Флерт со слатките: Ладуре, симбол на француското уживање

Кој и да дојде во Париз, мора да наврати во легендарната слаткарница Ладурé, институција на рафинирани колачи à la française. Ладурé е рај за вистинските сладокусци, но има тука по нешто и за соленокусците.

ladur1

Историјата на слаткарницата Ладурé започна во далечната 1862 година, кога Луј Ернест Ладур ја отвори својата пекарница во областа Мадлен, каде што во тоа време се наоѓаа големите модни куќи и гастрономските производи. Само десет години подоцна се случува пожар, а пекарницата станува слаткарница. Уредувањето му е доверено на Жил Шере, познат графичар и сликар од крајот на 19 век. Тој најде инспирација во сликарската техника со која се изработени сводовите на Сикстинската капела во Рим и Опера Гарние во Париз. Во тоа време на второто царство, кафулињата стануваат сѐ попопуларни, а ентериерите се пораскошни. Цел Париз ита кон новите места за дружење. Завладува општо лудило по излегувањата и забавите. Начинот на животот на жените драстично се менува. Тие сега се желни за нови средби, нови приказни и нова забава, зашто веќе не им се доволни само домашните забави и баловите.

ladur 2

Чувствувајќи ги тие промени во воздухот, сопругата на Ернест Ладур се досетува на едно место да ги спои париското кафуле и слаткарницата. Така се раѓа првата чајџилница во Париз. Предноста на салонот за чај беше во тоа што женскиот свет можеше слободно да се собира без придружба на мажи. Тука никој не ги гледаше „под око“ додека беа сами.

Ладуре,денес

Ладуре,денес

Семејството Холдер, таткото Франсис и синот Давид, толку било фасцинирано од оваа слаткарница што во почетокот на 1993 ја откупиле и одлучиле од неа да создадат симбол на Париз.
На крајот на 90-тите овој простор станува таканаречена куќа „мајка“, а главната комерцијална слаткарница е отворена на Шанзелизе. Новиот простор е автентично и софистицирано место со најраскошните атрибути на стилот на Наполеон Трети, старински мермер и мебел од 19 век. Малите салони со скапоцен мебел се нижат еден по друг на првиот кат. Сите тие елементи прават од Ладурé уникатно место во Париз, симбол на францускиот начин на живот.

ladur 3

Флерт со клиентите

Ладурé Шанзелизе е вистинска ода на слатките и на инвентивниот дух. Секој нов миг на создавање се доживува силно. Како што модните креатори секоја година лансираат нови колекции, така и слаткарницата Ладурé двапати во годината осмислува нови десерти. Најпознати се по малото топчесто колаче макарон, кое стана вистинска ѕвезда. Пјер Дефонтен, внукот на Луј Ернест Ладур, во почетокот на 20 век се досети да ги дополни со крем. Оттогаш рецептот остана непроменет. Шефовите на слаткарницата ги дозираат бадемите, јајцата и шеќерот, па потоа го приготвуваат кремот. Кога со филот ќе го наполнат колачето, го чуваат на ладно 48 часа и дури потоа го продаваат.

Актуелна божиќна понуда

Актуелна божиќна понуда

Мали меки колаченца во најразлични бои

Малото меко колаче денес е заштитен знак на оваа куќа. Секоја сезона тимот на слаткарницата со главниот шеф креира нови вкусови. Но освен вкусовите, тие внимаваат и на боите на слатките, зашто тие се главен фактор во флертувањето со клиентите. Има цела палета, а вашата вреќичка полна со одбраните колачиња потсетува на мали топчиња од детската фантазија.

ladur 5

Симбол на француско уживање

По неколку бутик-ресторани во шик-квартовите на Париз, Ладурé ги отвори своите врати и во другите светски метрополи, како Монако, Женева, Лондон и Токио. Во нив може да се касне и по нешто солено, не помалку вкусно од слаткото.

ladur 4

Секоја куќа Ладурé има своја приказна и посебна атмосфера што нѐ носи некаде надвор од ова време. Почитувајќи ја традицијата, но и тежнеејќи кон нешто ново, неодамна е отворен и првиот Бар-Ладурé. Според концептот тој е современ бар, а според ритамот – брз, но кујната е софистицирана, со 40 различни деликатеси.

Навистина неверојатна приказна. Благодарение на едно колаченце во форма на мало обоено топче, куќата Ладурé стана симбол на уживањето на француски начин.

М.М.

x

Check Also

Неделен хороскоп (9. до 15. декември): Топ знаци на неделата – Стрелец, Бик и Лав

Оваа недела планетата Меркур влегува во знакот на Стрeлец, одлични вести ги ...