Катарина Лука: Модниот викенд во Скопје беше само првиот чекор, а веќе целите се високо поставени

Зад значењето на името на модната марка Кали Роуз стои еден моќен женски карактер. Кали „онаа која е црна“ е хинду божица која е прикажана како уништувач на лошите сили но, истовремено и како божица на креација, моќ и промена. Влечејќи санскритски корени зборот Кал значи време, а калу ја означува црната боја, која воедно е и еден вид мој заштитен знак. Целата оваа приказна се вклопува во идеологија на оваа модна марка кој има за цел да презентира едно различно време или поконкретно „dark age”.
„Веќе трета година Кали Роуз се произведува во Индија, каде што престојувам неколку месеци годишно и е на еден начин моја дома. Фасцинантна земја со големи контрасти и микс на различни култури, но по извесно време колку што ќе ја сакаш толку и ќе ја мразиш. Не е лесно да се работи и координира во тотално различен систем на фукнционирање, но палетата на материјали е огромна кои тешко би се нашле на европските простори и е доволна причина да ме држи на тоа место. Од другата страна пак, имам голема среќа да работам со една прекрасна личност во Скопје, со големо искуство, прецизност и златни раце. Со Даниела ги изработивме уникатните парчиња како што се сакоата, мантилите и панталоните, кои искочија да се мои фаворити“, ни објаснува модната дизајнерка Катарина Лука.

Од колекцијата претставена на Моден викенд Скопје

Неодамна на Модниот викенд Скопје ја претстави твојата нова колекција. Како си задоволна од претставувањето, од ефектот на Модниот викенд, кои се предностите, а кои недостатоците?

К.Л: Генерално, појавување на моден викенд во било која земја е една скала погоре за секој млад дизајнер и за моето прво претставување во Македонија можам да кажам дека помина доста добро. По природа сум доста самокритична и знам дека секогаш може да биде и подобро, но сепак „фидбекот“ на публиката и коментарите беа одлични и мотивациски за поголеми чекори. Неизбежна беше и по некоја негативна критика​ и јавни предизвици кои ми беа пренесени, секако секоја критика треба да е прифатена доколку е компетентен изворот за истата. ​​
За тимот на Модниот викенд имам само пофални зборови, одлична комуникација и организација за време на припремите како и за настанот. Единствен минус за мене беше само локацијата која не се вклопуваше во мојот концепт, за кој би биле одлични некои од локациите од изминатите години. Сепак, големо задоволство ми е што учествував и што имав можност да презентирам еден сосема различен и нетипичен стил на нашата модна сцена.

За стилот на колекцијата се послужи со инпирација од филмот „Mad Max“. Што конкретно те инспирираше од филмот? На што го стави модниот акцент?

К.Л: „Mad Max“ е мојот омилен филм, можеби повеќе поради сите бесни возила кои имам огромна желба да ги возам (се смее). Овој наслов го дадов како пример на една пост-апокалиптична фикција, која алудира на периодот по некој катастрофален настан на земјата и во денешно време е голема стилска инспирација за многу дизајнери. Најголема инспирација од филмот ми е протагонистичкиот карактерот на Фуриоса, храбра, силна, паметна и во заштитничка улога. Таа жена-воин се појавува во секоја од нас во текот на животот.
Повеќето комбинации од колекцијата се женски и презентираат еден различен стил на жена која не подлежи на социјалниот портрет на инфериорен пол. Како што може и да се забележи, во колекцијата преовладува црната боја која асоцира на моќ, мистерија, авторитет, а воедно и на елеганција. Во комбинација со кожните детали, доаѓа до полн погодок на бунтовниот женски карактер во стереотипното општество. Мислам, да не речам и сигурна сум, дека во секоја наредна колекција ќе биде присутен истиот дух.

Меѓу 25-те дизајни кои ги претстави имаше и машки модни парчиња. Каков е интересот на мажите за шопинг на вакви, „пооткачени“ модели?

