Икона на стилот: Курцио Малапарте

Неговиот екстравагантен дух остави печат на цела Европа.

malaparte 10

Пријателите, кога во јули 1957 година веќе беше подготвен да замине кај Бога, не гледаа ниедна причина да го поштедат: „Драг Малапарте, умри лесно и умри брзо“, пишуваше во телеграмата испратена од неговиот близок, Џузепе Прецолини, пристигната од Њујорк во римската клиника „Санатрикс“ каде што Курцио веќе лежеше цел месец.  Почина во 15.48 часот на 19 јули, додека му препорачуваше пријателот одговор на одговорот испратен од писателот Монтанели: „Кажете му на Индро дека ќе умре пред него!“ и додека неговиот исто така неразделен пријател Лонганези веќе на големо (о)зборуваше дека „беше толку полн со себе што на секоја свадба сакаше тој да биде младоженецот, а на секој погреб тој да биде мртовецот“.

Нешто подоцна, во едно од писмата на Лонганези, пишуваше: „Курцио не беше ниту некој голем стилист, беше само огромен маниерист и горд лажго. Беше маска зад која ја криеше својата латентна хомосексуалност, болен од нарцисоидност, живееше без чувства секогаш само пред своето огледало. Ја сакаше само мајка му и убавите хотели“.

curzio 2И веројатно, педантниот издавач Лонганези имаше по некоја точна забелешка. Но, само по некоја. Курцио Малапарте, според оние кои добро го познавале, беше и себичен и арогантен и нарцисоиден, но несомнено беше човек со еден неверојатен талент кој малкумина до денес го покажале. Неговата контрадикторна личност е тешка за толкување. Отсликана е во самите романи кои брзо му ја донесоа славата низ светот, во честите селидби, промашените длабоки романси, во заземениот став на фашист, а потоа на дециден антифашист, според некои – последен вистински Европеец, според други – последен писател космополит, носталгичен кон Ленин, но приврзан за Мао, подобар наратор од Хемингвеј, со сензуална идеологија слична на Сент Егзипери, со смисол за литературна професионалност која двапати не се повторува, после Моравија. И со извонредна креативност рефлектирана на милионите испишани страници со истенчен стил.

Неговиот екстравагантен дух остави печат на цела Европа: во времето кога вистинските „контиња“ носеа бели испеглани кошули, Курцио ги воведе црните кошули, сошиени рачно, и тоа по мерка. Тој беше еден од ретките кои не позираше покрај книгите како што тоа го правеа другите писатели, туку на својот велосипед, секогаш од најнов модел, во шорц и црни маички. Спротивно на сите кои имаа пари, сонуваше за куќа која нема да биде огромна и прекрасна, туку ќе биде „тажна, студена и темна“, која подоцна самиот ја проектираше и ја изгради на островот Капри. Широка 28 метри и висока 6.6 метри, нарекувајќи ја „куќа каков што сум јас“. И денес, Каза Малапарте е сочувана и претворена во музеј.

Беше вљубен во мечувањето, можеби само затоа што преку мечот доаѓаше до израз неговата убава става, но и целата елеганција, подеднакво како и сатисфакцијата од чувството на победа. Како за ниеден друг маж во тогашна Европа, за контроверзниот Курцио Малапарте жените ги оставаа своите домови, мажи, семејства и деца. Но никој и ништо не успеа да го врзе.

malaparte 3

Каза Малапарте

По војната, Малапарте ја започна својата кариера на новинар.  Во 1926 година ја формираше Писателската група 900, која стана промотер на прогресот, технологијата и урбаноста. Како уредник на „Ла Стампа“ беше избркан поради објавеното (анонимно) интервју против Мусолини.

Против Мусолини и Хитлер продолжи да пишува под псевдоним во весникот „Кориере дела сера“, двапати завршувајќи во затвор. Вториот пат ја побара истата ќелија во која престојувал првиот пат, бидејќи токму „таа му се допаѓала“.

Интернационалната слава особено ја доби по Втората светска војна, со двете книги „Капут“ (1944.) и „Кожа“ (1949.) кои и денес не изгубија ништо од вредноста, опишувајќи го животот после војната. Напротив. Денес дури и повеќе од некогаш можеме да се пронајдеме во тие испишани страници.

„Горам од желба да работам, да пишувам, горам од желба да го чувствувам вкусот на животот. Изгорувам од своите сопствени идеи и соништа“, пишуваше Малапарте. На неговиот кревет, закован од неизлечивиот рак, во тешки болки одлучи да ја промени верата и да стане католик. И тоа беше неговиот последен акт на финален бунт против конформизмот.

Ј.Кантарџиева, Марчела Бенети

x

Check Also

Розовото палто на Џеки Кенеди

Ни 50 години по смртта на американскиот претседател Џон Кенеди приказните не ...