Ивана Лембовска: Со повеќе системи на вежби во една индивидуална програма до совршена форма!

За предностите на индивидуалните тренинзи, за резултатите од нив, за важноста на исхраната и за многу други корисни совети за постигнување на саканата цел, разговараме со Ивана Лембовска, пилатес инструктор во клубот 60 минути, која инаку, по вокација е дипломиран психолог и сертифициран фитнес и бодибилдинг инстуктор.

Ивана Лембовска

Која е предноста на индивидуалните тренинзи , дали тие гарантирано даваат подобри резултати од групните кога учесниците во тренингот меѓусебно се мотивираат?

Појдовната точка од која е потребно да тргнеме за да  ги споредиме индивидуалните и групните тренинзи се гледа во тоа кој систем на вежби се применува и за каква намена се прави тоа. Така на пример, доколку вежбаме мотивирани од рекреативни цели, сакаме забавен тренинг, дружење, поддршка од групата и релаксација од секојдневните обврски, тука групните тренинзи би имале поголема предност. Истотака, некои видови на тренинзи како што се аеробните тренинзи со повисок интензитет се доста постимулирачки и позабавни доколку се прават во група или доколку тренерот вежба заедно со вас. Меѓутоа, доколку нашето вежбање, односно тренирање е насочено кон одредена спортска цел, естетска или здравствена која е индивидуална, тогаш не може еден тренинг да биде подеднакво соодветен и ефективен за сите членови од групата. Причината за тоа може да се најде прво во членовите од групата, особено ако станува збор за хетерогена група чии членови се со различно развиен степен на тренираност, различчни цели и различни проблематични регии на кои треба да се работи. Другата причина може да се побара во типот на тренингот кој се применува. Доколку се работи за тежински тренинг во теретана, како што е тренингот за сила, технички е невозможно да се се работи во група, туку најдобри резултати дава кога таквиот тренинг е индивидуален. Индивидуалниот тренинг има голема предност во тоа што вниманието на тренерот е насочено целосно кон вас, може постојано да ве следи, да ве корегира, мотивира, да направи подобра проценка на вашите силни и слаби страни, може подобро да процени на што треба да го акцентира тренажниот процес и да ги прави неопходните измени, а со тоа и да го следи вашиот прогрес.

Со каква динамика се одвиваат приватните тренинзи, дали интензитетот може да биде 5 пати во неделата, всушност која е препорачливата динамика за наjдобри резултати?

Фрекфенцијата на тренингот најмногу зависи од тоа дали клиентот е почетник, рекреативец или напреден вежбач, од времето кое го има на располагање, како и од самите цели кои ги поставил, па може да ги реализира со тренирањето. За воопшто да би можеле да тврдиме дека се занимаваме со некоја спортска активност, потребно е истата да ја практикуваме минимум два пати неделно, континуирано, во период од неколку месеци. Рекреативното занимавање со спорт бара фрекфенција од тренирање три пати неделно. Оние кои си поставиле некоја посериозна цел, како што е на пример подобрување на спортските перформанси, зголемување на мускулна маса, топење на масти, слабеење итн. најдобро е да тренираат од четири до пет пати неделно, додека пак професионалните спортисти тренираат и по 6 пати во текот на една недела. Препорачливо е да има барем еден ден во неделата за одмор со кој би се опоравил и регенерирал организмот од претходните напори, што не е добро поради преголема амбициозност да се прескокнува тој ден, затоа што така би имале пад на перформансите, би се предизвикале контраефекти и можеме  да го доведеме телото во состојба на претренираност. Таквата состојба би можела да доведе до склоност и ризик од повреди, демотивираност за вежбање, лоша конццентрација, лоша перформанса, пад на мускулната маса и тешкотии во согорувањето на мастите. Единствена физичка активност која е препорачливо да се практикува секој ден е лесен аеробен тренинг како што е пешачењето и истегнувањата на мускули кои се веќе истегнати. Во мојата досегашна практика, искуството покажало дека надобри резултати постигнуваат клиентите кои вежбаат 4-5 пати во текот на една недела.

Инструкторката Ивана Лембовска и Марија Кочевска – сопственичка на клубот „60 минути“

Како изгледа еден сет од тренинзи? Дали ги комбинирате кардио со пилатес вежби?

Јас како сертифициран фитнес инструктор познавам и применувам повеќе системи на вежби во текот на една индивидуална програма.  Тренирањето се состои од основни тренинзи со тежини во теретана кои се наменети за сила, хипертрофија и издржливост , а кои имаат различен методски облик на работа, на кои додавам аеробни тренинзи со понизок интензитет на кардио тренажер или Hi-impact аеробик за кондиционирање и топење на мастите, а на тоа додавам и вежби од пилатес методот со кои се работи на флексибилноста, зајакнувањето на стомачните мускули и истегнувања на мускулите, а се доста специфични и не го оптоваруваат кардио-васкуларниот систем. Како што напоменав,  методот на работа, изборот на тренинзи, вежби, нивниот интензитет, комбинација и распоред е моја креација и зависи од конкретниот вежбач, целта која треба заедно да ја реализираме, како и времето кое го имаме на располагање.

