Хулахоп – волшебно средство за слабеење (видео водич за почетници)

Пластичниот шарен обрач е доволен за впуштање во авантура која гарантира цврст стомак и до пет сантиметри потесен струк за само неколку недели.

За многумина можеби е само уште една детска играчка, но хулахопот на забавен начин може да ги реши проблемите со наталожените килограми околу стомакот, да го намали обемот на струкот и да ги зацврсти бедрата и задницата. Тренингот може да трае само десетина минути, не бара одреден термин ниту посебен простор, па кој би нашол оправдување дека денес „нема време“ за една ваква симпатична активност која може да го разубави и времето поминато на плажа.

Вртењето на хулахоп согорува 7 калории за една минута, односно за половина час ќе стопите околу 300 калории во зависност од интензитетот на вежбите. Хулахопот не е само одлична активност за намалување на килограмите туку ја подобрува и рамнотежата и моторните способности, го зацврстува грбот, задникот и нозете, развива чувство за ритам и го намалува стресот.

Лесно се почнува со неколку вртења, а со текот на времето расте и мотивацијата што подолго да се задржи обрачот околу струкот.  За почетниците најдобар избор е поширокиот хулахоп, а како ќе напредувате во вежбањето набавете си потесен обрач. Ако станете супервешти, ќе може да се „заиграте“ и со неколку обрачи.

Вежба за обликување на струкот

Застанете расчекорени околу 20 сантимтери и подигнете се на прсти. Во ваква положба вртете го хулахопот околу струкот и одржувајте го темпото на вртење десетина минути. Направете ја вежбата наутро и навечер.

Вежба за зацврстување на задникот

Застанете расчекорени и почнете да го вртите хулахопот, а потоа со забрзан ритам спуштете го на колковите и вртете напред и назад зголемувајќи го темпото. Дозволете хулахопот да се лизга до задникот а потоа обидете се да го вратите со исто темпо во висината на струкот. Вака ќе ги ангажирате сите мускули. Повторете ја вежбата по 10 минути наутро и навечер.

Ако никогаш не сте се обиделе да вртите хулахоп, еве едно видео за почетници кое ќе ви помогне да ги научите основните вештини и да го засакате овој вошебен пластичен обрач.

x

Check Also

Диета со компири, стопете ги килограмите брзо и лесно

Компирот е вкусен и едноставен за подготовка. Спроведувањето на оваа диета не ...