Лидија Георгиева: Индивидуалноста секогаш излегува на површина

Дизајнерите се постојано изложени на деликатен избор меѓу финансиска исплатливост и свежо креативно истражување, но кај мене секогаш победува второто, нагласува Лидија Георгиева.

Lidija Georgieva portret

Темпераментна, креативна, постојано љубопитна, со широк и отворен дух, модната дизајнерка Лидија Георгиева длабоко е навлезена во зрелата фаза на сопственото творештво. По две децении живеење и работа во Париз се врати во Македонија, но продолжи да размислува и да дејствува интернационално. Паралелно со развојот на својот бренд, како слободен дизајнер соработува со низа луксузни модни куќи, а работи и како костимографка на театарски претстави и проекти од областа на модерниот балет. Креативната работа е нераздвоен дел од нејзиниот карактер, додека полето за креација постојано се шири.

Lidija Georgieva revija bekstejdz
Изминатиов период реализиравте патувачка изложба во неколку градови и држави. Каде, со кого и со што се претставивте на изложбата?

Неколку македонски независни дизајнери и фирми во текот на јуни 2013 се претставија на „Миксер Фестивал“ во Белград, „Ден Д“ во Загреб и во Софија на „Недела на дизајнот“. Селекцијата на дизајнерите беше направена од единствените структури во земјава кои активно се занимаваат со промоција и стимулирање на македонскиот дизајн, „Министерство за задоволство“ и „Јавна соба“. Покрај моите дизајни, беа презентирани и делата на Бојан Кртолица, Марта Наумовска Грнарова со „Завар дизајн“ и тн. Нашето присуство беше забележано со одлични реакции на публиката.
Јас се претставив со модели од мојата најнова машка мини-колекција, односно сега е актуелен терминот капсула-колекција. Се работи за враќање кон една одамна започната авантура, кога дел од моите дизајни на маички беа наменети за машката публика и беа вклучени во колекциите кои ги презентирав на Париската модна недела. Одлично се продаваа, особено во Милано, но, за жал, постепено морав да се откажам од тој сегмент, бидејќи календарот за презентирање машки и женски колекции почна јасно да се поделува и не можев да постигнам присуство на двете места, стана комплицирано.
Се работи за концепт линија со нагласен уметнички пристап, наменета за пософистицирана клиентела, со космополитски начин на живот. Инспирирана е од музиката, од винтиџ-модата, а користени се моите етаблирани печатени мотиви. Материјалите се внимателно селектирани и од природно потекло. Покрај добро познатите и потврдени дизајни, секоја сезона ќе има нови графички решенија, кои ќе бидат континуирано презентирани на публиката.

Lidija Georgieva foto1
Каков е ефектот од претставувањето на сопственото творештво надвор од државата? Важна е материјалната добивка, или можеби поважно е стекнатото искуство?

Па, всушност, јас сум навикната да [sociallocker id=”6418″]се претставувам надвор. Притоа, не мислам на Франција, која беше две децении, исто така, моја држава, повеќе мислам на Јапонија, Англија, Италија, Америка, од кадешто потекнува голем дел од моите клиенти и публика. Не знам како е со другите дизајнери, но, што се однесува до мене, најважно е тоа што ќе ми го донесе патувањето низ новите откритија, а парите ми се потребни за да продолжам со работата. Дизајнерите се постојано изложени на деликатен избор меѓу финансиска исплатливост и свежо креативно истражување, но кај мене секогаш победува второто.

Lidija Georgieva paravan techno flowers
Какви се реакциите на посетителите на вашите изложби/ревии? Колку тие ви значат во вашето понатамошно работење?

Не познавам уметник или дизајнер на кого што не му значат реакциите на публиката. Реакциите се навистина мотивирачки, позитивните критики се силен мотор, а најдобрите критики доаѓаат од блиските пријатели. Тие ми се потребни и ги почитувам. Секако дека сето тоа е придружено со сериозна  медиумска покриеност, која денес ја гледам повеќе како континуирана соработка со професионалци со кои споделувам иста љубов, верувам дека тоа е нормално со текот на колекциите и годините.

Lidija Georgieva foto Frozen soap
Како личен принцип, што најчесто претставува основа за креирање нов модел или колекција?

Кога нештата би морале некако да се наречат најблиску би било да се повикам на принципот на бранова должина, но, секако, не според законите на физиката. Почетокот е доста деликатен, кога го барам бранот на којшто треба да се закачам и да сурфам, но еднаш кога е најден, полесно е.

Колку музиката влијае врз вашето творештво? На кој начин таа ве инспирира во креирањето?

Иако зборот и сликата имаат силно влијание врз мојата перцепција, сепак, музиката најдиректно допира до мене, реакцијата е моментална, можеби затоа што најмногу одговара на мојот начин на живот, духовна состојба, размислување и тн.

Lidija Georgieva angelwing poster

Дали луксузниот изглед на вашите креации е наследство од Париз, каде живеевте и работевте повеќе години?

Најголем дел од тоа што го знам за модата и за дизајнот го научив во Париз, кадешто живеев 21 година. Притоа моето искуство беше градено во луксузни модни куќи, со изградени критериуми за квалитет и рафинираност. Тоа подоцна станува составен дел од работата.

Можно ли е во Македонија да се следат модните трендови? Колку македонските девојки и момчиња можат да си го дозволат тоа, според вашите лични искуства?

Секако дека е можно, за интересен стил и оригинален изглед парите не се решавачки фактор, ниту препрека, индивидуалноста е таа што секогаш излегува на површина.

Пред патувачката изложба се претставивте на Модниот викенд во Скопје, наесен ќе се случува „Недела на дизајнот 2013“. Што подготвувате за тој настан?

Во оваа фаза на мојата кариера и творечки развој, конечно си ги поставив елементите и условите кои одамна ги посакував, односно да се занимавам со креација како комплетен дизајнер, а не само во областа на модата и одвреме навреме со театарскиот костим. За октомвриското издание на „Скопска недела на дизајнот“ („Skopje design week 2013“) подготвувам целосно дизајниран простор, како продолжение на авантурата што ја започнав минатата година со линијата за домашен дизајн LG4SMART, со студиото „Смарт ливинг“. Се надевам дека сега ќе бидам во можност соработката да ја проширам и со други профили на креативци, занаетчии и производители, а доколку се биде во ред ќе има и неколку изненадувања.[/sociallocker]

Тони Димков
Фотографии: Архива на Лидија Георгиева

x

Check Also

Скопје Сити Мол стартува со Black Friday Week

Black Friday во Skopje City Mall не е само еден ден. Ниту ...