Икона на стилот: „La Divina“ Марија Калас

Во чест на роденденот на една од најелегантните жени и најмоќна пејачка на 20. век.

Марија Калас, 1958, “Травијата”, Royal Opera House, фото- Houston Rogers

Марија Калас, 1958, “Травијата”, Royal Opera House, фото- Houston Rogers

Една од најголемите музички уметници на 20 век, Марија Калас, primadona assoluta, запаметена е како најголем сопран на сите времиња. Исклучително убава, со божествен глас, темпераментна и со многу стил го добивала секое внимание од публиката, медиумите и мажите. Сепак, животот следен со скандали, несреќна љубов, депресија и самотија, од Марија Калас ќе направи трагична икона на своето време.

Марија Калас е родена како Марија Ана Софија Сесилија Калогеропуло на 2 декември 1923 година во Њујорк, во грчко емигрантско семејство. Била повлечено дете, склона кон меланхолија, за себе подоцна говореше дека се чувствувала како грдото пајче, со вишок на килограми,  големи очила поради кратковидост, во семејство кое не било среќно. Мајката во 1937 година одлучила да го напушти лошиот брак и со ќерките се вратила во Грција. На почетокот својата мајка ја доживувала како голем авторитет, а биографите сметаат дека психичката лабилност на Марија, како и комплексот на пониска вредност, се должи исклучително на мајка и, која секогаш била критично настроена кон Марија и никогаш не покажувала емоции ниту била каква топлина.  Марија Калас подоцна говореше дека мајка и била спартанка, која само знае да критикува и да биде строга. И на кариерата на Марија, мајка и многу влијаела, терајќи ја да пее уште од петтата година, што тогаш таа тоа го мразела.

Марија Калас, 1949, фотографија потпишана во Буенос Аирес, Maria Callas Museum

Марија Калас, 1949, фотографија потпишана во Буенос Аирес, Maria Callas Museum

Во Грција почнува да се развива кариерата на Марија Калас. На 14 години во Атина се запишува на Националниот конзерваториум, а потоа и на прочуениот Атински конзерваториум.  Нејзиниот голем талент го открила нејзината прва професорка, Марија Тривела, која ја охрабрувала младата пејачка верувајќи дека нејзиниот глас е како небрусен дијамант кој допрва ќе се развива и ќе достигне светска слава. Марија Калас се повеќе време посветувала на пеењето, минувала часови и часови на Академијата и полека ги проширувала своите гласовни способности. Во Олимпискиот театар во Атина во 1939 година ја започнува пејачката кариера. Улогата на Беатриче во Бокачо (1942) се означува како професионален деби на Марија Калас.  Истата година ја добива главната улога во Тоска во Грчката национална опера. Сепак, по завршување на војната, во операта за неа нема место, зашто во Грција владееле левичарите и Марија е протерана.

Се вратила во САД да го види својот татко и професионално да се обиде на американската сцена. Без голем успех во 1947 година се враќа во Европа, во Италија, а во Верона ја остава публиката без здив изведувајќи ја Џаконда. Следуваат години на молскавична слава. Била миленичка на критичарите кои ја фалеле нејзината способност да ги долови најтенките чувства и болката на ликовите кои ги играла. Иако тешка за соработка, хировита, склона кон скандали во вид на откажување на настапи кога ќе се чувствувала лошо или недоволно подготвена, Марија Калас тие години била кралица на оперската сцена. Нејзиниот талент и виртуозност никој не можел да ги негира, настапувала ширум светот, а последниот театар каде што настапила бил лондонскиот Ковент Гарден во 1965 година.

Марија Калас, 1963, во својот стан во Париз

Марија Калас, 1963, во својот стан во Париз

Нејзиниот приватен живот ги полнел весниците. На 24 години се омажила за италијанскиот индустријалец Џовани Батиста Менегини. Во него наоѓала голема поддршка, а неговото влијание и пари и помагале во кариерата. Доста постар од неа, Џовани во животот на Марија играл улога на татко, бил верен пријател, но тој брак пател од недостаток на страст, авантура и вистинска љубов.

А потоа, Марија на еден бал во Венеција (1957), го сретнала грчкиот бизнисмен Аристотел Оназиз. Две години подоцна, во текот на крстарењето низ Медитеранот на јахтата на Оназиз „Кристина“, како што сметаат биографите, почнала една од најинтригантните и најпознатите љубовни приказни на векот. Калас прави пауза во кариерата и одлучила да биде само „жена која сака“. Патувала со Оназиз на сите патувања каде што тој одел низ светот, уживала во неговото внимание и очекувала брак, но до тоа никогаш не дошло. Оваа страсна и силна врска често се завршувала и со кавги, понижувања и компромиси. Останала бремена, и иако Оназиз се противел на тоа, родила син кој набрзо по раѓањето умира. Уништена од болка, осамена и слаба, Марија Калас се повеќе утехата ја наоѓала во апчињата за смирување. Оназиз пак, од друга страна, го продолжил својот живот, забавите, патувањата. Се почесто останувала сама, во станот во Париз, скршена од болка и љубомора. Потоа, Аристотел Оназиз (1964.) првпат во јавноста ќе се појави со Џеки Кенеди, вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди.  По само три месеци Оназис и Џеки ќе се венчаат, а Марија за бракот дознава од весниците.

Во потрага за утеха, почнува повторно да настапува во Париз,  каде девет пати ја изведува Тоска, потоа триумфира во Њујорк во истата улога. Сепак, нејзиното здравје и слабост се одразуваат на нејзиниот глас кој ја губел силата.  По совет на лекарите, Марија Калас морала да ја прекине кариерата. Последниот настап ќе го одржи во Јапонија во 1974 година. Биографите сметаат дека Марија Калас и Аристотел Оназиз продолжиле тајно да се гледаат и по неговата венчавка со Џеки Кенеди, се до неговата смрт во 1975 година. Последните денови ги минала покрај неговата болничка постела, Две години подоцна, сама, во својот стан во Париз, умира од пречки на срцето, како последица од преголемите дози на седативи.

Нејзината смрт е прекриена со таинствен вел и различни погодувања за причината. Постои сомнеж и дека нејзината пепел исчезнала од париските гробишта Пер Лажез. Иако, официјално нејзината пепел е расфрлена над Егејското море,  не постојат докази дека во текот на животот Марија Калас изразила желба тоа да се направи, а нема ни докази дека пепелта која градоначаникот на Атина ја истурил во морето е навистина нејзина.

Нејзиниот живот остана до денес тема на биографите, нејзиниот глас остана ненадминат, а нејзината појава се сместува во една од најголемите пејачки икони на своето време.

Сузана Спасиќ

 

x

Check Also

Неделен хороскоп (9. до 15. декември): Топ знаци на неделата – Стрелец, Бик и Лав

Оваа недела планетата Меркур влегува во знакот на Стрeлец, одлични вести ги ...