Како да ги замрзнете баш сите намирници – од јајца до леби и млечни производи

Забрзан стил на живот, погрешни навики, секогаш нешто ни фалеше…И одеднаш на сцена настапуваат потполно нови услови, рестрикции, опасности, чекање во долги редови два метри зад и два метри пред лицата кои се нашле во иста ситуација, дезинфекција на рацете…Затоа во текот на ограничувањата кои ни се наметнаа, стекнавме една нова навика – да се купи само од она што ни треба, од она што ни е потребно, ама од тоа да се купи повеќе. Така и треба, зарем не?

Супер. Но, храната се расипува.

Кога сте веќе дома, пробајте да ги организирате намирниците. Процесот е дури и релаксирачки.

Најпрво, фрлете се на што е истечен рокот на траење, престарите теглички со сенф и џем. Би било идеално, ако потоа, може да ја издвоите на посебна полица од фрижидерот целата храна која е пред истекот на рокот. Така ќе знаете дека таа прва е во редот, па можеби ќе ви паднат на памет некои идеи за некое ново јадење.

Но, ако и од таа храна имате премногу, послужете се со трикот да ја замрзнете.

Месо

Месото може да го замрзнете сирово или веќе термички обработено. Ако го замрзнувате сирово, обавезно отстранете ја фолијата во кое е спакувано и ставете нова фолија на тој начин да нема воздух меѓу фолијата и месото. Најдобар начин пак, за одмрзнување на месото е полека, преку но, во фрижидер. Ви требаат околу 24 часа за да одмрзнете 2 килограми месо. Ако сакате да го маринирате месото кое е замрзнато, можете. Нека се одмрзнува во фрижидерот и маринира истовремено.

Риба и морски плодови

Можете повторно да ги замрзнете морските плодови кои претходно биле одмрзнати, но имајте предвид дека со тоа губите на квалитет. Во тоа спаѓа и рибата. Рибата најдобро е да биде свежа и да се подготвува истиот ден, или да купите веќе замрзната риба. Рибата може да биде смрзната шест месеци. Ако ја замрзнувате по втор пат – 3 месеци. За шкампите важи истото, додека кај школките – прво треба кратко да се сварат и да им се отстранат луспите, па потоа да се замрзнат. Одмрзнувањето на овие намирници е исто како на месото, полека, во фрижидер, само што за нив ќе ви треба помалку време, односно 12 часа.

Леб и печива

Лебот и пекарските производи можат исто така да се замрзнат за да им го продолжите рокот на траење. Лебот најдобро е претходно да го исечете на кришки, или на помали делови, па од замрзнувачот да вадите толку колку што ви е потребно. Можете малку да го одмрзнете и да го ставите право на тостер. За питата и кифличките важи исто како и за лебот – кога ќе ги одмрзнувате оставете ги малку да отстојат на собна температура, па загрејте ги во рерна.

Може да се замрзнат и колачи, но ако имаат глазура или чоколаден прелив, имајте предвиде дека кога ќе се одмрзнат ќе бидат малку лепливи.

Млеко и млечни производи

Не грижете се, може да замрзнете и млечни производи. Млеко, павлака, свежо сирење, јогурт…Но, постои само еден минус, кој за многумина е занемарлив – кога ќе ги одмрзнете очекувајте да се појават грутчиња. Сепак и тоа е решлив проблем – само изблендирајте ги или пак, изедначете ја текстурата со миксер.

Тврдите сирења и кашкавал не би требале да се замрзнуваат зашто ќе загубат многу од својот вкус, а откако ќе ги одмрзнете ќе бидат ронливи. Исклучок се изренданите сирења и кашкавал кои слободно може да ги замрзнете и да ги користите подоцна. Особено пармезанот.

Јајца

Не замрзнувајте цели сирови јајца зашто ќе распукнат кога нивната внатрешност ќе почне да се шири. Но затоа можете пред да ги замрзнете да ги искршите, дури и да ги одвоите белките од жолчките и одвоено да ги замрзнете. Некои тоа го прават во калапчиња за мраз. Замрзнатите јајца траат до 12 месеци. На жолчките додадете прстофат сол пред да ги ставите во замрзнувач.

Овошје и зеленчук

Овошјето, што се однесува до замрзнувањето, е најблагодарно. Не само што му го продолжувате векот на траење, туку и вкусот останува ист. Лошата вест е што текстурата ќе стане неблагодарна, но затоа не постои подобра подлога за смути. Може и за компот.

Сепак, земете предвид пред да го замрзнете, овошјето треба да го излупите.

Цитрусите е најдобро наместо цели да ги замрзнете во форма на сок. Исцедете од нив, додадете изрибана коричка од истите – кога ќе ги одмрзнете ќе бидат подеднакво миризливи и свежи.

Зеленчукот пак, не е толку погоден за замрзнување. Спанаќот, зелката и кељот подобро е да се изблендираат пред замрзнување, а печурките, доматот и тиквата подобро е да се издинстаат пред да се замрзнат. Може во замрзнувач да чувате и пире од тиква.

Зеленчук кој не траба да се замрзнува е компирот, како и сите видови салата.

x

Check Also

Свечено отворање на новата книжарница на „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ – Literatura.mk Superstore

Скопје ја доби најголемата книжарница во Македонија! Новата суперпродавница на „Литература.мк“, која ...