„Година на мајмунот“ со интернационална премиера на Московскиот филмски фестивал

По успешната домашна премиера, македонската комедија „Година на мајмунот“, по режија и сценарио на Владимир Блажевски, денес ќе ја има својата интернационална премиера на еден од најреномираните и најстари светски филмски фестивали – Московскиот меѓународен филмски фестивал.

Филмот е во склоп на официјалната програма на Московскиот филмски фестивал. Московскиот е вториот најстар филмски фестивал на светот, веднаш по Венецискиот, постои од 1935 година и е дел од А листата на фестивали.

Како дел од програмата на специјални проекции на овој престижен филмски фестивал, „Година на мајмунот“ ќе има свои прикажувања денес, на 23 април, во 18.00 часот и утре, на 24 април, во 16.00 часот.

„Иако не е во компетитивниот дел од програмата, сепак одлучивме да ја прифатиме понудата на селекторите од Москва и токму таму да ја направиме интернационалната премиера на филмот“, велат од Панк Филм. „Покрај бројната публика, на фестивалот присуствуваат и врвни гости од филмската индустрија, фестивалски селектори и дистрибутери. Токму затоа и проценивме дека учеството ќе помогне во понатамошната промоција и фестивалски живот на филмот.“

Филмот, кој ја имаше својата домашна премиера минатиот четврток, на отворањето на 21. издание на Скопскиот филмски фестивал, го следи уникатното пријателство меѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошка градина Цобе, и нивната авантура во превртениот транзициски свет. Се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Еуримаж, на околу 80 различни локации низ Македонија. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.

„Година на мајмунот“ е на редовен репертоар во киното „Синеплекс“.

Официјалниот трејлер може да се најде на овој линк.

 

x

Check Also

Стипендии за студенти по рударство, геологија и животна средина на УГД Штип

Рудникот за олово и цинк САСА во следната учебна година 2018 / ...