Книгата „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ објавена во издание на „Арс Ламина“

Книгата наменета за сите идни дизајнери, „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, деновиве е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“. Станува збор за прва книга од ваков тип кај нас, којашто им излегува во пресрет на фантазијата и на желбата на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност.

‒ Идејата за оваа книга произлезе од мојот интерен учебник што го имав подготвено за студентите на Технолошко-металуршкиот факултет каде што им предавав на студентите на Институтот за текстил, сè до моето пензионирање пред 15 години. Го дополнив и со други поглавја за да го направам достапен за неговата намена. Ова е прва книга од македонски автор од ваков вид литература или поточно ‒ учебник. И покрај тоа што денешните млади, кои се определуваат во иднина да се занимаваат професионално со модата, знаат странски јазици и полесно ги наоѓаат информациите за модата во литературата на англиски или на француски или, пак, на интернет, сепак, убаво е да имаат и четиво на мајчиниот јазик. Книгата е наменета најпрвин за оние што имаат желба да се определат да учат во средните уметнички и текстилни училишта, но и за нивните родители, за да видат и да разберат што сè треба да се научи за да се стане моден дизајнер. Да сфатат дека тоа е една сериозна, напорна и комплексна наука и дека за неа покрај талентот е потребна и силна волја, упорност за да се успее. Секако е приспособена и за учење во средните училишта, а за студентите е еден вид водич што сè треба да се знае за да се биде моден дизајнер ‒ вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Книгата е поделена во шест тематски поглавја и систематично се осврнува кон сознанијата што секој иден моден дизајнер би требало да ги совлада, за да се стекне со знаењето и вештините на оваа дејност.
Со оваа книга идните дизајнери постепено ќе навлезат во работниот и мисловниот процес на создавање мода. По уводното објаснување за целта на оваа книга, првото поглавје е наменето за тајните на модниот цртеж и како тој треба постепено да се совладува. Ги има сите основни информации за човечката фигура и како се совладува цртањето на модната фигура. Второто поглавје е запознавање со светот на модата, какви видови мода постојат, кому се наменети, кои се целните групи и клиентите за кои сакате да создавате и креирате. Третото поглавје е наменето на истражувањето, за собирањето инспирација, идеи и информации за она што сакаат да го креираат, а четвртото поглавје информира што сè треба да се има во работно катче, какви материјали и алатки, за да се почне со креирање и изведување модели. Петтото поглавје веќе станува малку покомплексно, тука се почетоците на совладување на основниот крој за правење и изведување на моделот што го нацртале. И на крајот, шестото поглавје – „Мојата прва колекција“ – упатува како да се почне работата како моден дизајнер.
На последните страници од книгата, вклучени се и кратки биографии и фотографии од модни колекции на тројца македонски успешни модни дизајнери, коишто успеваат да изградат светско реноме преку својата работа.

Зорка Тодорова-Младеновиќ деновиве ја доби престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020 година. Признанието го доделува управниот одбор на Кинотеката на Република Северна Македонија, на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

− Ме израдува веста дека заедно со актерот и режисер Коле Ангеловски сме годинашни добитници на наградата на Кинотека, „Златниот објектив“. Благодарна сум што помислиле на мене. За мене ова признание е од големо значење, бидејќи ја одбележува и заокружува мојата долгогодишна кариера како костимограф. Чест ми е што со наградата им се придружувам на великаните на филмската индустрија, од кои со голем дел од нив имам соработувано и носам убави професионални спомени – вели таа.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн.).

Во 1977 година како стипендист на француската влада оди на специјализација во Франција, на Школата на синдикатот за висока мода, по што почнува поинтензивно да се занимава со модно креирање и реализира повеќе авторски модни ревии. До 1991 година работи во ПОС „Интекс“ како моден дизајнер за македонската модна индустрија и конфекција, изработувајќи сезонски колекции наменети за саеми, производство, ревии и пропаганда. Во 1985 почнува да предава на Факултетот за ликовни уметности во Скопје по изборниот предмет Модно креирање, а се пензионира како вонреден професор по предметите: Модна креација, Уникатно креирање и Историја на облека на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Авторка е на монографијата за градот Кавадарци, „Вистински приказни за вечни сеќавања: Кавадарци (1900 – 1945)“, како и на учебникот „Конструкција, моделирање и градирање на основни кроеви на уникатна женска облека“ (во коавторство со проф. д-р Соња Ќортошева). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонски дневни и периодични изданија, а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.

По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.

Книгата „Како да станам моден дизајнер?“ веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13691

x

Check Also

Holidays of a Lifetime, лежерно лето со MANGO

Карли Луис е главно лице во новиот едиторијал на Манго насловен Holidays of a ...