Фондацијата „Saint-Gobain Initiatives“ и Хабитат Македонија започнуваат реализација на проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака Неготино”

Денес, Меѓународната корпорација Фондацијата Saint-Gobain Initiatives со седиште во Франција и Хабитат Македонија, дел од мрежата на Habitat for Humanity International,  потпишаа договор за соработка кој вклучува финансиска поддршка за проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино”.

Ова е втора ваква донација на компанијата Saint-Gobain која преку Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во рамки на овој проект ќе донира 37.500 евра, а Хабитат Македонија се вклучува со сопствен удел во вредност од 14.000 евра, кои ќе бидат наменети за реконструкција, поставување на енергетски ефикасна фасада, внатрешни поправки и целосно подигање на животните услови во две куќи во кои престојуваат 20 лица со ментален хендикеп кои се деинституционализирани. Со оваа донација и реконструкција директно се поддржуваат напорите на Порака – Неготино да овозможи пристојни животни услови за лицата со ментален хендикеп надвор од институциите, овозможувајќи им полесна интеграција во заедницата, како и можности за самоодржливост и продуктивност на овие лица. Дополнително, подобрувањето на енергетската ефикасност на куќите ќе овозможи и пониски трошоци за електрична енергија на оваа заедница, а воедно ќе придонесе до намалување на емисијата на јаглерод диоксид.

Во рамки на поддршката на Порака – Неготино овој проект предвидува и обезбедување на печатач за текстил и керамика со цел да се поддржи работната терапија и економските активности на 43 корисници, за да можат да продуцираат сопствени средства за поддршка на интегрираното живеење. А во реализацијата на проектот предвидено е и интеграција на младите, односно вклучување на студенти од Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје.

Иновативните решенија на нашата компанија Saint-Gobain, создаваат средини за живеење што го  подржуваат комфорот, високиот квалитет на живот и одржливоста како модел за идните генерации да развиваат средини за живеење со висока свесност за животната средина. Веруваме дека придобивките од нашата донација, ќе обезбедат далеку повеќе одржливи и подостоинствени услови за живот за корисниците на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“ – изјави Томаш Росак, Главен извршен директор на Saint-Gobain за Источна Европа на официјалната церемонија на потпишување на договорот.

Хабитат Македонија, како единствена граѓанска организација која ја опфаќа областа на супстандардното домување, во изминативе години е носител на повеќе иницијативи и иновативни решенија за подобрување на енергетската ефикасност и квалитетот на домување во локалната заедница, особено на најранливите групи на граѓани. Проектите се спроведуваат со донатори, општествено одговорни компании од корпоративниот сектор, и особено сме благодарни што веќе по вторпат Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во нас препозна партнер со заедничка визија и вредности, и се надевам дека таа соработка ќе продолжи и понатаму.“ – изјави Лиљана Алчева, заменик директор на програмата на Хабитат Македонија.

Оваа поддршка е од исклучително значење на нашата организација Порака – Неготино, а пред сѐ за нашите корисници – лицата со посебни потреби, кои веќе неколку години ги деинституционализираме преку нивно сместување во станбени заедници. Подобрувањето на условите за живот преку реконструкција и подобра енергетска ефикасност на објектите, секако е од исклучително значење за станарите во овие објекти, а донацијата на печатачот ќе помогне во нивната понатамошна инклузија во заедницата“ – се осврна за значењето на оваа донација Гордана Трајковска, претседател на Порака – Неготино.

Проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино“ се планира да заврши во период од една година, а Saint-Gobain и Хабитат Македонија преку овој проект сакаат да ги зајакнат капацитетите и потенцијалите на ранливите категории, нивната интеграција во локалната заедница, демонстрирајќи огромни залагања во подобрување на условите на живеење, обезбедувајќи енергетска ефикасност, но и поддршка во справувањето со социјалните предизвици и активирање кон самоодржливост на социјално ранливите групи. Соработката на двете институции започна пред две години со првата донација преку реализацијата на проектот за обезбедување на енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци.

x

Check Also

Трчај бе, спортски празник за Битола (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Точно 770 пријавени натпреварувачи од 10 земји, меѓу кои македонската атлетска елита ...