Икона на стилот: Алфонс Муха, синоним на уметноста на заведувањето

Неговото име е синоним за Арт Нуво (Art Nouveau). Неговата уметност е уметност на заведување. Грациозни долгокоси жени во фустани кои лесно паѓаат нагласувајќи ја линијата на телото, необично декорираните и обоени постери станаа заштитен знак на една епоха.

muha 5Роден е во 1860 година во местото Иванчице во Моравија, сегашна Чешка. Цртањето и пеењето му биле хоби од детството. Со 11 години станал член на црковниот хор во катедралата Свети Петар во Брно, а тоа му овозможило да посетува гимназија во тој град. Кога гласот му се изменил бил замолен да го напушти хорот и така се вратил во својот роден град. Се вработил во општинската управа но продолжил со часовите по цртање. Не успева да се запише на Акедемијата за уметност во Прага па затоа прифаќа работи поврзани со театарскиот декор, а во 1879., поминува во Виена каде работи како асистент во фирма која се бавела со театарска сценографија. И понатаму зема часови по сликање и цртање. Кога пожарот во Бург театарот во Виена го уништил и работодавачот на Муха, тој на кратко се вратил во Чешка каде работел како слободен уметник, декоратор и портретист. Се запознава со грофот Куен-Беласи, кој го ангажира да го декорира со мурали замокот Емахоф. Грофот станува прв заштитник на Муха и му овозможил да се школува на минхенската Академија на уметности.

muha 6Муха заминува во Париз во 1887. и веќе следната година студира на  Академијата Жилиен и Академијата Колароси. Во исто време работи и илустрации за реклами. Првиот рекламен постер го прави во 1892., но првата слава ја доживува две години подоцна кога го работи првиот во низата постери за Сара Бернар, тогаш најпозната париска актерка и нејзиниот „Театар на ренесансата“. Волонтерски ја направил првата литографија и на 1-ви јануари 1895 година постерот за претставата “Жизмонда”. Постерот се појавил низ целиот град и предизвикал големо внимание. Овој постер и денес претставува модерен концепт, а во времето на Муха тоа бил неверојатен чекор кон неповторливиот творечки стил. Сара Бернар, задоволна од сензацијата предизвикана од постерот, потпишува со Муха ексклузивен договор за наредните шест години. Постерите на Сара Бернар ја прошириле нејзината слава надвор од границите на Франција.

muha 4До 1901 година Муха освен постери работел и сценографија и костими за нејзиниот „Театар на ренесансата“. Овој успех кој му донел и престиж во општеството, ја одредил и природата на неговата идна работа. Стилот на Муха после светската изложба во Париз во 1900., станал познат ширум светот, а Муха добил сребрен медал за декорот на павиљонот на Босна и Херцеговина. Муха доживеал голем успех и во Америка каде неговите слики и минијатури почнале масовно да се печатат што било против неговите убедувања. Сметал дека масовната продукција не носи добро на самата уметност па дури ни кај постерите кои се наоѓале и таму каде што им е местото и онаму каде што не им е местото.

Меѓу 1902. и 1904., Муха патува и доаѓа во Прага заедно со Роден, две години подоцна оди во Америка каде се обидува да добие што повеќе нарачки на портрети за тоа да му овозможи подоцна безгрижно да работи на големиот патриотски циклус. Држи предавања во Њујорк, а подоцна и во Филаделфија и Чикаго.

По враќањето во Прага во 1906., се жени со Марија (Марушка) Читилова, која ја запознал во Париз. Од 1906. до 1910. Муха и Марушка поминуваат најмногу време во САД каде го добиваат и своето прво дете Јерослава. Подоцна во Прага се раѓа синот Јержи, кој подоцна ќе стане познат новинар, сценарист и толкувач на делата на татко му.

После концертот на Бостонската филхармонија Муха одлучил потполно да се посвети на словенската историја и култура. По враќањето во Чешка во 1910 година, почнува да работи на реализација на она што подоцна ќе биде познато како „Словенска епопеја”. На 20 монументални платна Муха ја насликал словенската митологија, историја, народните верувања и култура. Сакал на секоја словенска заедница да посвети по една тема и слика во чест на заедничкото потекло, и како што се надевал – на заедничката словенска иднина. После изложбата на првите 11 слики во Прага во 1911., Муха некои од овие дела со голем успех ги прикажал и во Чикаго и Њујорк во 1921 година.Сите 20 слики од циклусот „Словенска епопеја” Муха во 1928 година ги подарил на градот Прага и на чешкиот народ. Истата година се преселил во својата куќа во Прага. Продолжил со работа, ги декорирал прозорците на катедралата во Прага, а дизајнирал и чешки банкноти. Своите мемоари ги објавил во 1936.

muha 1Будењето на фашизмот во Европа во 30-те години влијае на работата на Муха, како и на неговиот словенски национализам и и панславизам. Кога германските трупи во 1939 година влегле во Чехословачка, Муха бил меѓу првите уапсен од Гестапо. Во текот на истрагата се разболел од воспаление на белите дробови. Иако е пуштен овој настан многу го ослабел и Алфонс Муха умрел во својата куќа во Прага на 14 јули 1939 година. Погребан е на гробиштата во Прага.

Денес во Прага постои Музеј на Алфонс Муха кој пред десетина години го отвори Фондацијата Алфонс Муха, која ја води неговиот внук Јержи. Музејот за кратко време стана еден од најпосетуваните музеи во Прага, а неодамна го прослави и својот милионити посетител.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП ЗА АВГУСТ: Многу љубов за водните знаци, незаборавен за Лавовите

Во август планетата Венера ќе го напушти знакот на Близнаци и ќе ...