Икона на стилот и заштитничка на уметноста: Изабела Д’Есте

Била владарка, заштитничка на уметноста, мајка на осум деца, музичарка и иноватор во модна смисла. Нејзините иновации во облекувањето биле копирани од жените на дворовите, во цела Италија, па дури и во Франција.

izabela 4

Животот на маркизата од Мантова, Изабела Д’Есте, денес најмногу ни е познат благодарение на богатата преписка што ја водела со својот круг луѓе. Таа дописка со над 2.000 сочувани писма ни носи информации не само за уметничкиот свет на ренесансата, туку и за единствената улога што оваа жена ја имала во неа.

Родена е во аристократско семејство во Ферара. Татко ѝ бил војводата Ерколе I Д’Есте, а мајка ѝ Леонора Напулска, ќерка на Фердинанд I, кралот од Наполи. Во семејството добила одлично класично образование и уште како девојче запознала многу хуманисти и уметници. Учела римска историја, а многу брзо почнала да преведува од грчки и латински јазик. Покрај историјата и јазиците, знаела да го рецитира Вергилиј и други антички поети, а одлично свирела лаута, пеела и осмислувала нови танцови.

izabela 1

Кога имала само шест години, договорен ѝ е брак со Џанфранческо Гонзага, идниот маркиз од Мантова. Иако Гонзага не бил убав, Изабела му се воодушевувала поради храброста и силата. Следните неколку години ги минува подготвувајќи се за улогата на маркиза од Мантова.

Бракот е склучен 10 години подоцна, во1490, кога Изабела имала 16 години, а Гонзага станал маркиз и генерал на војската на Млетачката Република (Венеција). Поради тие обврски, морал често да патува во Венеција, додека Изабела ја оставал да го управува дворот и да ги води работите. Изабела останала во друштво на своето семејство, со мајка ѝ и сестра ѝ Беатриче, а подоцна се зближила со Елизабета Гонзага, со која минува време во читање книги и патување надвор од градот. Интензивно се допишувале сè до смртта на Елизабета, во 1526.

Четири години по склучувањето на бракот, Изабела го родила првото од осумте деца, ќерката Елеонора. Децата се раѓале континуирано, иако само година дена откако братот на Изабела, Алфонсо, се оженил со Лукреција Борџија, таа му станува љубовница на мажот на Изабела, Франческо. Лукреција пред тоа привидно се спријателува со Изабела. Оваа афера ѝ била позната и на Изабела. Во дописките се сочувани нејзините емотивни страдања и напади на љубомора. Сепак, врската меѓу Франческо и Борџија се завршува кога Франческо, кој поминувал време и со проститутки, се заразил од сифилис.

iziabela 4

Во тоа време Франческо Гонзага се борел против францускиот крал Шарло VIII, а кога на власт дошол кралот Луј XII, во 1509, маркизот е уапсен на спиење и е одведен во Венеција. Изабела тогаш ја презема командата над Мантова и успева градот да го одбрани од напаѓачите. Потпишала мировна спогодба и нејзиниот маж во 1512 година е пуштен од затвор. Истата таа година била домаќин на Конгресот во Мантова, на кој е одлучено за Фиренца и Милано. Се покажало дека Изабела е многу поспособен владар од маж ѝ. Кога Франческо се вратил на дворот, понижен и гневен поради политичкото влијание на својата жена, бракот најпосле пропаѓа. Изабела почнува да живее независно и слободно да патува. Стигнува во Рим, каде што на дворот на папата Лав X била третирана како кралица, која го привлекувала општото внимание.

По смртта на својот маж, во 1519, Изабела се вратила во Мантова, каде што владеела заедно со својот малолетен син Фредерик. Играла и значајна политичка улога, која ја подобрила позицијата на Мантова, и ја претворила во војводство, додека со другиот син Ерколе обезбедила кардиналско место. Од Мантова направила културен центар, отворила школа за девојчиња, а својот двор го претворила во музеј со најдобри уметнички предмети. Ги помагала филозофите, поетите и сликарите, како што се Рафаел, Тицијан, Џовани Белини и Леонардо да Винчи. Леонардо со години го канела да ѝ направи портрет, до кој никогаш не дошло. Останал еден цртеж, кој Леонардо, и самиот во чудни врски и работи, неволно го направил за познатата маркиза. Со години Изабела во своите писма го молела Леонардо за какво било уметничко дело кое би го направил за неа, но тој останал на своето и никогаш не ѝ испратил ништо повеќе од тој еден цртеж.

izabela 2

Последните години од животот, Изабела се вратила во политичкиот живот, владеејќи во Соларол во Ромања, сè до својата смрт, на 13 февруари 1539 година.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Розовото палто на Џеки Кенеди

Ни 50 години по смртта на американскиот претседател Џон Кенеди приказните не ...