Крсте Роџевски со својот њујоршки ол-стар бенд на Офф-Фест

Македонскиот композитор, гитарист и пејач со кадифен глас Крсте Роџевски, кој повеќе од дваесет години живее и работи во Њујорк, ќе одржи ексклузивен концерт во рамките на годинешниот ОФФ-Фест, на 3 јуни во МОБ. Во оваа прилика тој ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани), практично јадрото од екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговите композиции. Ова ќе претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски од неговите три албуми: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според реномираните списанија „Даунбит“ (Downbeat) од САД и „Вајр“ (Wire) од Велика Британија.

Роџевски своите почетоци ги бележи во деведесеттите години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев на неговиот албум “Love Is The Way”.

Крсте Роџевски е второто потврдено име на ОФФ-Фест 2019, покрај африканската дива Фатумата Дијавара, чиј настап е закажан за 5 јуни, исто во МОБ. Комплетната програма на 18-то издание на ОФФ-Фест, што ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје, ќе биде објавена во текот на следната недела.

x

Check Also

 Винаријата „Сковин Група“ со новата берба ја продолжува традицијата на производство на вино од Скопскиот регион

Со бербата на грозјето Шардоне продолжува традицијата на производство на вино од Скопското виногорје. Винаријата „Сковин ...