Икона на стилот: Салвадор Дали, генијот со шик мустаќи

Според него, еротизмот треба секогаш да е грд, естетиката божествена, а смртта убава. Впечатливата комбинација на бизарни халуцинатни престави и извонредната сликарска умешност е делото на Салвадор Доменек Фелип Хакинт Дали Доменех.

J146112501

Шпанскиот сликар и протагонист на надреализмот во Франција и во САД , попознат како Салвадор Дали, уживал да создава необични дела со цел да го привлече туѓото внимание, што некогаш ги иритира и оние кои што ја сакаат неговата уметност како и оние што го критикуваат, со оглед на тоа што неговиот ексцентричен однос знае да го засени неговото дело во окото на јавноста.

 Салвадор е само реиркарнација

Се родил на 11 мај 1904 година во Фигерас, во Каталонија, Шпанија, блиску до француската граница. Неговиот постар брат кој исто се викал Салвадор, починал девет месеци пред да се роди новиот Салвадор. Неговиот татко, Салвадор Дали и Кузи, бил средно класен адвокат и нотар, чиишто достигнувањата биле потпомогнати од неговата жена, Фелипа Доменех Ферес која го охрабрувала Дали да биде уметнички настроен. На само пет години, Дали бил однесен на гробот на неговиот брат каде неговите родители му рекле дека тој е негова реинкарнација, во што, и тој самиот почнал да верува. За неговиот брат, Дали рекол: “Ние двајца си наликуваме како две капки, но имавме различни рефлексии. Тој најверојатно беше мојата прва верзија, но мојот брат нештата ги разбирал премногу апсолутистички” . Ана Марија сестрата на Дали, која како помала се воодушевувала од имагинацијата на својот брат. Во 1949 година таа објавила книга за нејзиниот брат, „Дали во очите на неговата сестра”.

dali 2

 Сликарот со бакенбарди

Посетувал сликарско училиште, и неговата прва изложба на неговите дела ја направил неговиот татко во нивниот дом. Тоа била првата изложба на Дали во родниот Фигерас во 1919 година. Во 1922, се преселил во студенскиот дом во Мадрид и таму студирал на Уметничката академија, Сан Фернандо. Додека се шетал по ходниците од домот привлекувал внимание како ексцентрик со долга коса и бекенбарди, капут, чорапи и панталони до колена во стил на англиски естетичар во доцниот 19 век. Но неговите уметнички дела, каде експериментирал со кубизам, го привлекле вниманието на многумина студенти. Во неговите најрани кубистички дела, тој веројатно и не го сфатил новиот правец кој го развил, се додека не почнале почнале да се појавуваат натписи во тогашните списанија, во кои се укажувало дека не постоеле други кубистички сликари во Мадрид во тоа време. Дали бил исфрлен од академијата 1926, кратко пред неговите завршни испити, кога констатирал дека никој од факултетот не е квалификуван доволно да го испитува неговото знаење, Истата година тој за прв пат го посетил Париз каде се сретнал со Пабло Пикасо, кому Дали му се восхитувал. Пикасо имал веќе слушнато за Дали од Јоан Миро. Тие двајца биле тогашната инспирација на Дали и во тие години насликал многу дела со кои и го развивал својот стил.

 

