Ивана Кнез: Недостасуваат вистински примери на женски сензибилитет, стил и класична женска убавина

Не можеме да измислиме топла вода, но можеме да се потрудиме околу нејзината температура, потенцира модната дизајнерка Ивана Кнез
ivana 2
Вистинска страст и многу имагинација зрачи од креациите на дизајнерката Ивана Кнез. Независно дали станува збор за костим, колекција или за моден додаток, секогаш до последен атом, во нивното создавање ги вложува своето знаење, искуство, желба за истражување и – љубов. Со личната енергија за креација ги освојува сите околу себе, а нејзините дизајни освојуваат веќе на прв поглед. Секако, да ги препознаете креациите на Ивана Кнез, пред се, треба да имате изразено чувство за естетика, а потоа тие сами ќе се појават во вашиот видеокруг. Со основањето на студиото „Драма“ Ивана Кнез, на некој начин, создаде алтерего на сопствената личност, како одблесок на сите нејзини визии, идеи и размислувања не само за модата, туку и, воопшто, за светот во кој живееме.ivana 3 Откако ја завршивте Академијата за убави уметности во Белград, се вративте во Скопје, ја создадовте вашата „Драма“ и сега го работите тоа што најмногу го сакате. Некако лесно е да се каже, но колку навистина лесно се одвиваа работите во Вашиот професионален живот?
Воопшто не беше лесно, напротив, секој ден е се’ поголема борбата за опстанок на македонската модна сцена. Недостига соодветен кадар и образовани интелектуалци во полето на модната и костимографската култура и сето тоа резултира со несоодветна понуда на производи. Пласманот, како таков, повеќе нуди одредена количина на хобизми и копии на светски дизајнери, а помалку оригинални решенија. Да, не можеме да измислиме топла вода, но да, можеме да се потрудиме околу нејзината температура. За среќа, постојат модни поклоници и освестени индивидуалисти кои се издвојуваат од масата.ivana 4Како се случи „Драма“?

Како љубов. Деновиве размислував за тоа колку ја сакам „Драма“ и воопшто, колку ја сакам мојата работа. Таа ме прави, ме дефинира и секојдневно ме менува и обликува. Првиот ѓердан го направив како подарок за роденденот на мајка ми. Започна од таму и продолжи до денес.

Дипломиравте костимографија, со брендот „Драма“ креирате костими и модни додатоци, сте изработувале костими за театарски претстави, а луѓето лесно ги препознаваат вашите „Лавкетс“(Lovecats).  Кој е заедничкиот именител во Вашата креативна работа, не во практична, туку во концептуална смисла?

Раскажувањето приказни. Јас сум своевиден драматург во мојата бранша во концептуална смисла, а однадвор тоа изгледа како секој ден да сликам по една слика. Секое парче кое излегува од „Драма“ е дел од мене, од тоа што јас сум, од моето битие. И се обидувам со тоа да не го потценам вкусот на клиентот, туку напротив, да го дополнам. Дури и ако „Драма“ се претвори во моден бизнис, секогаш ќе остане дел од мене, како база на „Драма“.

ivana 5

Ако Вашето мото е „жената е причина, гламурот е последица“, дали можеби посакувате гламурот да биде поприсутен кај македонската девојка, односно жена?

Да, би сакала. Вредностите се изместени на светско ниво. Во модата малку се измешаа конците во некои сегменти, па, како во се, нели, така и таму младите Македонки го следат трендот. Ги гледам денешниве матурантки и ми се јавува извесна горчина во устата. Гламур не е светкаво, голо, пренатрупано, провидно и безобразно. Нивните мајки требало да ги научат на стилските дефиниции и модни правци. Секоја чест на исклучоците, но кај нас недостасуваат вистински примери на женски сензибилитет, стил и класична женска убавина.

Какви се Вашите досегашни искуства – можно ли е да се преживее со работа во областа на модниот дизајн во Македонија?

Можно е, доколку не се пристапи донкихотовски кон тематиката, ако се весла во правец на течението, а не контра, можно е, и во меѓувреме дизајнерскиот печат треба да ја задржи свежината. Така и само така се издвојуваат само неколку дизајнерски имиња на модната сцена.

ivana 6

Во практична смисла, кои продукти од „Драма“ имаа најубав прием кај девојките, односно жените кај нас?

Финансиски најнедостапните, најнекомерцијалните и оние кои мене лично ми биле фаворити. Клиентелата во „Драма“ до сега е една точно дефинирана целна група со која е задоволство да се работи и не задава болки во главата. „Драма“ е препознатлива на улица, а жените кои ја носат ја фрлаат во сенка. Тоа се исклучителни жени кај кои човек воопшто не забележува што и како носат, туку ги забележува нив самите. Ете, тоа мене ме прави среќна.

Колку е битно своите колекции да ги пласирате и надвор од државата?

Многу, првенствено заради егзистенцијата, понатаму заради самиот бренд. До сега сум презадоволна од приемот и побарувањата на странство, како и од самата реакција на светскиот пазар. Во моментов тој ми е примарна цел.

ivana 7

Со што сте преокупирани во овој период?

Период на матурски прослави е, знаете, па следува и период на свадби. Во меѓувреме, заедно со партнерот Бранка Данчевска, на покана од Туба Атман, со која веќе соработувавме, ќе отвориме студио во Фетие, Турција. Понатаму следуваат Истанбул, па Цирих. Во меѓувреме разговараме за соработка со неколку театарски проекти, се подготвуваме за „Скопје дизајн вик“ (Skopje Design Week 2013). Значи, имаме доволно убави обврски во овој период.

Тони Димков

x

Check Also

Збогум Питер Линдберг, великан на модната фотографија

На 74-годишна возраст почина великанот на модната фотографија – Питер Линдберг. Линдберг ...