LUX films days се одржуваат во Битола до 8-ми ноември

Киното на Центар за култура Битола е единственото кино во државава кое ќе се вклучи во симултаните филмски проекции кои се емитуваат од 6-ти до 8-ми ноември во 25 избрани кина од 20 европски земји.  Она што особено го прави среќни е фактот што во трите филмови финалисти за оваа награда е и македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска. Овој проект е познат ширум Европа по пан-европски симултани проекции на филмовите кои се во трка за наградата LUX FILM PRIZE за најдобар европски филм, во различни градови и држави, во идентичен тајминг.

„Киното при НУ Центар за култура Битола е селектирано, заедно со 25 други кина од над илјада европски кина, што ни претставува огромна радост. На 6-ти ноември во 20:00 часот одржавме бесплатна кино проекција на која беше прикажан македонскиот филм-кандидат за наградата, а по проекцијата во живо од Лондон на големото платно во Центарот за култура 700 посетители ја следеа сесијата со прашања и одговори организирана во рамките на овој значаен настан посветен на оваа престижна филмска манифестација во Европа. Ги покануваме сите љубители на филм да повелат до 8-ми ноември и да ги проследат проекциите“ вели Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура Битола.

Наградата LUX од 2007 година ја доделува Европскиот парламент за достигнувања во кинематографијата. Наградата го насочува вниманието кон јавната дебата во Европската Унија и нејзините политики, и дава потпора за ширење на европските копродукции. Деновите на LUX филмовите се организираат во текот на есента во повеќе од 40 градови во Европската Унија и се видлив израз на ангажманите на Европскиот парламент во подрачјето на филмот и културата.

Филмовите кои се во финалниот избор се прикажуваат во 28 држави на ЕУ.

За нашиот кандидат: Филмот Господ постои, името ѝ е Петрунија, е во режија на Теона Стругар Митевска, а улогите ги толкуваат Зорица Нушева, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Виолета Шапковска, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Илија Волчески, Стефан Вујисиќ, Андријана Колевска, Владимир Тулиев. Во Штип, секој јануари, локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката и стотина мажи се нурнуваат по него. Добра среќа и просперитет се загарантирани за оној кој ќе го фати. Овој пат, Петрунија скока по крстот и успева да го дофати крстот пред другите. Останатите натпреварувачи се бесни, како се осмелува една жена да учествува во нивниот ритуал? Се превртуваат небо и земја, но Петруија цврсто стои на земја – таа го фати крстот и нема да го предаде. Филмот е добитник на бројни награди и се прикажува на престижни фестивали и во редовни кино проекции низ светот.

x

Check Also

Неделен хороскоп (18. до 24.ноември): Топ знаци на неделата – Шкорпија, Вага и Стрелец

Оваа седмица и планетата Марс е во знакот на Шкорпија. Раковите, Овните ...