Ги запознавме добитиците на рекордната 7-ка од играта на среќа Лото 7 уплатена во „Алек Табак“ – Битола

Семејството Јанковски од Битола се вброи во редот добитници на 7-ка коишто застанаа пред камерите за да ја споделат радоста за освоената добивка и да се заблагодарат на играчите и на „Државна лотарија“.

„Ние знаеме оти сите играчи учествуваме во фондот на премијата и другите добивки, еднаш едни добиваат повеќе, друг пат други, ова е игра за народот. Ред е тие што добиваат да се заблагодарат, да се знаат кои се и да си ја споделат радоста“ – рече Билјана Јанковска, на што нејзиниот сопруг Лаци се надоврза – „Ова не е лага, вистина е, кој игра, тој добива. Јас играм со години и еве сега сум добил, нека веруваат и да не се откажуваат“

Лаци со години играл исти бројки, но пред еден месец сопругата му го испрала ливчето токму во колото кога можеле да добијат 6-ка. Бројките ги сменил и оттогаш ги игра овие – од коишто во извлекувањето на коло 73, на 12 септември, токму 4-тата комбинација со броевите: 8, 11, 20, 22, 28, 31 и 35, им донесе 7-ка вредна 31 165 143 денари.

Со нив се запознавме во просториите на „Државна лотарија“, кога со потврдата за уплата нè посетија непосредно по извлекувањето, за проверка на добивката. Иако со трема, пресреќни и возбудени, уште веднаш ни соопштија дека се согласуваат за јавна објава, но дека сакаат да се сите заедно, а во Скопје дошле со едниот син, другиот останал на работа. Ја испочитувавме вољата на семејството и ние заминавме кај нив, за да се сретнеме во Битола со целото семејство. Договорената средба беше пред среќното место „Алек Табак“ (на Ат пазар), каде што Лаци, на 12 септември, како и редовно пред одење на работа, уплатил 100 денари за 4 комбинации Лото7 и еден Џокер.

Лаци работи како чувар во ЈП Комуналец во Битола, и со своето семејство

– сопругата Билјана и синовите Кирил и Димитар живее во Ботола. Со сопругата потекнуваат од две различни битолски села каде што имаат и малку земја што ја обработуваат. Ни оставија впечаток на кротко скромно работливо и сложно семејство. Луѓето во Битола што не застануваа за да поразговараат со нас ни потврдија дека 7-ката паднала на вистинско место.

Семејството Јанковски навистина застана под среќна ѕвезда, а продажното место „Алек Табак“ во Битола, коешто пред 7-ката донесе и неколку 6-ки, ја понесе титулата за најсреќно уплатно-исплатно место во нашата земја.

Тука не застануваат средбите со нашето најсреќно семејство, ги очекуваме да нè посетат во Скопје, во студиото на Лото 7 каде што ќе ги дочека нашата водителка Марјана Станојковска. За наредниот период веќе закажавме средба со претходниот добитник на 7-ка Зоран од Кичево и ќе  ги запознаеме двете  семејства коишто во рок од една година добија 7-ки, се согласија за јавна објава и застанаа под среќна ѕвезда.

 

 

x

Check Also

Отворена е новата поставка на изложбата “Скопје, одново” во МСУ – Скопје

Од денеска, 14 октомври, посетителите на Музејот на современата уметност – Скопје ...