Интервју со Игор Пачемски Џоунс: Искуство изградено со талент и натчовечка упорност

Комбинацијата на непотизам, сиромаштија, мал пазар, специфичен регионален вкус и тромава експресија, ги прават македонските брендови тешки за пласман надвор од државата, констатира Игор Пачемски Џоунс

slika 3

 

Модниот дизајнер Игор Пачемски – Џоунс, основач на брендот „Yes Master Lingerie“, на „Недела на дизајнот во Скопје 2013“ одржа презентација на тема „Како да се стаса до престижните продажни места на глобално ниво“. Во најдиректна смисла неговото предавање беше пренесување на сопствените искуства од моментот на создавањето на еден бренд, неговиот развој и, на крајот, како продуктите на брендот да стигнат до врвните продажни локации ширум светот.

Во каталогот на „Skopje design week“ Џоунс беше најавен како лондонскиот дизајнер роден во Македонија, првично предодреден да биде научник и истражувач, го оформил своето образование во Англија, а потоа студирал квантна хемија. Љубовта кон дизајнирањето долна облека ја открива во периодот додека работел за „Coco de Mer“. Желбата да живее со своето дизајнирање ја реализира со основањето на брендот „Yes Master Lingerie“ во 2005 година. Првата негова колекција си го најде патот до „Henry Bendel“ во Њујорк. Моделите на „Yes Master“ сега се продаваат и на modcloth.com, „Urbanoutfitters USA“, во продавниците и онлајн, „KaDeWe“, „Alsterhaus“ и „Oberpolinger“, во најголемиот скандинавски продажен синџир nelly.com, во сите продавници на „House of Fraser“, на luisaviaroma.com, во „Harvey Nichols“ во Лондон, Манчестер и Дубаи.

slika 4

Без сомнение, Игор Пачемски Џоунс е најзначајниот и најквалитетниот македонски дизајнер на долна облека во светски рамки во овој момент, а неговото искуство стекнато со работата во глобалната индустрија на моден дизајн, едноставно, е непроценливо. Од тие причини го направивме и разговорот што следува.

Од Вашето досегашно искуство, што е најважно за успехот на еден дизајнер?

Талентот и натчовечката упорност.

Во 2005 година го основате брендот „Yes Master Lingerie“ и се посветувате на дизајнирањето долна облека. Кој беше клучниот момент да ја донесете одлуката за основање на брендот?

Вистинските креативци не се во состојба долгорочно да работат ништо друго освен нивната вистинска вокација, која е посилна и од прагматизам и од домашни и општествени влијанија. И покрај академскиот предизвик на хемијата, експлозивноста и возбудливоста на банкарството, ова е нешто што сум роден да го работам и просто не можам да замислам да работам нешто друго!

slika 2

slika 1

Што сакавте да работите пред да го создадете „Yes Master“, имајќи предвид дека дипломиравте на квантна хемија?

Отсекогаш сакав да работам мода, но, едно време тоа ми се чинеше како недостижен сон, па прагматичниот избор беше да се учи квантна хемија на UCL (University College London). Иако завршив како прв во класата и потоа магистрирав во областа на виско-еластичност на блендови од памук и најлон, паралелно работев на својата „идна“ струка.

slika 9

slika 8

Колку е долг патот од создавањето сопствен бренд до продажба на истиот на глобалниот пазар?

Три до пет години ако имате многу пари и среќа, седум до десет години со мала инвестиција ако сте еден од нанопроцент-среќниците, а повеќето брендови не успеваат да преживеат повеќе од две години.

Кој е Вашиот принцип на работа, што Ве инспирира да започнете дизајн на нова колекција?

Висок процент на моето време е поминат во мислење и расудување на насоката на брендот што, пред се, е водена од насоката на колекциите. Од Ким Новак, Убавицата и ѕверот, обезглавената Мери – кралицата на Шкотите до Берлин и апокалиптичните соништа после користење дрога, сме посетиле многу темни (и светли) катчиња на нашите мозоци.

Кој термин почесто го користите – долна или интимна облека?

Мммм, мислам дека ние сме повеќе модна отколку функционална долна облека, иако технички нашите парчиња прекрасно функционираат. Изразот underwear, сепак, е поблиску до долна, иако често не нарекуваат и prêt-a-porter lingerie.

slika 7

slika 6

slika 5

Како се појави идејата да дизајнирате долна облека со ликот на Дејвид Боуви?

Директорката за продажба на одделот „personality“ на „KaDeWe“, која е последниот човек за кој би рекле дека е во состојба да дава идеи за откачени проекти, едноставно побара да се инспирирам од Дејвид Боуви и неговиот секс, драгс енд рокенрол живот во доцните 70-ти години на минатиот век во Берлин. Мене Зиги ми е најсекси ре-инкарнација на овој музички и визуелен камелеон, па така Зиги се појави на нашите парчиња облека.

Колку често доаѓате во Скопје и дали соработувате со некој од македонските дизајнери?

Доаѓам два-три пати годишно, со Македонија не работам од аспект на производство, а со македонските дизајнери се дружам, но не соработувам. Секако, има луѓе со кои би ми било многу мило да работам некој проект. Никогаш не вели никогаш!

Како од лондонска дистанца ви изгледа развојот на македонските брендови?

Не би било фер да се суди. Комбинацијата на непотизам, сиромаштија, мал пазар, специфичен регионален вкус и тромава експресија (без дистинкција меѓу мода и костим) ги прават македонските брендови тешки за пласман надвор од државата. Сепак, „Драма“, „Лудус“, „Капка“, Дафина Џепароска, Росица Мршиќ, Бобче и неколку млади деца, како Стефанија Насковска Попадинец, креативци како Жарко Чулиќ и Горан Поповски и, секако, „uber cool“ скопските модни арбитри, како Марко Аврамовски, Јована Живковска и Крстина Шеќерова, ми ја враќаат надежта дека во земјата на сонцето не е се загубено.

Тони Димков

x

Check Also

Драгана Ангелоски: Нудиме ултрамодерен концепт на изработка и купување на чевли и чанти

Со сопственичката на модната марка DIAS, Драгана Ангелоски, зборуваме зошто да се ...