Икона на стилот: Исидора Данкан, славната трагична муза

Нејзините основни принципи во танцот – телото и движењата мора да бидат слободен одраз на внатрешното доживување, ја иновираа балетската уметност. Начела на играта што денес може да се види во модерниот танц на различни трупи и поединци својата основа ја одбиле во она што оваа жена го работеше во почетокот на 20 век. Во времето кога таа, босонога и облечена во проѕирна грчка тога танцуваше и внесуваше новости во играта, Америка ја оспоруваше, а во Европа стана прва балетска ѕвезда.

isidora 4

Анѓела Исидора Данкан е родена во Сан Франциско на 27 мај, 1877 година, како најмладо од четирите деца во семејството на татко банкар и мајка пијанистка. Набргу по раѓањето на Исидора, таткото ја загубува банката и семејството осиромашува. Мајката ги одгледувала децата многу слободно, од мали нозе ги упатувала на уметност и образование. Секоја вечер децата се собирале околу клавирот, а Исидора и сестра ѝ Елизабет танцувале на разни мелодии. Поради сиромаштијата, со само шест години, заедно со сестра ѝ, почнува да им дава часови по танц на децата од соседството. Балетска школа Исидора никогаш не посетувала, а на 13-годишна возраст го напушта и редовното училиште. Истовремено, ги голта книгите на Дикенс, Шекспир, Текереј и многу други, ја обожава европската литература и според белешките од автобиографијата „Мојот живот“, веќе тогаш, како дете, размислува да замине во странство. Од Сан Франциско семејството се преселува во Чикаго, каде што Исидора се обидува да го добие првиот ангажман, но во театарот не ја примаат. Во очајничка потрага по некоја работа, игра во еден ресторан и тука останува, сè додека големиот Аугустин Дали со својата трупа не се појавува во Чикаго. Едвај успева да го натера да ја прими и да ја сослуша за танцот, а потоа тој ја повикува во Њујорк на аудиција.

Исидора со семејството се преселува во Њујорк и станува дел од трупата на Агустин Дали, во 1895. Две години во таа трупа не ѝ носат некое подобрување во финансиска смисла, семејството едвај преживува, а Исидора не успева да го убеди својот директор во својата „револуција во уметноста“. Го напушта Дали и оди во студиото на Карнеги Хол, каде што најпосле почнува да добива малку ангажмани и своите кореографии да ги прикажува на приватните концерти за њујоршката елита. Сепак, незадоволна на приемот на кој наидува, одлучува со семејството да се пресели во Лондон. Позајмува малку пари и со товарен брод Исидора, нејзиниот брат, сестра и мајка, заминуваат за Лондон, во 1898 година.

isidora 2

Во Лондон нешто полесно доаѓа до работа. Почнува да танцува пред богатите на приватни забави, а инспирацијата ја наоѓа на грчките вази во Британскиот музеј. Наскоро го запознава кремот на лондонското друштво и полека застанува на нозе. Сестра ѝ Елизабет се враќа во Америка да отвори танцова школа и така да помогне на остатокот од семејството. Две години подоцна Исидора, брат ѝ и мајка ѝ заминуваат за Париз, во времето на прочуената изложба во 1900 година. На изложбата стигнува и Шарл Хале и ја внесува во строгиот круг на интелектуалниот Париз. Композиторот Масажер ја следи кога првпат настапува во салонот Де Марсо. По настапот, ѝ приоѓа Сарду, воодушевен од нејзината игра. Се нижат успесите по салоните, а Исидора го игра Орфеј од Глук во славниот салон Мадлен де Мар. Излегуваат првите критики за нејзиниот танц, полни со пофални зборови. Станува предмет на обожавање меѓу париската елита. Нејзината мајка, исто така, свири виртуозно и ја следи на клавир, а на репертоарот на Исидора се наоѓаат Бетовен, Шуберт, Шуман, Шопен, Лист и Вагнер. Нејзината слава најпосле се проширува низ Европа, ја викаат во Берлин, Лајпциг и Виена. Од Виена заминува во Будимпешта, каде што 30 пати игра пред полна сала, додека публиката лудува од воодушевување. Будимпешта официјално се смета за почеток на уметничката кариера на Исидора Данкан, оттаму таа заминува на европска турнеја, а потоа во Америка. Иако сметала дека комерцијалните турнеи го нарушуваат односот спрема играта како уметност, играла низ цела Европа, во Северна и Јужна Америка, сама на Акропол, кој го сметала за врв на уметничкото достигнување.