Обично оние кои почнуваат со тренинг намногу ги интересира за колку време ќе дојдат до посакуваната цел, фит изглед. Навистина, колку реално време е потребно за да се „стопат“, на пример, 5 килограми?

Тука не постои општо правило за сите. За да види разлика од 5 кг. на вагата некому му се потребни две недели, додека на некој друг пет месеци и тоа не би требало да претставува основен двигател кој ќе не мотивира во процесот на трансформација и впуштањето во активниот (фитнес) стил на живот. Иако вагата може да биде добар мотиватор и показател на постигнатите промени, сепак кога станува збор за вежбачи таа не е најдобар показател во мерењето на перформансата. Доколку вашата несоница почнува да се намалува, подобро спиете, се будите гладни, вашата енергија во текот на денот е зголемена, движењата стануваат полесни, стресот, анксиозноста и депресивните сосотојби се намалуваат а истите претходно биле присутни, мускулната сила, координација, флексибилност и рамнотежа се зголемени, помалку се задишувате при извршувањето на секојдневните активности, целутитот, почнува да се намалува, облеката ви стои подобро, а околината почнува да ги забележува позитивните промени, тоа значи дека сте на одличен пат кон постигнување на целта.

Дали со ангажирање на приватен тренер се добиваат нутриционистички совети? Каква исхрана обично сугерирате?

Здравата исхрана е доста важен фактор кој значително придонесува кон резултатите од вежбањето. За одредени програми на обликување на телото е потребен строг режим, додека за други исхраната може да биде пофлексибилна.  Пристапот на исхрана кој јас го препорачувам е балансираната исхрана која дава најмногу здравствени и естетски придобивки. Не сум љубител на модерните т.н диети, кои се начини на исхрана но не се диети, како што се Дајмонд пристапот, пристапот со сирова храна, макробиотиката, кетогени диети, протеински диети, прашоци за исхрана, вегетаријански и сл. кои исклучуваат одредена група на нутритиенти, а на нивна сметка може да се јаде голема количина на други. Зборот диета не значи да се има начин на исхрана, зашто сите ние имаме некој свој начин на кој се храниме, но не кај сите тој начин е диететски. Диета значи да се живее умерено и да не се претерува во ништо, нити да се претерува во вишокот нити во недостатокот на намирници. Не постои намирница која е толку лоша за да би требало доживотно да се исфрли, нити намирница која е толку добра да би можела да се јаде во неограничени количини. Им препорачувам на моите клиенти и по некој нездрав оброк до два пати во текот на еден месец, со цел да се одржи и менталната добросотојба и одбранбените сили на организмот. Всушност, главниот предизвик на фитнес тренерот не е да ја пронајде или состави најдобрата диета, туку наш најголем предизвик во работата е како да го мотивираме клиентот да се придржува кон неа.

Која е цената на приватните фитнес програми?

За цената на индивидуалните фитнес програми како што е eдномесечната програма Маке your abs и тримесечната програма 100 дена фитнес предизвик може да се информирате во Фитнес и аеробик  клубот за жени 60 минути во Скопје или на телефоните 072/208-208 и 078/329-884.

Какво е вашето искуство со клиентите, би одвоиле ли некои фантастични резултати?

Најважно за мене е да ја оправдам довербата која ми ја дал секој клиент, при што неговата лична цел, преминува во наша заедничка цел. Се гордеам со нашите досегашни успеси, кои често се изразени во бројки, но за мене најголемиот успех го гледам во тоа дали сум ја дала неопходната, поддршка, мотивација и инспирација во промена на стилот на живот кај моите клиенти и не само во краткотрајните ефекти, туку во ефектите на подолг рок. Горда сум што кај многу клиенти сум придонела во развивањето на свеста за потребите на сопственото тело за здрави животни навики и умешноста да ја одржуваат тежината  без понатамошно јавување на јо-јо ефектот кој е неизбежен во многу други пристапи. Она што ме издвојува од другите фитнес тренери во мојата работа е тоа што како дипломиран психолог умем да вметнам соодветна психолошка подготовка во самиот тренажен процес и да ги следам разните психички поајви и состојби кои се неизбежен и составен дел од него. Од причина што тренирањето претставува воспитно-образовен процес, како добар едукатор и комуникатор во работата,  се трудам да го пренесам моето знаење на вежбачите со кои работам па така, тие имаат увид во смислата и значењето на секоја постапка и самоувид во досегашните и актуелни практики во исхраната и физичката активност.  Добрата комуникација и взаемната доверба помеѓу тренерот и вежбачот е од голема важност, а може да се каже и дека е клучна финеса во успешноста на целиот процес на трансформација.

 

Повеќе информации за активностите и термините во клубот 60 минути – ТУКА

 

x

Check Also

Мрзлив викенд е да си шопингуваш од дома преку апликација на -15%

Недела е прекрасен ден да си бидете дома, да си уживате сами, ...