ИБД синдром, го добивте ли веќе?

Ако сте задоволни секојпат кога ќе се погледнете во огледалото тогаш, веројатно, немате за што да се грижите. Ако сте презадоволни, да. 

 

Постои една опасна ментална болест која во последно време почнува да „хара“ низ светот, особено во Холивуд, а психијатрите ја регистрираа и веќе на големо ја препишуваат дијагнозата со модерно (скратено) име БДД, која значи „пореметување  од страв на лошо обликувано тело“.  Ова психичко пореметување не ги поштеди ни атрактивните глумици и пејачки, меѓу кои и Ума Турман, која веќе се обратила за помош. Станува збор за еден замислен проблем, поточно опседнатост од идејата дека се грди.

Кај нас пак, психијатрите се соочуваат со спротивниот замислен проблем, кој го нарекуваат (скратено) ИБД. Или „пореметување предизвикано од замислена убавина“ со синдроми потполно спротивни од БДД, но со подеднакво трагични последици.  Така, се повеќе лица позираат пред фото-објективите и камерите, верувајќи дека се исклучително привлечни и дека нема потреба ни да се слушаат (зашто бездруго и немаат баш нешто да кажат), туку мора само да се гледаат.

Општото самозалажување прераснува во сериозна дисциплина меѓу огромен број на (под)просечни жени кои искрено веруваат дека сите се вљубени во нив, иако и оние кои (којзнае зошто) наседнале на перфидниот штос би сакале да се отарасат што побрзо од нив. Но добро, разбираме дека сме во 21-от век па не е ни чудо што се појавија купишта Франкештајнови невести. Виртуелно, тоа се „совршени“ жени склопени од имитации на делови од телата кои припаѓаат на веќе прифатените светски ѕвезди. А оние кои стојат зад нив, додека ги снимаат(фотографираат), ги избираат само најдобрите од дузината неуспешни, за да ја презентираат пред јавноста супер-убавицата, која всушност не е ни од далеку слична на онаа која ќе ја сретнеме, случајно, во живо. И тука е проблемот. Извесната, да кажеме, убавица, е и самата веќе цврсто убедена дека изгледа така и никако поинаку од сопствениот фотошопиран модел.

Како се лекува ова психичко нарушување? „Тешко, но возможно е“, велат психијатрите, додавајќи – „ Нашето тело физички може да се менува во согласност со нашиот ум“. Или во превод, ако искрено се соживеете дека сте прекрасни, на крајот можеби и навистина ќе станете прекрасни. Секако, попатно и  не би било лошо да се инвестира во некој од современите прирачници од типот „мисли позитивно“.

И така додека замислените копии на Лара Крофт, Ананова, Трина и компанија никнуваат на малите екрани и ни се насмевнуваат од своите постирани ФБ фотографии, се препрашувам(е) каква ќе беше навистина Барби да беше вистинска девојка. Веројатно, висока 220 сантиметри,  тешка едвај 50 килограми и веројатно би и било многу поудобно да оди на четири нозе отколку да стои исправено. И исто така, веројатно,  карлицата би и била претесна за да добие менструација.

Ама нашата Барбика не мисли така. Висока е едвај метро и шеесет, но носи високи потпетици. Чекори на две нозе, пресигурна во себе и својот изглед, и згора на тоа, при секој муабет со случајно сретнат маж, не испушта да (му) соопшти дека е нон-стоп „во овулација“.

Ј.К.

 

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...