Музата Гала

Музата Гала

Андалузиски пес

По средбата со Пикасо и следи уште една соработка. Во 1929, Дали соработувал со надреалистичниот филмски режисер Луис Буњуел на краткиот филм, “Андалузистички пес” . Луис Буњуел му ја раскажал идејата за филмот кој сакал да го сними и за кој неговата мајка вложувала пари. Неговата идеја на Дали му се видела просечна. Според идејата на Луис требало да се сними филм според некои текстови од весници како и некој извадоци од стрипови. Последниот кадар од филмот требал да го одглуми некој келнер кој со метла треба да ги расчисти весниците од тротоарот од каде што и доаѓала приказната. Дали сметал дека сето тоа е евтино и сентиментално и му рекол дека сценариото му е ужасно и дека тој има нешто многу кратко но генијално. Буњуел кога го прочитал сценариото на Дали бил воодушевен и целата работа ја препуштил во негови раце. Главниот актер во филмот бил Пјер Бачев (тотално непознат) но онака како што го замислувал Дали … “ Буњуел почна да го снима “Андалузистички пес”. Пјер Бачев изгледаше токму онака како што го замислував својот јунак. Веќе се дрогираше и постојано мирисаше на етер. Штом заврши со нашиот филм изврши самоубиство. “Андалузистички пес” беше филм за младоста и смртта, филм кој сакав да ги заријам како нож во срце на духовниот, елегантен и култивиран Париз. Филмот помина онака како што мислев. Нашиот директор на фотографија мислеше дека сонува кога му ја предадовме листата со нештата кои ни беа потребни за толку краток филм: гола жена која под секоја пазува носи по еден морски еж, маска без уста за Пјер Бачев и друга маска која наместо уста треба да има влакна кои ќе потсетуваат на влакна од коса, четири скапани магариња кои треба да се стават на четири концертни клавири, една вистинска ампутирана рака и три мравјалника. Морам да признаам дека оној ден кога се снимаше сцената со скапаните магариња, глетката беше навистина вредна за внимание. Јас ја дотерував нивната скапаност со помош на голем лонец полн со течно лепило кое го фрлав врз нив. Им ги продлабочив очите и им ги откиван горните надисници за подобро да им ги откријам забите. Додадов и една вештачка вилица за да го зголема впечатокот. Изгледаше како тие магариња да ја исплукуваат сопствената смрт врз црните типки од клавирот.”

Разочарување

По завршувањето со снимањето на “Андалузистички пес” запаѓа во депресија. На крајот сепак не е задоволен од својата замисла за филмот, заболува од ангина, чувствува празнина во срцето, како и празните ветувања од трговците дека ќе ги продаваат неговите слики. Тотален психо-физички пад.

“ Се разболев од страшна ангина. Ужасно слаб, морав да останам во кревет, сам во својата хотелска соба, јас кој некогаш, поради најмала треска, бев опкружен со илјадници вниманија и церемонијални грижи. Станав по кратко време, слаб и обесхрабрен, како никогаш повеќе да не ќе си го повратам здравјето. Се околу мене беше црно. Ми се чинеше дека “Андалузистички пес”, кој сеуште не беше прикажан пред публиката, е целосно промашување. Да можев, ќе го уништев. Му недостасуваа уште половина дузина скапани магариња, актерите беа бедни, а сценариото набиено со поетски слабости.

Освен тој филм што уште имав направено? Неколку мои излегувања се покажаа како потполно безкорисни. Срамежливоста ме спречуваше да заблескам и ме полнеше со незадоволство кон самиот себе. Камиј Геман, трговец со слики , ми ветување договор, но тој сеуште не беше потпишан. Не успеав да најдам елегантна или неелегантна жена која би ја прифатила да им се потчини на моите еротски фантазии. Итав по улиците како пес пред парење и не наоѓав ништо. Се враќав во мојата прозаична хотелска соба со болки во нозете и горка тага ми го полнеше срцето. Во мечтите ги гледав сите тие недостижни жени кои ги голтав со очите . Во Париз имаше толку многу женски задници, а ниту една не доаѓаше да ми се приближи во креветот на кој паѓав, без мисли. Често одев во Луксембуршкиот парк. Седев на клупата и плачев.

dali 5

Утринско разубавување

По разочарувањето што го доживува на емотивен и професионален план повторно го враќа дома. Седнува во воз за Шпанија, и почнува да го чувствува полека олеснувањето во душата. Стивнува и болката од ангината. Искуството го научило дека секогаш кога за нешто сака да победи и во тоа не успее, се разболува. Дали верува дека оние кои господарат со ситуацијата никогаш не се болни, дури и ако нивниот организам секој ден е се послаб. Ја закачил болеста на закачалката и со првиот воз се упатува кон родната Каталонија.

