Интервју на Меган Маркл со Мишел Обама, прочитајте дел од него

Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, е уредничка-гостинка на британското септемвриско издание на Вог. Темата на бројот е “Forces for Change”, а изданието ги слави силните жени кои со својата работа влијаат на општеството.

Насловната, уредена под „палката“ на Меган, е фотографирана од славниот Питер Линдберг, а украсена е со 15 силни жени. Освен нивните приказни, септемвриското издание на Вог носи и интервју со поранешната прва дама на САД, Мишел Обама реализирано од самата Маркл.

Во продолжение прочитајте дел од интервјуто.

Која беше најважната лекција на која те научи мајчинството?

-Мајчинството за мене беше ултимативно учење за пуштањето. Колку и да се трудиме, не можеме баш се да имаме под контрола. А јас многу се трудев. Животот, пак, има некои други планови кои понекогаш вклучуваат модринки и скршени коленици. Од друга страна, останав засрамена и изненадена од тоа колку децата се отпорни и силни. Најпосле, мајчинството ме научи и дека на своите деца првенствено треба да им дадам простор да истражуваат и да станат личности какви тие сакаат да бидат, а не личности какви јас сум посакувала.

Што им советуваш на своите ќерки?

-Им повторувам дека не е толку важно да се живее според зададените обрасци. Им зборувам како се надевам дека ќе бараат нови искуства се додека потполно не се пронајдат во едно. Исто така, ако нешто им се допаѓало вчера, не мора да значи дека мора да им се допаѓа и утре. На пример, јас се одлучив за кариера на адвокатка зашто таа професија звучи респектабилно, а дури години подоцна ја пронајдов мојата вистинска професија. И тоа сакам моите ќерки да го сфатат што порано – не постои еден зацртан пат по кој треба да тргнеме и сосема е во ред да се скршне од патот на кој моментно се наоѓаме.

Дали овие совети би се разликувале ако сте мајка на два сина? Или, можеби, би биле исти?

-Би биле идентични. Моите родители, особено мојот татко, од рана возраст не учеа дека кон девојчињата и момчињата треба да се однесуваме еднакво. Кога одлучи дека е време мојот брат да го подучи бокс, и јас веднаш добив пар ракавици и тргнав да тренирам со нив.

Да можеш да зборуваш со верзијата од себе на возраст од 15 години, што мислиш – што таа би ти рекла кога би видела што се си постигнала?

-Ми се допаѓа ова прашање. На 15 години многу се забавував, но на крајот на денот поголем дел од времето го поминував со книга, ловејќи најдобри оценки и високи стандарди кои сама себе си ги поставував. Во таа смисла, таа 15-годишна девојка би била горда на тоа што станала. Сепак, морам да кажам и дека би очекувала и еден значаен поглед или движење кој би ме опоменал дека мојата работа не е завршена. Сеуште има многу девојчиња во јужно Чикаго кои се замолчуваат и на кои им се зборува дека целат превисоко. Значи, би ми сигнализирала да продолжам да се борам. И, ако смеам да бидам искрена, дека мојот сопруг е многу сладок.

А сега следува едно потполно поинакво прашање. Кој е најубавиот звук кој си го слушнала?

-Кога Малиа и Саша се родија, Барак и јас со часови ги набљудувавме додека спиеја, внимателно слушајќи го и најмалиот звук кој го испуштаа. Да не ме сфатите погрешно, родителството во раната фаза е многу напорно, што верувам дека моментално и тоа како го чувствуваш. Меѓутоа, постои нешто волшебно во фактот дека дома имате дете. Времето се шири и стеснува, а секој миг во себе ја содржи целата вечност. Многу ми е драго што ти и Хари тоа моментно може да го искусите. Уживајте во се тоа.

Целото интервју може да го прочитате – ТУКА.  

x

Check Also

Еве ја програмата за Струшки вечери на поезијата 2019

Струшките вечери на поезијата ја објави Програмата на претстојното издание на Струшките ...