Ивица Јанев: Да го измамиме стареењето со инвестиција на здраво тело

За здравиот начин на живот, за правилното вежбање и исхрана, за целосната грижа на нашето тело и изглед разговараме со персонален фитнес тренер Ивица Јанев. Тој се има стекнато со интернационални сертификати кога работел во Италија и во Америка и своето знаење го пренесува на луѓе кои се подготвени за персонални тренинзи.

Што е важно за некој кој сака да започне со здрав начин на живот?

Ивица Јанев: Здрав начин на живот треба да водат сите кои сакаат да живеат квалитетно и долго. Навиките треба да ги стекнат уште од најмали години. Но навиките можат било кога да се променат но колку подоцна, толку потешко. За да се започне со здрав начин на живот пред сѐ треба да имате добра мотивација, да знаете какви резултати сакате да постигнете, да бидете добро информирани во областа на спортот и исхраната, и секако тоа да го применувате секојдневно. Здравиот живот треба да биде воедно и животен стил.

Доколку некој нема воопшто вежбано или одамна не тренирал со какви вежби ќе треба да се започне?

Ивица Јанев: Во една куќа најпрво се гради темелот, така е и кај човекот. Мора да се започне со основните вежби и со соодветен интензитет прилагоден за таа индивидуа, потоа постепено да се зголемува интензитетот, за да има посакувани резултати. Најважно е тренингот да биде индивидуален, базиран врз основа на параметрите и мерењата направени на секој човек посебно. Параметри како срце во мирување во сооднос на крвниот притисок, масти во телото, VO2 max и останати параметри во зависност од потребите на индивидуата.

Колку храната игра улога, што е потребно за здраво да се храниме?

Ивица Јанев: Храната игра голема улога и е исто важна колку и тренингот. Тие две работи се поврзани и одат рака под рака заедно. За правилно да се храниме треба да знаеме што е здрава храна, а поголемиот дел од луѓето кај нас се во заблуда и најмногу грешат при изборот на намирниците. Ќе ви дадам едноставен примeр дека за повеќемина овошјето претставува здрава храна, а колку тоа навистина е здраво за таа личност ќе дознаеме откако ќе ги согледаме нутриционистичките вредности на конкретното овошје и дали тоа одговара на индивидуалниот план на таа личност. Имено единица мерка за енергија е С или калорија, воедно вредноста на храната се мери во калории, а од друга страна извршената активност за време на тренингот исто така се мери во калории. Од ова следува дека храната и тренингот се многу тесно поврзани.

Ти си персонален фитнес тренер, имаш работено во Америка и Италија, може ли да се направи споредба културата и начинот на живеење таму?

Ивица Јанев: Разликата е огромна. Во тие држави можам да дека луѓето повеќе инвестираат во здравјето и квалитетен и здрав живот, отколку во скап автомобил. Секогаш треба да сме свесни зошто би ни биле потребни скапи материјални работи, ако не сме здрави или не се чувствуваме удобно во сопствена кожа?! За голема поздрав е тоа што во нашата земја се крева свеста за здрав живот и спортување. Но, во поголемите случаи тоа се јавува како резултат на болест, повреди…

 

Со какви сертификати се имаш стекнато како фитнес инструктор?

Ивица Јанев: Сите сертификати што ги поседувам се од интернационално ниво и признати се секаде во светот и од секоја здравствена институција. Сертификатите кои лично ги имам стекнато и на кои особено сум горд се Issa, Pta global, Fms, Nasm и Ncsf.

Со какви барања до сега се обраќаат луѓето кои сакаат да имаат здрав живот?

Ивица Јанев: Најпопуларни се weight loss програми, или програмите за слабеење. Но, има такви и за зголемување на килограмите. Секако имам и клиенти што се обраќаат за подобрување на здравјето, стекнување на здрави навики, но тоа се луѓе со развиена свест за себе грижа. 

Би сакал да потенцирам дека кога имаат барање за програма за слабеење, јас им правам потребни испитувања – мерења, како што се проверка на крвен притисок, како работи срцето во мирување, масти во телото и со тие фактори му одредувам внатрешно и надворешно здравје, тек тогаш се буди вистинска свест кај клиентот и се загрижува за своето здравје. 

Што доколку не се придржуваат клиентите до начинот и советите кои им ги даваш, што во тој случај?

Ивица Јанев: Секако, наоѓам начин да ги мотивирам и повторно да се вратат на режимот и да ги постигнат посакуваните резултати. Без вистинска мотивација нема резултати, сами од себе нема да се реализираат.

Кои се советите до сите кои сакаат да живеат здрав начин на живот кој е тренд кај нас.

Ивица Јанев: Телото е наш единствен дом на нашата душа. Потребно е да инвестираме во него, да го негуваме затоа што друго немаме. Човекот психички е најсозреан и најискусен во своите 50-ти, 60-ти години, но за жал на нашето тело тогаш му одминува векот. Да се потрудиме да го измамиме стареењето и да инвестираме во здраво тело навреме а со тоа да го забавиме стареењето. Верувајте ми, возможно е. 


x

Check Also

Пролет во живи нијанси со New Yorker

New Yorker ни носи нова пролетна колекција во која доминираат живите нијанси. ...