Изложба на Петар Попчев: Лица и маски

Постои магија во сликарството и, можеби тоа е денес последното место каде магијата опстојува.

Петар Попчев

Петар Попчев

Од черепите во Јерихон, на кои одново во гипс се пресоздавани лицата на мртвите, од крвавите тотеми дивјачки накитени со коски, од животинските и демонските маски на танцувачите крај огнот во ноќта на човештвото, од лицето на една жена изделкано во коска од мамут од раката на ловецот, од златните маски на фараоните, од египетските разголени црнокоси убавици со набелени и наруменети лица кои свират на цитри и флејти, од одраната кожа на жртвуваните која што ја облекуваат свештениците на Инките, од восочните отисоци на лицата на мртвите претци кои во Рим живите ги носат на погребните церемонии, од мермерните попрсја на императорите, од портретите на мумиите во Фајум, од клекнатите кралеви пред божјиот престол во пурпурни одежди по кои блескаат скапоцени камење од златните мозаици во византиските цркви, од портретите на италијанските банкари во срма и во кадифе со замаглените пејзажи на Тоскана зад нив, од шпанските благородници со бледи лица во блескави црни околпи, од трговците со свила и бибер на холандските портрети со мртовечки черепи како сведоштво за минливоста на животот и распадливоста на телото, од граѓанскиот портрет на госпоѓи во шушкави свилени фустани во деветнаесеттовековните салони крај вазите со цвеќе, златните рипки во кристални топки и златноврамените огледала на новата епоха, од кубистички разградените ликови на Пикасо, од умножените лица на Мерлин Монро на Ворхол,  од  разбиените во делчиња и одново создадени лица на Чак Клоус, од зелените трупови на оние кои не знаат дека се мртви од портретите на Лусиен Фројд, Марлен Дума или Глен Браун, до денес постои потреба да се зачува од заборавот и пропаѓањето сопственото лице или лицето на оние кои не се со нас, кои одамна ги нема, но и на оние чие лице сакаме да ги запомниме засекогаш и да го зачуваме наспроти грабежливото време.

izlozba 3

Портертот претставува човеков лик забележан во еден миг на своето менување и минливост, за да трае вечно. Таа потреба денес ја задоволува фотографијата. Со појавата на фотографијата сликаниот портрет ја загуби смислата на своето постоење. Преодот од сликарство кон фотографија се случи и безбрижноста со која фотографијата ги презеде традиционалните задачи на сликарството, кои сликарството веќе не сака да ги оствари, сведочи за природен тек на нештата. Денес, фотографијата навистина го дава сè она што сликарството во деветнаесеттиот век го даваше, а таа самато се откажа од тоа. Кога денес се расправа за работата на некој фотограф, секогаш се говори за содржината на делото, за односот на фотографијата кон прикажаната тема или предмет – како што е вообичаено во традиционалната ликовна критика пред појавата на авангардната уметност. Затоа пак, за сликата сосем поинаку се расправа:  од неа се бара да открие како е создадена, да ја покаже постапката на сликањето и раката на сликарот, да не ја крие својата материјалност, да ја разбие миметичката илузија на тродимензионален простор и отворено да покаже како е изведен трикот.

izlozba 1

Со успехот на фотографијата да ги задоволи традиционалните очекувања од портретот, сликаниот портрет требаше, според текот на нештата, да исчезне. Но, тој сè уште остојува и тоа опстојува успешно. Всушност, со промената на медиумот (од сликарство во фотографија) е спасена традиционалната слика и е пренесена во новото време, вели, со право, Борис Гројс. Ослободен од обврската да создава површни слики и оптички илузии, денес портретот му се враќа на сликарството како магиска вештина, а не како магиничарска претстава и евтина забава.

izlozba 2

Сликарот решава некои од основните проблеми кои фотографот не успева да ги реши (поради природата на фотографијата). Кога сликарот слика портрет тој ја слика сликата на човекот кого го слика (како што тоа го прави фотографот). Ако сликата остане само точна транспозиција на сликаната стварност во сликата, ако нејзината смисла се исцрпи во чинот на сликање и мимесиот, тогаш таа е слика на предмет, на труп, на нешто што е мртво. Таквата слика е портрет на мртовец, а не на жив човек. Фотографскиот апарат убива и оттаму фотографите се „агенти на смртта“, вели Ролан Барт. Фотографијата не можете да го зароби човековиот дух (наспроти празноверието). Тоа може сликата. Ако сликарот не најде начин да го зароби тој дух во сликаната форма, тогаш тоа што го насликал не е ништо повеќе од мртва природа. Ако сликарот не успее во својот потфат и човекот на сликата остане без својот дух – се претвора во нешто мртво, гние и се распаѓа како и материјата од која е создаден.

Изложбата на Петар Попчев  ќе се одржи во ликовниот салон во МАНУ, в среда, (8ми октомври) во 19 часот.

x

Check Also

СРЕЌА ПЛУС за Александра и Александар од Пробиштип со Златна Рипка вредна 500 000 денари

 Александра и Александар Начеви од Пробиштип, на денот на вљубените, уловија Златна ...