Wow, не го очекував тоа.  Иако беа само 5 комбинации, уште на самата ревија веќе неколку парчиња беа резервирани. По една недела организирав и шоурум во одличниот амбиент на „Public Room” каде што имаше поголема потрошувачка од страна на момците. Дефинитивно од следната колекција ќе има и поголема концентрираност на машкиот пол. Пријатно сум изненадена за интересот по Модниот викенд во Македонија, која за мене е сеуште едно конзервативно општество, во кое на улица сигурно ќе се сврти некој, а и искоментира, најчесто во негативна конотација за одредено „пооткачено“ парче. Но, полека се будиме и се надевам наскоро ќе се приближиме кон европскиот стил како и во модата така и во свеста. Како и да е, браво момци,ме инспириравте!

Твојте дизајнерски парчиња се главно иснпирирани од уличната мода. Кои „улици“ ти се поголема инспирација – оние кои ги чекориш во Шведска, каде што престојуваш, или нашите, скопски?

Скопските дефинитивно не, затоа што не живеам веќе долги години тво Скопје, доаѓам ретко и нешто да ми падне во очи е реткост, а најчесто се тоа поединци кои исто така не живеат во Македонија. Доста патувам низ светот и најчесто се движам на андерграунд сцената која е поврзана со електронска музика, на која модниот стил е доста различен од класичните модни трендови. Во последните 5 години живеам на релација Индија- Европа, поконкретно во Гоа и во Шведска, а во летниот период посетувам разни фестивали во Европа. Нa овие простори луѓето се отворени кон алтернативниот стил, се случува модна револуција во која секоја индивидуа се идентификува со начинот на живеење, од хипи-бохемиан па се до стимпанк-готски стил. Еден таков фестивал на глобално културно движење кој ми е број 1 на листата е „Burning Man”, неколку дневна „метропола“ среде пустина која максимално инспирира. Сепак, пост -апокалиптичниот стил мене ми е најблизок, со кој една жена треба да изгледа моќно, а воедно и женствено.

­

Што е следно, планираш ли нова ревија, можеби овојпат во Шведска?

Одговорот на ова прашање е големо „да“, ова е само почеток, низ кој ќе се чекори со прогрес се до успех. Патот е долг, угорници и удолници ќе има, но со фокус и мотивација се стигнува до секоја крајна цел. Веќе добив покана за на Балканот, но онаа која повеќе ме возбудува е поканата за New York & LA, но јас би одела чекор по чекор без брзање а повеќе информации ќе споделам кога ќе дојде време. Дефинитивно, мојата имагинација за креација повеќе се вклопува во модните идеи на скандинавските простори и верувам дека ќе проследи со уште поголем успех. Модниот викенд во Скопје беше само првиот чекор и предизвик кој сакав да го искусам, а веќе целите се високо поставени.

Каде може да ги купиме твоите дизајни?

Сконцентрирана сум онлајн продажба, но во Шведска сум низ доста настани присутна со поп-ап продавници,  а наскоро и во неколку продавници. Конзумирачкиот маркет во Скандинавија е доста сконцентриран на онлајн купување, дури и за основни секојдневни намирници се користи овој начин на пазарување, со што ми се олеснува во идеата за онлајн продавница. Користам Фејсбук, Инстаграм и Еtsy, едноставна и популарна платформа во Европа и Америка, топло ја препорачувам на секој креативец. За жал или пак, за среќа, во Македонија не „фигурирам“, така да заинтересираните може да ги проверат следните линкови:

www.facebook.com/kaliroseclothing

www.etsy.com/shop/KaliRoseShop

www.instagram.com/kaliroseshop

 

фотографија – Дејан Бошковски

x

Check Also

MAJORICA, отмен накит за празнично да блеснете, а совршен и за подарок!

Во новата колекција на Majorica најдовме голем избор на бисерен накит кој ќе го ...