Лагерфилд: Подготвен сум на се’, зашто немам ништо!

„Јас сум некој вид на куртизана во овој занает, со лоши навики и многу барања. Во никој случај не сум Дон Кихот“.

karl 1

Во детството имаше се’ што е потребно за среќа. Но тој мразеше да биде дете. Отсекогаш сакаше да биде возрасен. Никогаш не можеше да се замисли себеси во фармерки, а од 4-та година беше облечен во костуми. Од мал се облекуваше кај најпознатиот кројач во Германија. Ги криеше годините, се правеше постар отколку што беше. Таа негова „лага“ му овозможи предвреме да се пријави на еден конкурс за мода и да ја добие првата награда. Најголемиот креатор на сите времиња Карл Лагерфилд беше роден богат, но секоја паричка што ја заработуваше беше само негова.

Израснат е во аристократско семејство, мајка му се омажила многу млада со цел да живее комотен живот. Таа беше жена која само наредуваше, која гледаше на животот како од облаци. Таткото на Карл, 20 години постар од неа, заработувал одлично патувајќи низ светот, а таа пак по цел ден свирела на виолина и ги преведувала шпанските и француските автори. Потоа, преведените ракописи ги кинела. Еден ден без збор ја вратила виолината во својата кутија и повеќе никогаш не ја допрела. Таа го натера Карл да свири клавир, а еден ден му рече „затвори го клавирот и земи да црташ. Тоа е помалку бучно!“. На таванот, кога не црташе, Карл ги прелистуваше списанијата кои редовно ги купуваше неговата мајка. Имаше единствен сон – да живее во Париз.

karl 2

Мајка му го постави условот – „за да живееш во Париз, прво научи го совршено францускиот јазик“. Така и беше. По прочуениот Вилмарков конкурс во Париз на кој победи Ив Сен Лоран, животот на Карл значително се промени. Потпиша 5 годишен договор со Пату каде работеше како уметнички директор. Потоа работеше за Криција и за други италијански модни куќи. Во 1965 година ги нацрта првите колекции за Фенди. Најпосле, во 1989 година му предложија да работи за Шанел.

karl 3

„Сите ми велеа да ја одбијам работата зашто таа куќа беше пред пропаст“, се сеќава Карл. Но не ја одби. Оние кои имаа можност да бидат сведоци на новото креирање на имиџот на Шанел беа сведоци и на неговата генијалност. Големиот „диктатор со опавче“ од прочуените ремени Шанел со златни синџири направи синџири во три различни должини кои висеа на колковите на манекенките закачени на еден голем златен лист. Шанеловите легендарни бисери станаа големи како пинг-понг топчиња и како топчиња за голф. Но тоа не беше она „најлошото“ – за Шанел мода ги прогласи и мрежастите чорапи, чевлите со потпетица ала Мини Маус, хард-рок јакните и кожените баретки. И додека останатите дизајнери шепотеа дека Мадмоазел сега се превртува во гробот, Карл ги собираше овациите на публиката. Некои модни критичари ја нарекоа неговата работа вулгарна. А Лагерфилд одговараше дека парите се единственото нешто што нив ги интересира. Знаеше дека на некој начин мора сосема да го уништи Шанел, за повторно да го оживее. Револуцијата можеше да се насети кога тој ги скрати долгите фустани во мини. Староста на клинетите се спушти од 50 години на 30. Новиот Шанел всушност стана задолжителна облека за секоја жена која мисли да успее во животот.

karl 5

Израснат во изобилство и воспитуван во атмосфера на ексцентричност и уметност, Лагерфилд се згрозуваше од недостатокот на луксуз во Париз. Животот во светот на високата мода не беше ни приближен на оној за кој тој сонуваше. Во модниот свет единстевн соперник му беше Ив Сен Лоран. Беше престрог со оние со кои работеше, но престрог и кон себеси. Многу од неговите нацрти завршуваа во корпата за отпадоци. И додека многумина мислеа дека големиот креатор води монденски живот, тој го минуваше времето затворен во лускузната куќа, сосема сам, каде што читаше и пишуваше. Во секој миг би можеле да очекувате дека е подготвен да потроши половина милион долари на една единствена столица која би ја додал на својата колекција мебел од 18-от век.

Карл Лагерфилд отсекогаш најдобро се чувствувал во друштво на самиот себе, во една од неговите осум луксузно наместени вили. Од сите, онаа во Англија засекогаш му го зароби срцето. Таму во една капела се погребани неговата мајка и неговиот долгогодишен пријател Жак Бешер, аристократ со истенчен вкус кој почина од Сида во 1989 година, на 39 годишна возраст. Неговата смрт остави длабока празнина во душата на Карл.

karl 4

Пред многу години една видовите жена му претскажала дека малите црни жени ќе бидат клучни во неговиот живот. И тоа го следеше. Прва таква беше Габриел Агион, половина Египѓанка, половина Французинка. Таа го воведе во модниот занает во 1963 година вработувајќи го во нејзината модна куќа Кло. Тука ја стекнува славата во текот на 70-те. Во Шанел ќе го внесе втората мала црна жена Кити Д Алецио, директорката на американскиот Шанел. Подоцна во неговиот живот ќе се појави третата – Инес де ла Фресанж, темната грофица која стана икона на Шанел со која тој бурно се раздели. И за инает на судбината по неа ја ангажираше високата и русокоса Клаудија Шифер.

karl 6

Лагерфилд е крајно дисциплинирана личност. Не му требаат луѓе за да биде среќен. Тој е постојано задлабочен во своите мисли и соништа. Апсолутен господар на својот живот. Дисциплинираниот ден му почнува со зората со ментален аеробик. Сосема искрено е посветен на идеалот од 18-от век. Ги чита биографиите на големите луѓе, зборува четири јазици, скицира и слуша музика.

karl 7

Понекогаш поминуваат и недели без ништо да му испорача на својот тим. Но тие работејќи со години со ексцентричниот гениј, веќе добро го познаваат. Знаат дека може да „влета“ и на полноќ со куп извонредни нацрти. Запрашан дали се смета себе за среќен човек, Карл одговара – „знаете, среќата не значи ништо. Единствената личност за која навистина ми беше грижа почина. Сега веќе за ништо не ми е грижа. Од друга страна пак, тоа ми дава совршена слобода. Сега сум подготвен на се’, зашто немам ништо“.

x

Check Also

Жорж Ежен Осман, човекот кој го смени лицето на Париз

Жорж Ежен Осман, познат и под името барон Осман, понекогаш и како ...