Изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ се отвора утре во МСУ

Утревечер, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје се отвора изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?) со дела од колекцијата на солунскиот Музеј на современа уметност – МОМус од соседна Република Грција. Ова е историски чин за двете земји и прв ваков исчекор, МОМус од Солун да изложи значајни дела од својата разнолика и богата колекција во МСУ – Скопје.

Колаборацијата меѓу двата музеи не претставува само културна размена, туку ја степенува важноста и за поширока билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и е од огромно значење за двете земји.

Во Скопје веќе пристигнаа кураторката на изложбата Сираго Цијара, нејзините асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину. Понатаму, член и претседател на Управниот одбор на музејот, Андреас Такис и директорката на MOMus, Мариа Цацаноглу.

На отворањето на изложбата ќе бидат присутни и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис.

Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори меѓу кои: Филипо Берта, Џејмс Бридл, Фениа Котсополу, Куриаки Гони, Владан Јеремиќ и Рена Радл, Мајда Катари, Мариана Игнатики, Олег Мавромати и Борјана Роса, Вирџиниа Мастрогианаки, Елени Мајлонас, Наташа Пападопулу, Марило Понцин, Виви Тиога, Ира Валдрон, Евангелиа Басдекис, Александрос Плорамитис…

Во 21.30 часот со свој диџеј сет ќе настапи Димитрис Ангелис.

Паралелно со главната програма, во сабота на 28 септември предвидена е серија перформанси. Во 19 часот со перформансот „Во сеќавање на моите капиталистички љубовници“ ќе се претстави уметникот Томас Дијафас. Александрос Пломаритис настапува во 20.15 часот со перформансот „Сакај ме те молам“. Проектот насловен „Електронска музика и аналогни инструменти во дигитален свет“ го сочинуваат музичари и музички продуценти, кои се дел од куретната електронска и експериментална сцена во Солун. Станува збор за колективот „Ја скришив вазната“, кои настапуваат во 22 часот и Или & Тоцуко, кои ќе настапат во 23 часот. Станува збор за перформанси на анбиентален звук, импровизации и ефекти.

„Кураторскиот тим од Солун пристигна во Скопје. Уметничките дела од колекцијата на МОМус, веќе се аранжирани во просторот на Музејот на современата уметност и подготовките околу поставувањето на изложбата се пред крај. Тимот на МСУ е возбуден што успеа да воспостави ваква културна размена, која е од историска важност за Република Северна Македонија и Република Грција. Уметноста го има приматот да ги обединува луѓето за добра цел. Искрено се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи со ваков интензитет и во иднина“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ, Скопје.

x

Check Also

Утревечер светска премиера на „Врба“ на Манчевски на Филмскиот фестивал во Рим

Светската премиера на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ќе биде утревечер на ...