„Ја закачив болеста на закачалката на станицата, како некој стар капут кој веќе нема да ми биде потребен за летото кое почнуваше. Утредента се разбудив во Каталонија. Утрото го започнав со средување на моите пазуви. Ги избричив пазувите но сепак не изгледаа совршено и мазно како кај младите дами во Мадрид. Помешав малку пудра и крема и ги обоив пазувите. Тоа беше убаво но кратко траеше, се додека потта не почна да тече по моите пазуви топејчи ја шминката. Миејќи ги пазувите, видов дека кожата од триење стана розова. Сватив дека црвената боја е потребна. Додека се бричев, се имав малку исечено, па од десната страна се создаде дамка од засирена крв. Повторно се избричив и станав речиси целиот крвав. Требаше само да оставам сега крвта да се засири, за да биде интересно. Се испрскав со крвта насекаде по мене. Толку убаво изгледаше на колениците, па не можев да му одолеам на задоволството целата работа да ја довршам со уште една мала посекотина. Каква работа! И тоа не беше се, зад увото ставив црвен божур.”

dali 6

Меки часовници и јајце

Делата на Дали се одликуваат со распространет симболизам. Меките часовници што за прв пат се јавуваат во “Доследноста на сеќавањето” ја подржуваат Ајнштановата теорија дека времето е релативно, а не фиксно. Идејата за симболичкото функционирање на часовниците на ваков начин, му се јавила на Дали кога еден топол ден во август постојано гледал во парче сирење. Јајцето е друг симбол што се појавува во неговите дела. Дали го користи јајцето да симболизира надеж и љубов. Се појавува во “ Големиот Мастурбатор” и “ Метаморфоза на Нарцис”. Тој користи и животни како симболи кои се провлекуваат низ неговите слики. Мравките укажуваат на смрт, гниење, и огромна сексуална желба, полжавот го поврзува со човечката глава (тој видел полжав на точак пред куќата на Фројд кога и прв пат го запознал Сигмунд Фројд). Во неговите дела се појавуваат и скакулците кои се симбол на губиток и страв.

Дали и Гала

Дали и Гала

Гала – музата на Дали

Во 1923 година ја сретнал и својата муза, инспирација, и идна сопруга Гала, родена како Елена Ивановна Диаконова, руски имигрант. Истата година, Дали се соочил со важни изложби и официјално се приклучил кон надреалистичката група во Монтпарнас во Париз (иако неговата работа веќе била под влијание на надреализмот веќе две години). Дали и Гала, живееле заедно до 1929, а се венчале во 1934. Тие повторно се венчале со католичка церемонија . Дали бил претставен во Америка од страна на продавач на слики Жилиен Леви во 1934, и изложбата на сликите на Дали (вклучувајќи ја и Доследноста на сеќавањата) во Њујорк креирала непосредна сензација. На балот, кој бил организиран во негова чест, тој се појавил носејќи на неговите гради стаклена кутија полна со бакарни пари. Во 1936, Дали учествувал во Лондонската Интернационална надреалистичка изложба. Тој пристигнал носејќи стап за билијард и пар руски кучиња ловци на волци, па морал да го одврти шлемот што го носел бидејќи едвај дишел. Притоа прокоментирал: “Само сакав да ви покажам дека продирав длабоко во човековиот ум”. Во текот на шпанската цивилна војна, Дали останал аполитички настроен, борејќи се за нејзиниот што поскорен крај. Неговите надреалистички пријатели, кои биле претежно марксисти, тежнееле кон неговото исфрлување од групата. Надреалистите отсега па натаму зборувале за Дали во минато време, како тој да бил мртов.

Дали и Гала, 1954 година

Дали и Гала, 1954 година

Духовна глад за филозофија

Постојано чувствувал духовна глад за филозофитата, иако комплетно не ја разбирал. Колку што неговата мајка го подржувала и го насочувала кон уметноста неговиот татко го плашела неговата сликарската кариера. Постојано му купувал книги да го усмери и заинтересира за нешто друго.

dali 7

„Со најголемо задоволство го читав Кант, кого воопшто не го разбирав и поради тоа бев горд и задоволен. Обожавав да се изгубам во лавиринтот на неговите размислуважа, кои во мене одекнуваа како небесна музика. Тврдоглавоста со која го читав она што не го разбирав беше последица на силната духовна глад. И, како што недостатокот од калциум тера некој деца да гребат и да јадат вар и гипс од ѕидовите, така и мојот дух чуствува потреба за тој категорички императив кој го преџвакував со години, не успевајќи да го проголтам.

Милена Ризовска

 

 

x

Check Also

Први тротинети и велосипеди за најактивните корисници на апликацијата HalkEco  

  Апликацијата HalkEco на Халкбанк  со која се стимулира пешачењето, трчањето, возењето ...