Женствената Маргарет Фулер со машко перо

Била најначитаната жена на светот во времето во кое живеела, прва жена-уредник и прв дописник од странство.

margaret 1

Маргарет Фулер, со своето остро „машко“ перо ќе го трасира патот, мошне трновит, по кој денес слободно одат припадничките на нејзиниот пол што одбиваат да бидат понизни, покорни и побожни, кои знаат остро да критикуваат и гласно да размислуваат. Цената на острото перо ќе ја плати со живот, несреќно, токму на врвот на својата слава.

Сара Маргарет Фулер, најначитаната жена во светот во времето во кое живеела, со исклучителни таленти и особено мајстор на пишаниот збор, храбра и посебна, ја имала таа несреќа да се роди во 1810 година во Кембриџпорт, Масачусетс, во време и место каде што жените морале да бидат ништо друго освен културни, покорни, понизни, женствени и побожни. Фулер, како чиста спротивност на тоа, била „агресивна“, арогантна, „дива“ и остра на јазикот, па уште на 9-годишна возраст ќе забрани да ја викаат Сара, туку Маргарет, сметајќи дека Сара е име за девојченца. Родителите Тимоти и Маргарет Фулер ќе го загубат своето второ, 14-месечно дете, па ќе дадат сè за образованието на своето прво дете, Маргарет, која благодарение на нивната упорност, почнала да чита и да пишува уште на тригодишна возраст. Добива строго образование карактеристично за момчињата, а ѝ било забрането да чита женска литература како што се романите. Оттука, не чуди што уште во најраната младост, откако ќе го преведе Вергилиј од латински, таа веќе пишувала моќно, „машки“ и остро, стресувајќи ги сите писатели и интелектуалци со своите строги, прецизни текстови.

Куќата во која е родена

Куќата во која е родена

Сè до ненадејната смрт на татко ѝ, кога имала 24 години, Маргарет немала финансиски грижи, но потоа се соочува со тешкотии, со скржавоста на вујко ѝ, кој ја презема грижата за семејството, па одлучува таа грижа самата да ја преземе на себе, да ја издржува финансиски куќата, мајка си и своите помали браќа и сестри. За да заработи, одлучува да дава часови на различни теми и почнува да заработува нешто од своите „студенти“ надвор од секоја институција, кои во почетокот се малку, но потоа се намножуваат, истовремено почнува да преведува книги за ситни хонорари, да пишува биографии за веќе познатите автори, и иако до својата 30-годишна возраст станува најобразованата жена на своето време, финансиски едвај се бори за преживување. Својата прва авторска книга ја објавува во ноември, 1834 година, како одговор на историчарот Џорџ Банкроф.

margaret 3Иако во младоста имала проблеми да се спријатели, девојките ја избегнувале, а момчињата ѝ се плашеле, подоцна ќе создаде широк интелектуален круг од луѓе што ѝ се восхитувале и почитувале, но сепак никогаш не се зближувала премногу со нив.

По покана од весникот „Дајл“, во 1835 година, почнува да пишува колумни. Со „Дајл“, како најинтелектуален весник во тоа време, Маргарет ја добива својата посебна публика, но самиот весник се соочувал со финансиски проблеми, па никогаш нема да биде исплатена за тоа што го пишува. Уредникот на „Њујорк трибун“ ќе ја повика да премине кај него и со тоа ќе стане прва жена-новинар вработена во еден весник, за годишен надомест од 500 долари. Но со новото вработување принудена е и критиките да ги насочи кон политичките и социјалните проблеми во земјата, да пишува за затворите и азилите, актуелни за тоа време. Така влегува во јавни дуели (но и лични дописки) со многу од писателите и политичарите на тоа време, од Америка и Европа, и на тој начин станува и прв книжевен критичар и прв рецензент на книги истовремено, со полно работно време. Во 1846 Маргарет Фулер станува прва жена-уредник.

Станува инспирација на многу сликари и писатели

Станува инспирација на многу сликари и писатели

Влегувајќи во различни жестоки дискусии со познати интелектуалци од своето време, влетува во една необична дописка со Едгар Алан По, кој истовремено флертувал со мажената поетеса Франсис Оскуд, но веројатно и со поетесата Елизабет Елет, која била „смртно“ вљубена во По, но од него била сосема запоставена. Несреќна поради гласините дека е оставена заради Оскуд, Елет ја пушта во јавност аферата на големиот писател и мажената поетеса. Знаејќи за пријателството на Маргарет и По, Оскуд ја замолува Маргарет да оди кај него и да побара да ѝ ги врати писмата, со цел да ја скрие нивната врска. Но По прави скандал од тоа, повреден од барањето од Оскуд, ја истерува својата пријателка Маргарет од дома, нарекувајќи ја „душкало“, а целиот скандал добива светски размери.

За да се стиши скандалот во САД, Фулер е принудена од „Њујорк трибјун“ да замине за Европа и со тоа станува и прва дописничка од странство. Се сели во Лондон, каде што се спријателува со Вилијам Вордсворт, а потоа во Франција станува пријателка на Жорж Санд, која била слична на неа.

margaret 4Италија сепак е пресудна за Марагерт. Тука се запознава со маркизот и револуционер Џовани Осоли, помлад од неа 11 години, се вљубуваат и почнуваат интимна врска, веројатно тајно се венчале во април 1848 година, кога веќе Маргарет била бремена во петтиот месец. Тајно го раѓа и нивниот син, Анџело. Но набргу се случува римската револуција и Осоли мора да се скрие во Фиренца, а Маргарет останува да пишува написи за револуцијата.

За да останат заедно, но и за Осоли да не заврши во затвор или пострашно од тоа, одлучуваат да пребегаат во САД. Тоа е нивното последно патување. На 19 јули 1850 година загинуваат во бродолом, сите тројца, малиот Анџело, младиот Џовани Осоли и Маргарет Фулер – на 40-годишна возраст.

Телото на Фулер никогаш не е пронајдено.

Ј.К.

x

Check Also

Сродните души на хороскопските знаци

Сте се запрашале некогаш што астрологијата може да ве научи за изборот ...