Икона на стилот: Рајнер Марија Рилке, поетот кој пронајде орудие за својата уметност

Во чест на роденденот на Рилке.

rilke 1

Рајнер Марија Рилке е роден на 4 декември 1875 година како Рене Карл Вилхелм Јохан Јозеф Марија Рилке, во Прага. Детството не му било многу весело, минувало во сенката на мртвата сестра. Мајката, за на некој начин да ја надомести оваа загуба, малиот Рилке често го облекувала во женска облека и му се обраќала како на девојче. Бракот на родителите на крајот се распаднал во 1884, но тоа не ги спречило да ја потиснуваат наклонетоста на Рилке кон поезијата кого дури во 1886 го испраќаат во воено училиште кое тој ќе го напушти после болеста. Следните години се подготвувал за универзитет на кој се запишува во 1895, студира книжевност, историја на уметност и филозофија во Прага, па во Минхен.

Во Минхен на крајот на април 1897, Рилке ја сретнува жената во која ќе се вљуби а на која и пред запознавањето анонимно и ги испраќал своите необјавени песни, посакувајќи ја нејзината заштита. Лу Андреас Саломе, околу петнаесет години постара од него, за Рилке од мигот на средбата станува нешто многу повеќе. Шета низ Минхен само за да ја сретне, и ги чита своите „Визии за Христос“ и ги посветува своите стихови. Лу Саломе влијае и на тоа Рилке да го смени своето име во „едноставно германско име“ Рајнер Марија. Најпосле, по заедничкиот престој во селото во близина на Минхен, Рилке и Лу стануваат љубовници. Година по запознавањето, Рилке и Лу патуваат на неколку недели во Италија, потоа заедно со мажот на Лу Саломе, Фридрих Андреас заминуваат во Москва каде Рилке се сретнува со Лав Толстој. Набргу потоа Рилке, Лу и нејзиниот маж повторно патуваат во Русија, овој пат во Москва и Петербург. Сепак, после второто враќање од Русија љубовната врска меѓу Лу и Рилке се прекинува, но не и нивните преписки, интимни, литературни и исповедни.

Рилке и Лу Саломе

Рилке и Лу Саломе

Набргу Рилке се среќава со вајарката Клара Вестхоф и следната година се жени со неа, набргу добиваат и ќерка Рут. Летото, 1902 година, Рилке го напушта семејството и заминува за Париз за да напише студија за уметникот Огист Роден. Подоцна му се придружува и жената, додека ќерката останува кај бабата и дедото. Клара и Рилке ќе останат заедно до неговата смрт, иако не во прекрасни односи, и покрај тоа што Клара имала разбирање за кризите на Рилке, за неговата емотивна поделеност и вечно копнеење по жената што и понатаму му била инспирација и љубов – Лу Саломе, една од најинтригантните жени на крајот на 19 век. Лу за Рилке била пресудна во творечкиот процес, без нејзините зборови и писма не може да создава и да живее, сонувал, паѓал во депресии па се извлекувал со сила од нив само за повторно да ја види, пријателски настроен, не оспорувајќи и го се она што и го долгува, што смета дека е нејзина заслуга и продолжувајќи да се надева на нејзината поддршка и љубов.

rilke 2

Во Париз Рилке пишува нови песни, често патува а на патувањата често го следи и Лу. Подоцна почнува да работи како секретар на Роден. До Првата светска војна без престан патува, познато е дека пропатувал над 50 дестинации, повремено среќавајќи се со Лу и нејзиниот маж. Војната го затекнува во Лајпциг, а во 1915 е мобилизиран но набргу и отпуштен од војска. По војната од Германија заминува за Швајцарија, а во текот на 1919 за последен пат ја сретнува Лу. Своите најпознати дела „Девински елегии” и „Сонети за Орфеј” ги завршува во 1922 година. Следната година му носи на Рилке влошено здравје и извесно време минува во санаториум на Женевското езеро. Поминува во Париз за со промената да влијае на своето лошо здравје. Сепак, пред смртта дијагностицирана му е леукемија. Умрел на 29 декември 1926, на рацете на својот лекар, во болница во Швајцарија. Погребен е во Рарон, а епитафот на својот гроб го избрал сам.

Ќе остане запаметена неговата реченица напишана во едно писмо испратено до Лу.  „За мене е неопходно да најдам орудие за својата уметност, чекан, свој чекан, таков што ќе стане мајстор и ќе ги задуши сите шумови“.

 Сузана Спасиќ

x

Check Also

Новогодишна колеција на H&M

Моделките Хана Фергусон и Андреа Џакону, шефот Маркус Самуелсон и неговата сопруга ...