Фотошоп интервенции на прекрасните лица на нашите ќерки

Можеби повеќе би сакале нашите ќерки да бидат независни, заинтересирани, идеалисти, со сопствено мислење, оригинални, забавни…и уште многу тоа, отколку да бидат слаби?

modeli 1Се започна од Твиги, во 60-те години на минатиот век. Таа беше „бастунот“, преслабата девојка, а по неа ништо не беше веќе доволно слабо, дури ни Кејт Мос. Но оние со добра меморија секако паметат дека тогашната Твиги во денешно време би била „прекрупна“. Новите „костури“ се навистина костури. И уште и идоли.

„Мислев дека се потсмеваат со мене додека хонорарите ми растеа. Бев преслаба, превисока, премногу трапава…Денес? Гледам дека многумина ме имитираат. Тие не знаат дека тогашната Твиги е предебела за нив!“, вака се сеќава Лесли Хорнбли, позната како Твиги, на годините на нејзината слава.

Додека шетаат по пистите изгледаат како да се паднати од друга планета. Но за да изгледаат такви, две до три недели пред ревиите, и бездруго преслабите девојки се ставаат на диета јадејќи само зеленчук, а истовремено и интензивно вежбаат. Тие недели се долги како нивните нозе. Вити се, но често и болежливи. Имаат 16, 17, 18 години…

Една од погласните која меѓу првите се побуни против преслабите девојки беше и славната писателка Џоан Ролинг. Уште пред речиси десетина години на својата интернет страница, посетувана од милиони читатели, не се замори од пишување колку е бесна на фотографиите објавени во списанијата на кои на девојките им се гледаат ребрата. Во повеќе обиди нагласуваше дека и се згрозува од такви глетки. „Тие девојки или се сериозно болни или патат од некакво нарушување во исхраната. Ним им е потребна помош, но бидејќи светот е таков каков што е, тие ги ставаат на насловните страници, а нашите ќерки сакаат да станат такви“, пишуваше Ролинг. Очигледно, напразно.

Дузина мирни дијалози се одвиваат на темата преслаби девојки особено во текот и за време на модните недели. „Јас не се чувствувам одговорен кон манекенките кои изгледаат анорексично. За жал, има премногу слаби девојки кои себеси не се сметаат за доволно слаби и тоа е болест“, неодамна изјави Армани.

modeli 3Проблемот е всушност во тоа – што е преслабо, а што е слабо? Машките анкети, на пример, покажуваат нешто што можеби треба да се слушне. Од анкетите спроведени во повеќе различни универзитети низ светот дознаваме дека кога мажите ќе кажат дека сакаат слаба девојка покрај себе, тоа значи дека не сакаат, на пример, „дебељуцка“. На поделените картички од девојки за кои анкетираните (мажи) требале да се изјаснат што е слаба девојка, најголем дел од нив се изјасниле за четвртата од понудените пет силуети. А на прашањето што е преслабо, се изјасниле за третата од понудените, веќе знаете, пет силуети.

Но, светот (особено модниот) и понатаму е оспеднат со идејата како да се биде што послаб. Нашите ќерки се воодушевуваат на нивните херои кои им се насмевнуваат од списанијата и сонуваат дека токму такви сакаат и тие да бидат – испиени клонови, потполно егоцентрични и добар дел од нив, и празноглави. Можеби повеќе би сакале нашите ќерки да бидат независни, заинтересирани, идеалисти, со сопствено мислење, оригинални, забавни…и уште многу тоа, отколку да бидат слаби?

Сепак, на неодамнешните фотографии од матурантките кои (про)циркулираа на Интернет, дури и оние кои изгледаа доволно слабо, претрпеле фотошоп-интервенција. Мазни лица, нагласени јаболкници, полни усни.. „Испеглани“  како да не станува збор за девојчиња кои наполниле 18 години, туку веќе имаат 58., па ете морало да се интервенира. Ниту едно мозолче, ниту една акна, ниту едно обравче.

Баш, штета.

Изгледа дека дури и на некои фотографски занаетчии нема кој да им објасни дека слабо и „измазнето“ не е еднакво на убаво. И дека нема никаква математика во оваа „формула“. Формулата за убавина е на сосема друго место кое, за жал, ни тие веќе не знаат да го најдат. За да го овековечат.

Ј.К.

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...