Голем интерес кај авторите за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“

Вториот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, предизвика голем интерес кај авторите. Од 15 мај до крајниот рок, 15 јуни 2020 година, на е-поштата на „ПЕГАЗ“ пристигна 61 ракопис. Во следниот период ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија во состав: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), писателот Давор Стојановски (добитник на награда „Роман на годината“ за 2016 година) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).

– Ни причинува големо задоволство што и оваа година конкурсот на „ПЕГАЗ“ предизвика голем интерес кај домашните автори. Иако станува збор за релативно нова книжевна награда, радува фактот што втора година по ред, тој е предизвик за значаен број творци, меѓу кои има нови таленти, но и етаблирани писатели. Ова издание е особено значајно и е предизвик за нас како организатори, бидејќи се одвива во поинакви и потешки услови, поради актуелната пандемија на вирусот корона, кога условите за работа и творење се отежнати. Но, пристигнатите повеќе од 60 ракописи, влева оптимизам дека креативноста не познава препреки. Впрочем, во светската книжевна историја се покажало дека во (само)изолација се создадени некои од најзначајните литературни ремек-дела… Овој број, како и позитивното искуство од минатогодишниот конкурс (на кој пристигнаа 77 ракописи), ни покажува дека на нашата литературна сцена има голем творечки потенцијал, квантитативно и квалитативно. Се надеваме дека и меѓу новопристигнатите ќе има повеќе успешни дела, кои ќе ја збогатат нашата книжевна сцена – вели Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.
Покрај предусловот ракописите да бидат досега необјавени, услов беше романите да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои требаше да ги достават во електронска форма (во ворд или во пдф-формат).

Фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“, по вторпат го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.
 Уште кога започна глобалната здравствена криза апсолутно беше јасно дека светот барем извесно време ќе биде многу поинаков од оној што до скоро го познававме. Многу слободи се ограничија и уште се ограничени, меѓутоа она што го научивме е дека слободата на духот и натаму ќе остане неограничена. Се разбира дека наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е само мал придонес во потврда на оваа теза. Мал, ама нескромно ќе кажам, прилично значаен. Еве, и вториот конкурс за оваа награда, распишан среде епидемијата, покажува дека, и покрај сите препреки, духот на човекот е најтешко да се скрши. Наспроти неволите, па и наспроти неразбирањата за потребата од создавање културни и уметнички продукти во ова време-невреме, ете, се покажува дека можеби токму сега тие се најпотребни. Оваа теза не ја базирам само врз квантитетот, односно бројот на пристигнати ракописи, иако и овој факт е доволен да се изведат вакви и слични заклучоци, туку многу повеќе врз фактот дека наградата „ПЕГАЗ“ го демантира врежаното мислење дека културата и уметноста се некаков шлаг, некаков додаток на животот. Не, тие се есенцијата на човековиот живот и како такви треба да се третираат и така да бидат општествено прифатени. Верувам дека ако повеќе се направеше за промоција на овдешните културни вредности, а особено на таканаречената жива култура, ние многу полесно ќе ја поминевме оваа корона-криза. Едноставно, морам да го изразам моето задоволство, затоа што Фондацијата „Славко Јаневски“, каде што сум извршен директор, заедно со „Арс Ламина“, ја иницираше оваа награда, чија важност допрва ќе биде соодветно валоризирана – вели авторот и новинар Ѕвездан Георгиевски, од фондацијата „Славко Јаневски“.

На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“, за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен и промовиран на посебна свеченост. Делата што беа позитивно оценети, исто така добија можност од „Арс Ламина“ да бидат објавени, па така, деновиве од печат излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков.

x

Check Also

К-Поп сензацијата Blackpink го „освои“ TikTok

Што се добива кога ќе се спои TikTok – моментално најбрзо растечката социјална ...