувањето на своите искуства, Робертс во заклучокот нагласи дека не може да им каже на луѓето како да станат креативни, но дека секогаш ќе се обидува да им помогне како да ја претстават својата креативност.

Модниот експерт Мартин Робертс е коосновач и директор на „Fashion scout London “ и „Graduate fashion week “. Во рамките на бизнис-проектот, кој е реализиран во соработка со Британскиот совет во Македонија, на конкурс беа избрани десетте финалисти Олгица Ѓоргиева, Ивана Цветковска, Ле Бренд, Елена Спасовска, Искра Џокиќ, Елена Љутикова, Мелани Димитровска, Елена Додевска, Ирина Тошева и Александра Јанчевска, кои имаа професионални консултации и ги разменија своите искуства со Мартин Робертс.

Тони Димков

x

Check Also

#IStayHomeFor апел на социјалните мрежи од ѕвездите во борба со коронавирусот

Од Дејвид Бекам до Ема Вотсон, од Натали Портман до Шерон Стоун: ...