Kраткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на Кино око е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал

 

Краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на Кино око е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм.

„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за Кино око бидејќи прв пат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска“. – изјава од продуцентот Роберт Насков.

„Премногу сум среќна за успехот на нашиот филм и бескрајно благодарна на сите кои ме поддржува во секој чекор“. – изјава од режисерката Марија Апчевска-Петровска.

„Ова е навистина маркантен успех за македонската кинематографија, особено заради фактот што последниве неколку години ние во континуитет сме присутни на Канскиот филмски фестивал со малцински копродукции и соработки, но овојпат е навистина исклучително за нашата кинематографија што оваа година со македонски национален филм сме во официјална селекција на најпрестижниот и најгламурозниот филмски фестивал во светот. ʻСеверен полʼ на Марија Апчевска е еден од десетте селектирани филмови во официјалната селекција за краток филм, а тоа е неспорна препознатливост на македонскиот филм и македонските автори, потврда за нивниот квалитет, креативност, оригиналност и автентичност во изразувањето на големото филмско платно“. – изјава од Агенцијата за филм.

Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков и сценарист и режисер Марија Апчевска-Петровска.

„Северен пол“ е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од Сервиа филм, Миодраг Поповиќ од форГрејд и Петер Шекереш од Тиволи филм. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Филмскиот центар на Србија.

x

Check Also

Започна продажбата на HUAWEI MateBook 14s на македонскиот пазар

Потрошувачите кои ќе го купат уредот до 31 јануари 2022 година добиваат ...