Колекцијата „Тесори“ ќе го предизвика вниманието на жени со изграден стил

Дизајнерката на накит, Илина Поповска, својата најнова колекција со наслов „Тесори“ (Богатства) ќе ја претстави на 25 и 26 октомври во салонот Ауди/Порше Македонија во рамките на десетото издание на Моден викенд Скопје.

Ilina Popovska nakit foto

Почетокот на дизајнерската работа на Илина Поповска е во 2005 година, кога почнала да ги открива тајните на филигранскиот занает во „Златара Рубин“. Оттогаш целосно се посветила на благодорната вештина за креирање накит, а своите искуства постојано ги проширува и усовршува. Нејзиниот талент е очигледен, а тоа досега го посведочија нејзините три самостојни изложби.

Со нова изложба ќе се претставите на 10. Моден викенд во Скопје. Што во суштина ќе донесе изложбата?

Овојпат тоа се ексклузивни парчиња современ накит, масивни и впечатливи, но сепак, нежни. На изложбата се претставувам со малку поинаков дизајнерски пристап во однос на претходните колекции.

Познато е дека изработувате филигрански накит од сребро, но користите и дрво за изработка на модни предмети. Што точно ќе биде застапено на изложбата во рамките на Моден викенд Скопје?

Игра од облици, бои и материјали. Во основа, станува збор за накит создаден од дрво со филигрански детали, сребро и полускапоцени камчиња.

Дали тоа ќе биде самостојно претставување и како планирате да го аранжирате просторот во кој ќе биде поставена изложбата?

Настапот на Моден викенд Скопје е моето четврто самостојно претставување. Организаторите на Моден викенд се одличен тим за соработка, така што верувам дека крајниот резултат од начинот на кој е аранжиран просторот ќе ѝ се допадне и на публиката.

Дали изложбата носи нова приказна, порака, мото?

Колекцијата „Тесори“ (Богатства) е составена од два различни дела, различни моменти на инспирација подеднакво интересни за мене. Ако погледнам подлабоко, би кажала дека пораката што ја пренесувам е љубовта кон животот. Животот е убав дар, сакајте го!

На која целна група, или генерација, ќе бидат наменети парчињата накит? Дали може да се поврзат во контекст на одредена модна колекција?

Мислам дека во оваа колекција може да се пронајдат и повозрасни жени и девојки. Тука не игра улога возраста, туку вкусот. Може да се каже дека ова се парчиња накит за жени со изграден стил. Самата по себе „Тесори“ е колекција на накит која што мислам дека најлесно ќе се вклопува во поелегантен стил на облекување.

Според искуствата што досега ги имате стекнато, колку дизајнерите на накит успеваат да си го пронајдат своето место на мапата на креативните индустрии во Македонија?

Сѐ е процес, раст и развој.

Т.Д.

x

Check Also

Накит за на плажа 2015: Никогаш доволно од него!

Модните додатоци како чантата за плажа, шеширот и марамата не се единствени ...