Лице со стил: Како Милан Јанковиќ стана Филип Цептер

Еден од најмоќните луѓе во светот кој доаѓа од овие простори, Филип Цептер, е и најголем вработувач на младите кои од сите поранешни југословенски републики спасот од сиромаштијата и неможноста да се вработат во својата земја, и покрај квалификациите и одличното образование, го бараат надвор, во светот.filip cepter 4

Цептер на латински значи кралско железо и беше само прашање на време кога и Милан Јанковиќ ќе се „стопи“ во него. Во светот е обичај индустријалците на своите фирми да им ги дадат своите имиња. Сименс, Бош, Форд, Пежо…, а ова е единствен случај фирмата да го „изеде“ својот газда, но на негово задоволство.
Неговото име Милан Јанковиќ не беше некоја препорака во светот на големиот бизнис, туку во тоа време само сугерираше на „егзотиката“ од каде доаѓа. „Толку се криев зад Цептер, што луѓето почнаа да ме ословуваат како господин Цептер. Морав некако да им излезам во пресрет и така станав Филип Цептер“, еднаш отворено ќе изјави.
За разлика од тогашните големи српски бизнисмени кои тргуваа со нафта и цигари, Милан одлучил да тргува со тенџерија и лонци, иако многумина не гледаа логика во неговиот бизнис. Пред триесетина години заминува на Запад за да ја проба својата шанса, со екстремно скромен почетен капитал. Но со голема упорност, исклучителна способност за комуникација и концентрирање на работата, успева да се избори за успехот на „Цептер“. Се разбира, и со голема храброст која е предуслов за секој успех.

filip cepter 2

Тогашна Југославија ја напуштил без некое посебно работно искуство. По студиите по економија, работел во шпедиција, во меѓународниот транспорт за македонски „Транскоп“ и со 29 години заминува во Австрија за да научи германски јазик. Тоа беше во 1980-та година. А откако го научил германскиот се вработил во една надворешно трговска фирма, за плата од 1.500 марки месечно. Но за несреќа, односно за среќа на Милан, неговиот поранешен директор од Југославија, од завист се јавил во фирмата и кажал дека Јанковиќ има зелен картон, односно југословенска дозвола за работа во надворешната трговија и дека според прописите, странската фирма за која тој работи повеќе не смее да работи со Југославија. Неговиот газда Австриец го повикал и му рекол „Извинете Милан, мораме да се разделиме, бидејќи половина од мојот промет отпаѓа на работата со Југославија“. Така, по само два месеци Милан останува без работа и почнува да работи како аквизитер продавајќи тенџериња и лонци за минхенската фирма АМЦ, во тоа време најголема за продажа на садови во светот. За шест месеци станува еден од директорите во таа фирма.

По пет години успешна работа во АМЦ, достигнувајќи ја највисоката менаџерска позиција, одлучува да го основа „Цептер“ со желба да започне да се занимава со надворешна трговија. На почетокот, првата визија му била да заштеди 100.000 марки, сметајќи дека тоа ќе му обезбеди сигурна иднина за да може мирно да живее, а кога ги заработил првите 100.000 марки, рекол – ајде, до милион. Заработените милион марки пак, гарантираа пат без враќање и расположеност да се уриваат нови граници кои самиот си ги поставувал на себе. Малкумина знаат дека Филип Цептер побргу од Бил Гејтс ја направи првата милијарда (марки) промет, односно по само три години работа.

„Цептер“ го започнал со капитал од 20.000 марки и секоја заработена пара во истиот миг ја вложувал во фирмата. Веќе по шест месеци во Австрија имаше десет филијали, кои потоа се ширеа во Германија, Швајцарија и Италија. Првото седиште на „Цептер“ беше во Линц, Австрија, а првата фабрика ја купува во 1990 година, во Италија, во непосредна близина на Монца. Фабриките брзо се множат и го достигнаа бројот 11, во Италија, Франција, Швајцарија, па дури и во Кореја.
Следува патентирањето на сите производи и вложување во козметичкиот бизнис. Сметајќи дека иднината на лекувањето и превентивното лекување е во светлосната терапија, во Швајцарија купува фабрика која се занимава со производство и развој на светлосна терапија во медицината – Биоптрон. Денес ниту еден козметички салон во светот не може да се замисли без неговата биоптрон лампа.
filip cepter 3
Секогаш настапувал скромно, од втор план, целосно посветен на своите преокупации, никогаш не го истакнувал својот интелектуален ниту материјален потенцијал. На тој начин пак се ослободува од завидливите и агресивни луѓе кои на човека само беспотребно му ја одземаат енергијата.
Кога „Цептер“ стана вистинска сензација во Австрија и кога во светскиот печат за Филип Цептер се пишуваше како за „кралот на тенџерињата и лонците“, во времето на Анте Марковиќ, одлучува да ја направи првата зделка со Југославија. За само шест месеци со производите на „Цептер“ беше покриена цела Југославија. Првата фабрика се гради во Босанска Дубица, за која Милан бил емотивно врзан, зашто таму пораснал и завршил гимназија. Таму имал толку многу пријатели и семејства на кои сакал да им помогне.
„Југословенската несреќа ја доживеав толку болно што цели седум години не доаѓав во Југославија. Тоа беше некој наивен израз на револт поради се’ она што се случува, а што практично самите си го наметнавме со непромислена политика и предизвикувачките постапки“, вели Милан. Иако беше притиснат, ниту еднаш не прифати да лобира на политичко поле „за“ или „против“ било која нација од пранешните југословенски простори за време на војната.

Распадот на Југославија индиректно го забрза развојот на „Цептер“ зашто одеднаш во странство се најдоа многу стручни и способни Срби, Хрвати, Муслимани.., кои не сакаа да војуваат и кои од различни делови на некогашната заедничка држава беа протерани, обесправени и омаловажени, поради тоа што се обидоа да останат нормални и исправени. Во тој миг кога сите тие се најдоа во странство, Милан беше  првиот на кој се обратија. И тој им помогна, ги вработуваше во неговата голема компанија. Оние кои покажаа стручност, знаење и иницијатива, испливаа на менаџерски позиции и денес се директори низ различните фирми на „Цептер“ низ целиот свет.

Се разбира, приказната за Филип Цептер не завршува тука. Но, оттука е веќе позната на сите.

J. С

x

Check Also

Збогум Питер Линдберг, великан на модната фотографија

На 74-годишна возраст почина великанот на модната фотографија – Питер Линдберг. Линдберг ...