Ирена Крстеска: Во Виена уметниците се најпочитувани, а културата е на прво место

Во Виена „врските“ се табу тема, додека политиката во културата е уште повеќе несвојствена. Најважно е како ќе се презентираш себеси, колку ќе работиш на сопствениот маркетинг…, и пред сѐ, мора да се покаже квалитет“, вели нашата оперска певица Ирена Крстеска, која веќе подолго време живее и работи во Виена.

Со Ирена разговараме за нејзините работни предизвици во престижните оперски куќи, за трновитиот пат на успехот, за тоа како се живее како уметник во Виена и што треба да поседува еден уметник за да се афирмира во странство, но и за тоа колку македонските уметници имаат поддршка од медиумите и воопшто од државата.

Се пресели во Виена за време на студиите кога се запиша на престижниот Конзерваториум. Од стотина пријавени оперски пејачи од целиот свет, влезе во 10те најдобри. Колку овој Конзерваториум ти ги отвори вратите за понатамошна кариера во градот во кој веќе подолго време живееш?

Кога човек доаѓа од една мала средина, како што е Македонија, во метропола на уметноста, каква што е Виена, секако дека по малку е збунет, во исчекување и во потрага по вистината. Така, и јас, запишувајќи се во Конзерваториумот на град Виена, ја доживеав можеби за мене најголемата среќа до тогаш. Многу научив како да се изградам како уметник денес, ја научив најтешката лекција – како човек постојано да е исполнет и среќен без разлика на околностите што го опкружуваат. Конзерваториумот само ми ги отвори вратите на успехот како изграден оперски пејач кој е потполно подготвен да се бори за своето место во средината. Потекнувам од музичко, уметничко семејство, и нивната неизмерна поддршка, и ден-денес, ме води напред, да продолжам да ја исполнувам сопствената мисија, а тоа е да се претставам како уметник, да ја претставам македонската култура, да се сплотам со публиката и да ја уважам прекрасната музика која ни е дадена на нас, уметниците, како задача. А преку музиката да придонесам и за подобар развој на сѐ постоечко.

Веројатно, не е лесно да се успее меѓу толкава конкуренција. Што ти помогна во отворањето на вратите кон виенските оперски сцени?

е е лесно да се успее со оглед на конкуренцијата која ја има во овој град, кадешто секој оперски пејач сака да си ја проба својата среќа, но сепак, големата посветеност, постојаната работа на комплетниот изглед на една улога, многу часови минати со истакнати солисти и пијанисти, семинари и друго, вродија плод, а резултатот е да бидеме среќни во сопствената кожа.

Постојат ли и таму врски за вработување? Ја чувствуваш ли вмешаноста на политиката во уметноста и воопшто во културата?

-Тука, врските се табу тема, додека политиката во културата е уште повеќе несвојствена. Најважно е како ќе се презентираш себеси, колку ќе работиш на сопствениот маркетинг или, што се вели, да се најдеш на вистинското место со вистинските луѓе. Контактите кои се дел од работата се еден од најважниот аспект за успех, но тоа не е сѐ, бидејќи тука, пред сѐ, мора да се покаже квалитет. А има многу квалитетни пејачи, но на крајот, сепак, одлучуваат деталите.

Кои биле твоите најголеми откажувања и предизвици на трновитиот пат на докажувањето?

Нашата професија не е ни малку лесна. Има многу откажувања, многу работа на себе. За една улога потполно да се научи треба доста време и концентрацијата. Всушност, концентрацијата е неопходно да биде постојано присутна. Сѐ уште не сум го достигнала врвот на својата кариера, и понатаму постојат предизвици за коишто се борам, но најсреќна сум кога самата се борам за сѐ.

Кои се денес твоите најголеми преокупации?

Моментно, најубавата оперска куќа, националната оперска куќа во Виена, е мојот дом. Влегов тука откако пред три години, победив на аудицијата на која се натпреварував со над сто одлични пејачи. Доста патувам, тукушто се вратив од градот на Моцарт, Салзбург, каде се одржува фестивалот Моцартови недели во организација на познатиот Роландо Вилазон. Го изведував солото во операта „Идоменео“, а главна ѕвезда на вечерта беше беспрекорниот Рамон Варгас. Сега пак, се подготвувам за Германија, со улогата на Сафи во „Барон Циганин“, а потоа ме чекаат настапи во „Травиата“ и „Свадбата на Фигаро“ на еден престижен фестивал во Австрија, во „Грофица Марица“, како и во „Волшебната флејта“ со филмско претставување за кое ми е посебно драго. Наскоро ќе настапам и во Македонија со улогата на Неда во „Палјачи“, во организација на „ОпераТи“, нова организација за млади пејачи во Македонија. Ме чекаат и концертни настапи во Тајван, Австрија, Германија, Мелбурн, Малта, Словенија. Од секое коренче се оплодува нов плод и така сум доста возбудена во исчекувањето на новите предизвици.

Се живее ли добро како уметник во Виена?

-Има доволен приход за еден нормален живот. Интересно е што во Виена уметниците се најпочитувани. Несомнено, тука културата и традицијата се на прво место, па така, дури и луѓето од сосема други професии како втора професија или хоби ја одбираат класичната музика, свират на инструменти или пеат во некој амаетрски хор. Насекаде се слуша само музика, од речиси секоја зграда, а во една вечер се одржуваат над 50 концерти или претстави, балови, различни музички настани на кои доминира класичната музика. Овој град дише со воздухот на уметноста.

Колку често се враќаш во Македонија, што најмногу те „влече“ тука?

-Мојата драга Македонија, за која не постои ден, а барем еднаш да не ја спомнам! Секако дека ме привлекува да си дојдам, да ги видам моите најблиски, пријателите, соработниците со кои што сум имала безброј заеднички проекти, моите професори, диригенти, пијанисти…, двигателите за да се доусовршам. Вистина е онаа поговорка дека дека човекот учи додека е жив.

Колку македонските медиуми ги следат успесите на нашите уметници во светот? Колку македонските уметници се поддржани од државата?

Кај нас има многу квалитетни и талентирани луѓе и токму таквите треба да бидат искрено поддржани од медиумите, но и од спонзори, пред сѐ од државата, бидејќи сме мала земја, земја која допрва треба да работи на својата презентација, токму и преку културата и традицијата. Нашата традиција и фолк се уникатни, нашите оперски дела, исто така, но и симфониските дела, оркестарските дела, дела за клавир…Секогаш пронаоѓам време и можност, на секој мој концерт, да презентирам и од убавата наша уметност од која пак, публиката е секогаш воодушевена. Се сеќавам на мојата концертна турнеја во Јапонија, во 2017., колку јапонската публика уживаше во делата на Прокопиев или во прекрасната „Јовано Јованке“. Или, на хуманитарните концерти во Виена, кадешто заедно со македонските колеги во Виена ја претставуваме нашата култура, а публиката занемува од убавината на звуците.

x

Check Also

Капчиња и сламени шапки за лето 2019, еве каде да ги купите најубавите модели

Еден од најпотребните модни додатоци за топлите денови, покрај очилата за сонце, ...