isidora 6

Ја посетува Русија осум пати, очајувала гледајќи ги сиромасите на улиците на Петроград, трагала по филозофија на танцот, го продлабочувала проучувајќи ја филозофијата, историјата и литературата, основала три танцови школи, каде што ја развивала својата уметност, а цело време водела и бурен приватен живот.

Од врската со Гордон Крег, големиот реформатор на театарот, ја добива ќерката Дидра во 1906 година, а во 1910 од врската со Патрик Сингер, го добива синот Патрик. Меѓутоа целосен емотивен крах доживува во 1913 година, кога двете деца, заедно со дадилката, загинуваат во автомобилска несреќа. Автомобилот влетува во Сена и децата се удавуваат. Исидора никогаш нема да заздрави од оваа трагедија. Помислува да се убие, а на сила ја продолжува педагошката работа. Во времето на Првата светска војна, настапувала за да собира средства за ранетите и бегалците. Сè повеќе надеж имала во новата доба, загледана во големите промени што ги носела Револуцијата во Русија. Автобиографијата „Мојот живот“ завршува со зборовите – „Збогум, Стар Свете! Го поздравувам Новиот Свет!“, кога во 1921, Исидора по последен пат заминува во Русија. Тоа ново поглавие на славната трагична хероина и уметничка не останува незапаметено во литературата и историјата. Во Русија ја отвора својата танцова школа. Една вечер во Петроград, во ателјето на сликарот Јакулов, го сретнува младиот разбушавен поет Сергеј Есенин. Таа, за тоа време скандалозна љубовна приказна меѓу славната танчарка и исто толку славниот, но 20 години помлад од неа поет, почнува на прв поглед. Штом влегол, тој прашал за Исидора, седнал до нејзините нозе, а таа го погалила по русата коса и ги изговорила оние малку зборови на руски што ги знаела „Златна глава… Анѓел… Ѓавол”.

Исидора и Есенин

Исидора и Есенин

Исидора и Есенин започнуваат тешка врска, измешана со алкохол, разделби, кавги, тепачки и постојани враќања. Се земаат во 1922, патуваат заедно низ Европа. Тогаш Есенин ги објавува своите избрани песни, а Исидора ѝ се враќа на уметноста, приредува концерти. Но оваа проблематична и опсесивна врска не може да трае и тие се разделуваат веќе во 1923 година. Наредната година, Исидора танцува за последен пат во Баљшој театар и ја напушта Москва, а Есенин, за жал, една година подоцна наводно извршува самоубиство во хотелот „Англетер“ во Петроград. По смртта на Есенин, Исидора не наоѓа мир. Често се појавува пијана во јавноста, води несреден живот, повеќе се занимава со финансиски проблеми отколку со танцот.

isidora 5

Времето го минува меѓу Ница и Париз, сè до 14 септември 1927, кога после ручекот со пријатели седнува во автомобилот „амилкар“, на својот пријател Италијанец, кого нагалено го викала Бугати. Во текот на возењето, долгиот шал што го носела околу вратот се заплеткал меѓу задното тркало на автомобилот и ѝ го прекршил вратот. Погребена е во Париз, покрај нејзините деца.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Розовото палто на Џеки Кенеди

Ни 50 години по смртта на американскиот претседател Џон Кенеди приказните не ...