Икона на стилот: Мадлен Вионе, модна креаторка на модните креатори

Во 1930 година во нејзиното ателје во Париз имала 1.200 вработени. За разлика од Коко Шанел, Мадлeн Вионе никогаш нема да заборави на своето сиромашно потекло. Во модниот свет влегува скромно и исто така скромно од него ќе се повлече и покрај богатството и славата која ја стекнува.

mv5

Мадлен Вионе е родена во Франција во 1876 година. Иако била одлична ученичка, татко и кој работел на канализациите, одлучил дека таа треба да го напушти школувањето и дека мора да го научи неговиот занает, кога Мадлен имала само 18 години. Така го прекратува образованието и веднаш потоа и ќе се омажи. Бракот не успева, трае многу кратко, а Мадлен заминува за Англија со цел да си го исполни сонот – да отвори кројачки салон во кој ќе креира и шие фустани за аристократијата. Но наместо свој салон, почнува да работи во друг, за плата.

Пет години подоцна Мадлен се враќа во Париз и почнува да работи во едно ателје каде што ќе научи многу за модниот дизајн. Во 1907 година добива понуда која не може да ја одбие. Понудата доаѓа од францускиот моден креатор Жак Дусе, познат како голем колекционер и мецена, исклучително славен во парискиот уметнички и моден свет. Дусе ја вработува Мадлен кај него давајќи и предлог да создаде нејзина модна линија. Вионе без двоумење го прифаќа овој предлог, свесна дека токму од ателјето на Дусе пред неа излезе веќе големиот креатор Пол Пуаре.

mv2

И Пуаре, како Коко Шанел, се нареекувале себеси „ослободители на жените од корсетот“. Првите колекции на Мадлен пак, содржат фустани со корсети, а тоа е периодот од 1907 до 1912 година.  Откако нејзините фустани почнуваат да бидат бојкотирани, таа создава една сосема поразлична колекција инспирирана од долната облека. Колекцијата е прифатена во јавноста со восхит. Но со следната колекција станува позната. Тоа е колекцијата инспирирана од облеката на грчката антика. Нејзиниот неисцрпен извор за инспирација всушност станува познатата балерина Исидора Данкан.

mv4

Особено прочуена Вионе станува по новиот пристап на сечењето на ткаенината, наместо по должината таа почнува да ја сече дијагонално, а тоа станува хит во париските модни кругови во 1930 година. Покрај тоа, таа своите креации не ги цртала на хартија туку ги правела на мали кукли.

mv3

Во 1912 година го отвора својот прв моден салон во Париз кој мора да се затвори за време на Првата светска војна. Кога војната завршува, Мадлен Вионе повторно отвора салон, но овојпат на познатата улица Риволи. Во 1930 година на нејзиниот платен списаок веќе има 1.200 вработени.

За разлика од Коко Шанел, Мадлен никогаш не заборави на своето сиромашно потекло. Оттука е и нејзината голема грижа кон вработените. Во фирмата вработува повеќе медицински лица и стоматолог кои ќе се грижат за здравјето на нејзините вработени, на кои редовно им следувал и платен одмор.

Поради Втората светска војна таа ќе мора да го затвори ателјето. Се преселува во село купувајќи си мала куќичка и покрај нејзиното стекнато богатство.

Името Вионе почнува да се заборава, а со текот на годините ретко кој и ќе се сети на неа. Се до 2002 година кога еден кувајтски бизнисмен одлучува да го откупи името и компанијата која е веќе згасната. Од 2006 година до денес марката Вионе припаѓа на Матео Марѕото и Џани Кастиљони.

Утре, 24 септември, со почеток во 19 часот во Париз љубителите на модата и на марката Вионе со нетрпение ја очекуваат модната ревија за колекцијата пролет/лето 2015 година.

 

x

Check Also

Се отвора изложбата Panic Room во Музејот на современата уметност

На 2 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток ...